Достапни линкови

Наместо хациенди, куќи за млади на Златен рид во Битола


Опозицијата во Битола обвинува дека земјиштето на поранешната касарна ја губи актрактивноста и поради тоа се намалува интересот за купување. Таму сега власта предвидува реализирање на проектот „Купи куќа за млади“.

Наместо за хациенди како што најавуваше Општина Битола, најголем дел од земјиштето на атрактивниот Златен рид во битолската касарна ќе биде даден како локација за проектот „Купи куќа за млади“. Ваквиот пресврт во планот опозицијата оцени дека се должи на намалената атрактивност на земјиштето во касарната, каде велат се доцни со изградба на патната инфраструктура, откако дел од парите за комуналии беа пренасочени за потребите на индустриската зона „Жабени“.

Тоа земјиште ја изгуби вредноста кога видоа како власта се однесува кон луѓето кои таму навреме купија станови, навреме платија комуналии, а дел од инфраструктурата се уште недостига.

Валентин Груевски, советник од ЛДП, вели дека во буџетот на Општина Битола од 20 милиони евра годишно, приливите се намалуваат за што доказ е и малиот интерес за купување на градежно земјиште.

„Зборуваме за две или три ставки кои ја покажуваат мизеријата и лошата финансиска состојба во Битола. Зборуваме за приходи од продажба на земјиште со остварување од 11 проценти, односно од 55 милиони остварени 6,5 милиони денари. Никој не верува во проектот или не сака да ги вложи парите во касарната. Тоа земјиште ја изгуби вредноста кога видоа како власта се однесува кон луѓето кои таму навреме купија станови, навреме платија комуналии, а дел од инфраструктурата се уште недостига“, вели Груевски од ЛДП.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески вели дека се уште постои интерес за купување парцели во касарната, а дел од нив ќе се искористат за проектот „Купи куќа за млади“ за да им се овозможи на млади брачни парови полесно да дојдат до сопствен дом и да не се иселуваат во странство.

„Таму имавме и во претходните планови предвидено маркици за куќи. Тие парцели се навистина големи, а овој пат се договоривме да изнесуваат од 300 до 400 метри квадратни. Таа бројка на парцели ќе се дуплира. Со посебна урбанистичка планска документација ќе продолжиме и во делот на државното земјиште. Вкупната бројка на маркици која ќе биде на располагање на младите брачни парови ќе биде 500 маркици“, вели Талески.

Во касарната веќе се изградени неколку станбени згради, а други се во изградба. Дел од парите за комуналии од инвеститорите во касарната беа пренаменети за инфраструктура во индустриската зона „Жабени“. Сега Општината ќе подигне кредит за инфраструктурно да ја доуреди касарната.

„Во касарната ќе работиме оваа и следните сезони. Започнува имплементација на еден голем проект од два милиони евра во соработка со Министерството за финансии кој ќе придонесе за потполна инфраструктура во касарната. Ние имаме деветмина инвеститори кои ги градат зградите во касарната и ние имаме договори со повеќе инвеститори. Деветмина од нив веќе ги градат своите објекти обврска да им овозможиме вода, канализација, паркови, патишта“, додава Талески.

Останува да се види каков ќе биде интересот кај младите за да купат земјиште на Златен рид. Оние кои ќе се одлучат тука да градат куќи, ќе бидат субвенционирани од државата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG