Достапни линкови

Незначително поевтинување на струјата


Граѓаните што просечно плаќале по 2.000 денари за струја, сега ќе добијат намалување од 7 денари.

Јулските сметки за струја ќе бидат намалени за 0,33 проценти, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика. На пример, за речиси 7 денари поевтина сметка за струја ќе плаќаат граѓаните чија просечна сметка месечно изнесува две илјади денари. Причините за ова намалување биле намалувањето на трошоците на компаниите кои се грижат за снабдувањето со електричната енергија. На новинарското прашање дали мотивите за незначителното намалување на цената се политички, претседателот на комисијата, Димитар Петров одговори дека во нивната методологија немало политика.

Не знам за кој дел од оваа математика ви личи на политички момент, ако ви кажувам дека има утврдена трошковна категорија за вкупните приходи, ако ги гледаме сите бруто биланси, ако компаниите имаат право да поднесат жалба на ова, ако се незадоволни.
Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

„Видете, не знам за кој дел од оваа математика ви личи на политички момент, ако ви кажувам дека има утврдена трошковна категорија за вкупните приходи, ако ги гледаме сите бруто биланси, ако компаниите имаат право да поднесат жалба на ова, ако се незадоволни.“

Новинар: Ве прашувам дали има политика или не, бидејќи е незначително.

„Ама видете, не може да има, и да е значително би било исто, тоа е методологијата“, рече Петров.

Нема потреба од ова, нека не се трудат, нека не прават трошоци, што ќе им горат сијалиците каде што се тие сметени е поскапо од ова нивно намалување, како годишна потрошувачка.
Анкетиран граѓанин.

Граѓаните велат дека ова незначително намалување на цената на струјата е само мачкање очи и дека на месечно ниво ова намалување не им значи ништо.

„Нема потреба од ова, нека не се трудат, нека не прават трошоци, што ќе им горат сијалиците каде што се тие сметени е поскапо од ова нивно намалување, како годишна потрошувачка.“

„Ништо, ако се пресмета годишно, ќе излезе дека е 100 денари, па 100 денари ништо не се, ама ајде да се подзалажеме малку дека нешто се намалило, а за возврат на тоа се отишло нагоре“, велат анкетираните граѓани.

Ваквите мерки граѓаните ги сметаат за купување на социјален мир и популизам.

„Популистички е сето тоа, фрлање песок во очи, тврдам дека е така, може сега некои телефонски импулси ќе намалат, демек еве сега ние демек гледате ги симнуваме цените, а фактички е само така, колку да се рече дека нешто направиле.“

„Сега ќе ја намалат цената, а после ќе ја покачат, така постојано прават“, велат анкетираните скопјани.

Некои од граѓаните, пак, додаваат дека секое намалување е добредојдено.

„Тоа е минимално намалување, но ќе ги задоволи интересите на луѓето, како викаат старите - подобро роса отколку град“, вели еден граѓанин.

Граѓаните кои што ги анкетиравме посочуваат дека како потрошувачи тие се незаштитени од власта и бараат вистинско намалување на цените од 20 до 30 проценти за да соодветствуваат со македонскиот стандард.

„Па би требало и повеќе да биде намалувањето, бидејќи луѓето живеат во немаштија, беспарица, едвај ги очекуваат пензиите од дедовците и бабите за да преживеат.“

„На сегашно ниво да остане цената и од тоа да се одземе 33 проценти ангажирана моќност, за тоа како ни ја транспортираат струјата, па тие за тоа постојат, а не да го оптоваруваат граѓанинот со додатни трошоци, затоа што губеле од системот. Сето тоа си е пресметано во системот на работење, а не како досега да си прават што сакаат, а тоа е затоа што нема влада која би го заштитила граѓанинот како единка“, велат анкетираните.

Минатата година цената на струјата поскапе за 3,5 отсто.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG