Достапни линкови

logo-print

Груевски „заборави“ дека веќе не е премиер


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собир на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собир на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Ветува, исполнува, повикува државни и локални функционери на работни состаноци, не се „симнува“ од телевизиите. Никола Груевски не е веќе премиер, туку само претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Координација на Груевски со министрите и градоначалниците за реализација на мега проектот Купи куќа за млади“, вакви наслови вчера можеа да се прочитаат во голем дел македонски медиуми и тие веројатно не би предизвикале внимание ако беа објавени минатата недела.

Тоа е во контекст на политичкиот маркетинг што го прави владејачката партија, значи го третира овој период само како транзиционен и сака во фокусот да го задржи Никола Груевски како де факто премиер и во таа насока е и оваа постапка која се крши со политичката пракса.

Но, Груевски од понеделникот не е премиер, туку претседател на ВМРО-ДПМНЕ, па дел експерти го поставуваат прашањето во кое својство тој всушност ги повикува државните и локалните функционери на работен состанок за владин проект.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Никола Груевски од понеделникот секојдневно е посветен на партиските активности, доаѓа во седиштето на партијата и оди на партиски настани.

Според комуникологот Марко Трошановски од тоа што може да се види во медиумите присуството на Груевски воопшто не е намалено, без оглед на тоа што веќе не е на највисоката извршна функција.

„Тоа е во контекст на политичкиот маркетинг што го прави владејачката партија, значи го третира овој период само како транзиционен и сака во фокусот да го задржи Никола Груевски како де факто премиер и во таа насока е и оваа постапка која се крши со политичката пракса ако сакате и со законите и со регулативите според кои отчет треба да се даде пред функцијата премиер, а не претседател на партија“, вели Трошановски.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, вели дека практиката на поклопување на партиските со државните функции во Македонија воопшто не е нова и потсетува на забелешките кои стигнуваат од Европската унија за тоа. И според него нема голема разлика меѓу односот на Груевски како премиер и сега само како шеф на партија.

„Тоа што градоначалниците, министрите и владините преставници одвоиле од своето работно време, а тие се градоначалници на сите граѓани а не само на своите партиски членови за тоа во некое нормално демократско општество сносат одговорност затоа што тоа време не е нивно, тоа е на сите граѓани“, вели Муслиу.

Груевски неделава вети и проекти за млади кои ќе важат од март, односно не се ветување кое би се реализирало по изборите, туку додека трае мандатот на Димитриев. Објаснувањето од ВМРО-ДПМНЕ во јавноста за ваквите ветувања е дека истите луѓе што седеле во Владата биле дел и од владејачката партија, а проектите веќе биле дискутирани и дел од нивната програма.

Инаку според измените на законот за Влада од 2013 година на Груевски по престанувањето на функцијата има право на лично обезбедување од шест лица вработени во Министерството за внатрешни работи, како и право на користење на службено возило и возач и ова право го остварува во времетраењето на извршувањето на функцијата премиер.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG