Достапни линкови

logo-print

Факултетската диплома го загуби значењето


Дел од младите во Куманово имаат забелешки за образованието во земјата и бараат начини како да ја напуштат земјата. Велат дека сè е сведено на пријателски и партиски врски, а тоа не води до квалитет.

Без оглед што младите во Куманово со мали исклучоци, не бираат начини и средства како да дојдат до диплома од високообразовните институции, сепак тие исто така сфатија дека дипломите не подразбираат и знаење и оспособеност да се вработат. Затоа тие се повеќе бараат најразновидни модели како да ја напуштат државата. За ова се свесни и родителите кои иднината на своите школувани деца ја гледаат некаде надвор од државата, за што секогаш им даваат безрезервна поддршка, велат некои од запрашаните кумановци.

Младите разбираат дека образованието во Македонија е нивната најголема пречка за нивниот сопствен развој. Токму преку дел од програмите на Европската унија многу млади ги користат како можност да можат да избегаат од државата.

Филип Јаневиќ е еден од дипломираните невработени млади луѓе кој својата иднина не ја гледа во сопствената држава.

„Младите разбираат дека образованието во Македонија е нивната најголема пречка за нивниот сопствен развој. Токму преку дел од програмите на Европската унија многу млади ги користат како можност да можат да избегаат од државата.“

Зошто е тоа така Јаневиќ има свое видување за она што за него е меѓу првите пречки во образовниот систем.

„За жал образованието кај нас е сведено на врски, пријатели, партиски познанства и слично, што секако не доведува до еден квалитет. На удар најповеќе се најде високото образование кое изминатите десет години е целосно девалвирано со отворање факултети на секоја втора ливада, факултетската диплома го изгуби своето значење. Сега младите се свесни за тоа и затоа и го сметаат како една од најголемите пречки за нивниот личен и сопствен развој.“

Дека состојбата е далеку од розова или нормална сметаат и некои од наставниците, професорите кои се под континуирани притисоци од разни страни. Тие како што велат последните две години заедно со учениците најсилно го кренаа својот глас до сега, бидејќи не само затоа што тие се чувствуваат загрозени по разни основи,туку затоа што не можат да се помират со несоодветниот воспитно образовен процес. Иако чашата на трпението се прелеа, се чини дека слухот кај надлежните во државава не се разбуди.

„Сите настани минатата година ипол најавија дека свеста кај младите преовладува и се развива, кога веќе јавно го изразуваат својот револт и незадоволство. Меѓутоа тоа е и апел до надлежните сериозно да се пријде кон ревидирање на образовните политики до сега, кои се огледаа во носење закони за основно и средно,а имаше обиди и за високо образование. Свеста расне кај младите а потребата од ревизија на законите и воопшто на образовните политики“, вели Билјана Димковска професор и една од поборниците за подобрување на образовниот систем. Таа додава дека новите закони не нудат квалитет. Преку екстерното тестирање младите не можат да добијат квалитетно образование. Од една страна Европската комисија за образование дава насоки за евалуација на знаењата, што подразбира мерење на знаења,способности и вештини.

„Кај нас некако поинаку се разбира концептот, па се се сведува на мерење дел мерливи знаења. Така што квалитетот на настава губи младите не добиваат квалитетна настава и знаења, а уште помалку се обрнува внимание на јакнењето на компетенциите на ученикот потребни за живот и работа во 21-от век.“

Можеме ли да бидеме оптимисти дека нешто ќе се смени во образовниот систем, некои од запрашаните млади кумановци се скептични и сметаат дека за нив бродот кој пловел кон соодветно место во општеството веќе заринкал, а оптимизмот го оставаат на некои нови генерации, во некое ново време кое, кој знае кога и дали воопшто ќе дојде. Такви се ставовите и на голем број нивните родители и наставници.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG