Достапни линкови

Политичкиот популизам во земјава со години се користи за да се ублажат социјалните тензии, со тоа што се задоволуваат емоциите на граѓаните и попатно им нудат „некои други виновници“ за сето она што ги притиска луѓето. Мали проекти и институционални шминкерски промени кои не решаваат суштински проблеми.

До шест илјади евра ќе добијат оние граѓани кои следната година од град ќе се вратат во село и ќе обноват или изградат куќа, вети поранешниот премиер Никола Груевски презентирајќи ја новата партиска програма. Понудата е бесплатно три хектари државно земјиште и парична помош секој месец во висина од 15 илјади денари за следните 18 месеци и шест илјади евра за изградба, реновирање или купување на куќа.

„Ова е една шанса повеќе за оние кои се невработени или имаат многу ниски примања во семејството“, изјави Груевски.

Но проблем се јавува во пристапот кон селата, како и недостатокот на квалитетна водоводна и електрична мрежа .

Владата веќе спроведе низа мерки за кои тврди дека ќе го подобрат квалитетот на животот на студентите и пензионерите. Мерките беа бесплатен железнички и автобуски превоз, бесплатна бања и скијање за пензионери. За студентите беа ветени нови универзитети и доколку имаат потреба и бесплатна корекција на диоптрија за студентите.

Но од Студентскиот пленум се побунија, рекоа дека не им се потребни ниту контактни леќи ниту очила.

Можеме да кажеме слободно дека диоптерот на младите им е 20 од 20, па можат од далеку да видат дека ова е уште едно популистичко предизборно ветување кое секако нема да доведе до подобро вистинско образование.

„Можеме да кажеме слободно дека диоптерот на младите им е 20 од 20, па можат од далеку да видат дека ова е уште едно популистичко предизборно ветување кое секако нема да доведе до подобро вистинско образование“, вели преставничката на Студенсткиот пленум Деа Здравковска кој смета дека ниту фитнес центри ниту базени ниту студентски фестивали нема да го подобрат квалитетот на образованието.

Владата промовираше и проекти за социјално ранливи групи и за земјоделци и субвенционирање на песни за патриотска душа. Груевски подготвувајќи се за избори тргна во остварување на желби, па на селаните од Морани им донесе нова автобуска станица.

Еден човек, а толку многу проблеми

Неговите активности во изминатава година посветени на проекти на Владата на која повеќе не е претседател беа следени од многу медиуми. Ветувајќи им лично дека ќе им донесе решение на граѓаните како претседател на владејачка партија ја избриша границата меѓу партијата и државата.

Според политикологот Митко Гаџовски, ваквото претставување на Груевски во јавноста е во функција на предизборна кампања, но тоа го демантира целиот систем на државата, затоа што ако е доволен еден човек да ги решава проблем зошто тогаш има потреба од министерства.

Главна карта на неговото владеење е популзимот, тој се наоѓа во секоја ситуација и секаде и таму каде што треба и таму каде што не треба, се со една и единствена цел, да биде присутен по медиумите и да составува слика дека тој цело време работи.

„Главна карта на неговото владеење е популзимот, тој се наоѓа во секоја ситуација и секаде и таму каде што треба и таму каде што не треба, се со една и единствена цел, да биде присутен по медиумите и да составува слика дека тој цело време работи“, вели Гаџовски.

И опозицијата во периодот кога веруваше дека ќе има избори излезе со програма за 65 илјади нови работни места.

„Преку овие мерки сакаме да создадеме економски амбиент да се реализираат нови реални вработувања, со тоа повисока минимална плата, повисока просечна плата, да овозможиме повисоки пензии.“

Ова се популистички проекти кои се лесни за увото на граѓаните а не решаваат суштинските проблеми, велат аналитичарите.

Проекти „ми текна“

Алексадар Цветкоски од невладината организација Агтис вели дека тоа се најчесто недоволно промислени проекти.

„Добиваме фараонска политика, оценил некој дека е потребно ова и ова, а од каде оценивте дека ова и ова е потребно? Имавте јавна дебата, прашавте стручњаци, направивте панел? Значи никој не може да каже зошто нештото се прави, да тоа е потребно и корисно. Кој знае дали е потребно и корисно? Тоа е неизмерено, така фараоните одлучувале. А добро е да се направи пирамида, зошто ? Па затоа што има четири агли.“

На граѓаните со години им се презентираат нови проекти кои власта не ги ветила, но ете сега ќе ги реализира, и покрај тоа што за нив нема обезбедени средства во годинешниот буџет. Ваквите популистичките мерки се користат за ублажување на социјалните тензии, со тоа што ги задоволуваат емоциите на граѓаните и попатно им нудат „некои други виновници“ за сето она што ги притиска луѓето, велат аналитичарите. Популизмот може да се дефинира како политика која за целта за остварување на своите интереси ги користи емоциите, предрасуди, и стравови на народните маси нудејќи грубо поедноставни и површни решенија за сложени општествено политички проблеми.

Популизмот често се повикува на таканаречените здраворазумски аргументи т.е. „она што е нормално“ го заведува народот со големи ветувања, што навидум се добри само за одредена група граѓани, но често се без покритие и конкретна анализа за очекуваните ефекти од нив.

Љупчо Петковски од Македонскиот центар за европско образование смета дека нема ништо лошо што досегашната влада креирала мерки кои таргетираат групи што досега традиционално биле исклучени од општеството.

„Лоша е самата обмисленост на тие мерки, дали се издржливи, дали на долг рок би дале резултати, и реално оддржливо би ги вклучиле луѓето кои што се биле запоставени од општеството во тековите негови. Не гледам ништо лошо во идејата да се вклучат што е можно повеќе луѓе што се исклучени туку во начинот на кој тоа се прави. “

Петковски вели дека протестите кои ни се случуваат покажуваат дека многу луѓе се чувствуваат исклучени од општеството, дека не веруваат во институциите и во државата, народот на улица бара воспоставување на основни вредности владеење на право и добри правила за игра, а тоа треба да резултира со создавање на нов поздрав и позитивен популузам.

„Значи еден популизам, лош, либерален, со националистички елементи би можеле да го замениме и со нешто подобро, така што, некако би идел со една контратеза е она што и фали на Македонија е популизам. Не смееме да мислиме дека популизмот е само врзан со десните партии, со национализмот, со оние што викаат дека треба да ни ја вратат сувереноста, што продаваат такви митолошки приказни на широките народни маси, туку е поврзан и со попрогресивната политика. И тоа треба да се работи на тоа.“

Наместо решенија - шминка

Промени што треба да им го олеснат животот на граѓаните се само шминка, се усложнуваат процедурите и ги оттргнуваат граѓаните од потрагата по институционална разрешница, вели Цветковски.

„Во судовите се фалат дека многу ги решавале случаите, но ние ако земеме законот за парнична постапка и колку го усложнува пристапот кон правдата и посебно колку скапо мора да биде да појдете на суд, затоа што вие со самата тужба мора да ги направите сите вештачења, па требало не требало.40 до 50 илјади денари ви треба да пристапите до судската правда. Не може тоа да се крсти како доверба на граѓаните во институциите туку тоа е затворен пристап на граѓаните до правдата, затоа се подобруваат рејтинзите дека судовите се повеќе нешто решаваат но во суштина не е така.“

Нејасноста на законите и нивната честа промена во однос на тоа што е легално а што казниво ја става администрацијата во поволна ситуација со што и ја зголемува моќта на толкување на законите и нивната примена. Резултатот од институционални промени кои треба да им го олеснат патот на граѓаните до правната разрешница всушност служат за прикажување дека е спроведена проевропска легислатива од една страна но од друга страна пак во пракса значат укажување на граѓаните каде односно на кој локален моќник треба да се јават и да побараат услуга за да им се реши проблемот.

Политиката препознатлива за оваа влада е дека за сериозните прашања се обидува да ги менаџира на дневно ниво без стратегија и квалитетна анализа, но тоа не е специфичност на популизмот објаснува Петковски.

„Тоа го гледам како специфичност на нивните клинетелистички механизми кои ги користат.“

Професор Никола Дујовски вели дека од ВМРО-ДПМНЕ го користат секој момент за да бидат присутни во јавноста. Тој смета дека овој пат нема да вроди со плод сечењето ленти како што се надева партијата на власт затоа што на народот овој пат му е потребно нешто друго.

„На македонското општество му треба нешто друго, многу повеќе од некаков пат или сечење на панделки, треба да оздрави општеството на тоа треба да се насочат. “

Во меѓувреме политичарите без престан се обвинуваат за популизам, и власта и опозицијата ги етикетираат своите опоненти популисти кои многу зборуваат, а ништо не прават за народот.

Еден од проблемите на популизмот во Македонија е националистичката реторика која го поделува општеството нудејќи им виновници кои се платени од странски фактор, а при тоа не им ги решава основните животни проблеми велат аналитичарите. Петковски вели дека тоа е балкански проблем, секогаш кога властите се соочуваат со големи кризи прибегнуваат кон митолошки приказни поврзани со идентитетски и патриотски прашања за да им дадат некаква сигурност.

Претседателот на владејачката партија Никола Груевски, при промоцијата на проектот „од град во село, за нов почеток“ порача дека „Нема поголема сила од народот, а секој кој тргнал против народот оди кон пропаст“, цртајќи јасна граница меѓу „ние кои сме со народот“, и „оние кои се од другата страна“.

Популистите во Македонија покажува божемна сила за склоност кон радикални решенија, склони се кон теории на завера поткрепени со страшни странски сили и презир кон интелектуалците кои бараат видливи резултати, претставувајќи ги како непријатели, платеници или виновници за тековните случувања. Примери за тоа може да бидат и текстовите на дел од медиумите кои важат за провладини кои во изминативе неколку дена обвинуваа дека во протестите кои се дел од таканаречената „Шарена револуција“ се инфилтрирани Срби, Албанци и Грци.

Популистите со задоволство ги користат зборовите татковина, нација, народ, вера, семејство, чест, образ единство слога народна волја а една од најомилените фрази им е во „име на народот“. Популизмот се етаблира како основа за методологија на зачувување и ширење на тоталитарни мислења и постапки во млади демократски општества. Популизмот најлесно расте на тло на кое има тоталитарно наследство и во услови на континуриана криза.

Порастот на популизмот во западниот свет го отвори прашањето дали тоа може да доведе и до пропаѓање на сегашните современи држави. Весникот „Фајненшал тајмс“ објавува напис во кој се наведува дека тоа може да се случи доколку политичарите не бидат подготвени да преземаат ризици и да не мислат како да останат на власт.

Гоце Атанасов

Неуспехот на таканаречените софистицирани држави, е рак кој ги јаде западните општества и го поткопува либералниот светски поредок што досега го одржуваа токму ваквите држави. Засега се функционира како што и би требало во зрелите демократии во развиениот свет. Изборите се фер и слободни.

Судовите и даночните власти работат. На полицијата главно може да и се верува, корупцијата е на релативно ниско ниво и, пред се, институциите на јавната администрација функционираат како што треба. Со други зборови, ниту еден од класичните елементи на државен неуспех не се присутни. Сепак, ништо не е завршено, пишува Жан Тишо, директор на Карнеџи Европа во написот објавен во Фајненшал тајмс.

Веќе триесетина години западните политичари ветуваа промени, како реформи на пазарот на трудот, пензискиот и даночниот систем и образованието. Ветуваа и помалку бирократија. Но, со неколку исклучоци, малку од сето тоа е материјализирано онака суштински. Многу од тоа исчезна и пред да биде преточено во закони. Тоа е всушност дефиницијата на неуспехот на софистицираните држави: да имаш функционална држава во која ништо не е направено. Има многу примери за тоа; од неспособноста на француските влади да го реформираат пазарот на трудот до неспособноста на еврозоната да ја стави заедничката валута на солидна основа. Има многу причини за ваквите неуспеси.

Притоа товарот од владејачкиот комплекс и разноликоста на општествата не треба да се потценуваат. И бидејќи најчесто не знаат што да прават, тогаш се решаваат да прават колку што е можно помалку. Гласачите стануваат непостојани, а мнозинството се понестабилно што ги тера политичарите да ги избегнуваат контроверзните прашања и големите ризици. Или како што има кажано претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер:

„Политичарите точно знаат што треба да направат, но не и како да бидат повторно избрани“, вели тој.

Се додека оваа дилема останува нерешена, резултатите ќе бидат парализирачки. Со време, како се акумулира разочараноста, се повеќе избирачи почнуваат да ги искажуваат нивните фрустрации. Како и да е, политичките елити се поставени да ја заштитат статус кво ситуацијата, па можностите за безболни промени се испуштаат рутински. Резултатот е забавена миграција на незадоволство од работ кон центарот.

Популизмот било да е оној од десно или пак од лево, не е одговор на неуспехот на софистицираните држави. И додека популистите како Доналд Трамп или Мари Ле Пен се добри некогаш да ги поентираат фаличните работи, тие скоро секогаш грешат за тоа како да бидат поправени.

Единствениот траен излез е одговорните политичари помалку да се грижат како да бидат повторно избрани и да почнат да ги ризикуваат нивните политички кариери за работи што треба да бидат направени. Доколку клучните политичари не почнат да преземаат ваков вид на ризик, се понепријатни личности ќе го преземаат нивното место. Институциите ќе страдаат од долготрајна штета и најлошите политички инстинкти, оние што претходно се криеле под површината, ќе испливаат. А со тоа, софистицираниот неуспех на една држава ќе стане неуспех и на вистинската држава, заклучува Жан Тишо, директор на Карнеџи Европа во написот објавен во Фајненшал тајмс.

Популизмот е привлечен затоа што му дава глас на гневот на исклучените. Политичарите на власт се компромитирани од простиот факт дека се на власт. За стагнирањето на платите и растот на нееднаквоста тие ги обвинуваат технолошките сили кои се надвор од наша контрола, а глобализацијата и нејзините правила ги претставуваат како дел од нужните процеси. Лекот што го нудат – инвестирање во образованието и вештините –засега не носи брзи плодови. Економистите предупредуваат дека борбата за опстанок на власт во која се посегнува и по средства со кои моментално ќе се ублажат социјалните тензии, на среден и подолг рок ја уништуваат економијата, основата врз чиј напредок обично се бара доверба за опстојување или за освојување на власта.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG