Достапни линкови

logo-print

Мигрантите во Грција пред депортација


Грчката полиција префрли во Атина околу 2 илјади и 300 мигранти кои три недели беа заглавени на границата со Македонија, растурајќи ги нивните надежи за азил во земјите на северот на Европа. Акцијата била со цел расчистување на теренот околу граничниот премин кај Идомени пред најавеното доаѓање на Фронтекс.

Во операцијата беа вклучени околу 350 полицајци и 45 автобуси со кои мигрантите беа пренесени во спортска сала која за време на Олимписките игри во Атина во 2004 година беше користена за натпревари на теквондо.

На мигрантите им е даден рок од 30 дена да ја напуштат земјата.

Полицијата соопшти дека доколку по овој период бидат затечени во Грција тие ќе бидат приведени и депортирани.

Една жена од Јемен и нејзиното семејство од осум членови незадоволни од условите во салата со такси заминаа во некој од хотелите во Атина.

„Што се случува во северна Грција не знам. Таму бевме дваесет дена, но полицијата дојде и ни рече да одиме во Атина каде што имало добар камп. Но, овде навистина не може да се престојува“, изјави таа за Ројтерс.

Мигрантите главно од Пакистан, Мароко, Алжир и Сомалија престојуваа во Идомени на границата со Македонија во тешки услови и по студено време откако македонските власти на 19 ноември почнаа да ги филтрираат според тоа дали бегаат од со војни зафатените земји или се економски мигранти.

Што се случува во северна Грција не знам. Таму бевме дваесет дена, но полицијата дојде и ни рече да одиме во Атина каде што имало добар камп. Но, овде навистина не може да се престојува.

„Спиевме кога полицијата влезе и ни рече да се вратиме во Атина. Ние сакавме само да го продолжиме нашиот пат. Но никој не ни помага. Обединетите нации не сторија ништо за нас“, вели еден мигрант од Пакистан.

Неколку од земјите од каде што доаѓаат мигрантите немаат договор за реадмисија со Грција.

Во минатата недела Пакистан одби да ги прифати мигрантите од Атина што требаше да биде направено со посредство на граничната агенција на Европската унија Фронтекс.

На Идомени околу 30 луѓе кои одбивале да се вратат во Атина биле приведени во полициска станица. Полицијата соопшти дека притоа задржала и неколкумина новинари и фоторепортери со цел „да ги заштити од можни насилства и тензии“.

Стотици илјади луѓе влегоа во Европа од почетокот на оваа година, најмногу преку опасниот морски премин меѓу Турција и Грција.

Балканските земји почнаа да го блокираат нивното минување за сите освен за сиријците, авганистанците и ирачаните кои се сметаат за бегалци од воени зони.

Некои од оние што беа заглавени протестираа со глад и со зашивање на устите.

Еден мигрант од Марко загина од струен удар на шините, додека друг беше потешко повреден обидувајќи се да се каши на еден вагон.

Македонија на границата почна да гради метална ограда со цел да ги запре мигрантите и планираа таа да биде долга околу 40 километри.

Акцијата на грчката полиција била изведена со цел расчистување на теренот околу граничниот премиен кај пограничното село Идомени пред најавеното доаѓање на Фронтекс.

Таму ќе се врши контрола на влегувањето на бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан.

Во средата чешкиот министер за одбрана Мартин Стропњицки изјави дека Чешка и другите земји од Вишеградската група би можело да и помогнат на Македонија во совладувањето на бегалската криза со контингент војници.

Според него, станува збор за контингент полицајци за што во наредната недела во Прага ќе решаваат претставници на Вишеградската група во која спаѓаат уште, Словачка, Полска и Унгарија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG