Достапни линкови

logo-print

Помалите партии не сакаат на избори во „медиумски мрак“


Помалите политички партии, кои не се во коалиција со некоја од партиите од големата четворка, велат дека не планираат да учествуваат на избори на 24 април во ваква медиумска ситуација.

Со ваква, непроменета состојба во медиумите, партиите што не се дел од коалициите со големите партии нема да одат на избори на 24 април. Не можете да имате демократија без слобода на медиуми, вели Здравко Савески, член на президиумот на Левица, според кој завчерашното интервју на уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас со претседателот на СДСМ Зоран Заев било само доказ за лошата состојба во која се наоѓаат медиумите.

Услови за фер избори нема во дадената ситуација, така што јасно е дека ако на 24 април се одржат избори, тие ќе бидат наместени избори на кои една авторитарна власт само ќе си ја потврди власта.

„Услови за фер избори нема во дадената ситуација, така што јасно е дека ако на 24 април се одржат избори, тие ќе бидат наместени избори на кои една авторитарна власт само ќе си ја потврди власта. Така што, Левица дефинитивно нема да учествува на избори на 24 април во вакви услови“, вели Савески во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела.

Лилјана Поповска од ДОМ, партија која на овие избори ќе настапува сама, нагласува дека медиумите се особено важни за нив, а дека во моментов немало ниту приближно балансирано известување, ниту, пак, еднаков пристап на сите до нив. Таа сфера, која сè уште не е регулирана, нагласува Поповска, е многу важна за фер и демократски избори.

„Апсолутно не би оделе на избори во една ваква матна ситуација со нерегулиран и неверификуван избирачки список и со нерегулирана медиумска сфера, без дилема. А, 24 април е премногу блиску и нема шанси овие работи да се решат дотогаш“, вели Поповска.

Македонија се наоѓа во медиумски мрак, а тоа го констатираат и релевантите меѓународни организации кои се занимаваат со медиумите, вели Африм Гаши од Беса, кој додава и дека на секој граѓанин со малку политичка култура му било јасно дека поголемиот дел од медиумите се наклонети кон власта и нема никаков баланс во медиумското известување.

„Нашиот став во партијата е дека мора да почекаме меѓународниот фактор да даде гаранции дека ќе има фер и демократски избори. Без да имаме такви гаранции, домашните институции и оваа власт не покажаа доблест и волја да не убедат дека може да организираат фер и демократски избори. Затоа ние без да има поширок консензус од меѓународниот фактор нема да одиме на избори, но сепак последниот збор ќе го има централниот совет на Беса“, вели Гаши.

Според најавите, од амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав врз основа на консултациите со домашни и странски експерти, тие до 20 месецов, односно четири дена пред распуштањето на парламентот, ќе ја соопштат нивната оцена дали има услови за избори на 24 април. Досега СДСМ, заедно со своите коалициски партии, веќе се изјаснија дека нема ниту услови, ниту време особено за прочистување на избирачкиот список за да учествуваат на избори пролетва.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG