Достапни линкови

Сорос како Баба Рога за возрасни


Поранешниот премиер Никола Груевски се сретна со основачот и претседавачот на Фондациите отворено општество, Џорџ Сорос во Прага на 27 јуни 2011 година.
Поранешниот премиер Никола Груевски се сретна со основачот и претседавачот на Фондациите отворено општество, Џорџ Сорос во Прага на 27 јуни 2011 година.

Невладините организации во земјава, кои се најострите критичари на владините политики, често се цел на напади во јавноста и медиумите. Тоа најчесто е со употреба на разни епитети за да се дискредитира нивната работа или, пак, со напади за тоа дека се финансирани од странски извори. Не ретко се формираат и паралелни невладини организации во служба токму на владините политики.

Соросоиди, странски платеници, државни непријатели и предавници се епитетите со кои се дискредитираат невладините организации во јавноста кои се критички настроени кон владините политики. Колку е поголема нивната видливост, толку повеќе се под притисок. Освен личната дискредитација, невладините организации се соочуваат и со низа сопки од институциите со што дополнително им е отежната работата. Не е новина ниту формирањето на паралелни, односно контра невладини организации.

Постои многу голема стигматизација кон сè што е невладино, сè што е граѓанско и кон сè што е движење на улица и со таа стигма многу тешко може некој да се избори.
Дона Костуранова, извршна директорка на МОФ.

Граѓанското општество, доколку сака да ја исполни својата функција, мора да биде критички настроено. Организациите на граѓанското општество впрочем се грижат за законитоста, почитувањето на човековите права, владеење на правото и демократијата, вели Џабир Дерала, претседателот на невладината организација Цивил.

„Тие се чуварите на демократијата и ако тие се стигматизираат, се карактеризираат како непријатели, странски служби, предавници, не можат да ја завршат својата функција во општеството и колку повеќе такво нешто се случува во јавниот дискурс, тоа повеќе значи дека власта која го наметнува тоа на директен или индиректен начин преку медиумите или други мерки, тоа значи дека таа земја живее со кусок демократија, односно живее под притисок на авторитарна власт“, вели тој.

„Политичкото подземје демаскирано: Соросоидите сами себе се оснoваат и глумат невладин сектор“; „Ова се платениците на Сорос, кои бараат власт без избори“; „Досие соросоиди: Лажни медиуми, лажни новинари… Само парите се вистински“; „Латас за соросоидите и Радио МОФ“; „Цивил инкасирал половина милион евра од СОРОС за само 3 години“; „Соросоидите сами против себе“. Ова се само дел од насловите во медиумите кои важат за провладини и со кои се шири негативна пропаганда кон невладините организации.

Лично на своја кожа етикетите со кои се соочуваат неретко ги искусуваат активистите кои се поврзани со невладини организации финансирани од Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос.

„Постои многу голема стигматизација кон сè што е невладино, сè што е граѓанско и кон сè што е движење на улица и со таа стигма многу тешко може некој да се избори. Во употреба се термини и квалификации коишто имаат добиено толку силно значење што веќе не знам дали може да се објасни на пример зошто поимот „соросоид“ ја добил конотацијата што ја добива и што вистински би требало да се подразбере. Често се случува индивидуални активисти да бидат етикетирани и оцрнувани, она што посебно погодува е што институциите и политичките лица не само што не ги осудуваат овие напади, туку активно учествуваат во поттикнување на омразата, дури се оди и до степен на лични напади, знаеме за случаи и за физички напади, случаите не се ни решаваат. Во земјава немаме овозможувачка околина за развој на граѓанството, туку имаме небезбедна и омаловажувачка“, вели извршната директорка на МОФ, Дона Костуранова, која истакнува дека притисоците доаѓаат во различна форма.

Освен преку социјалните мрежи и медиумите, според неа, често притисок им се врши и преку затворање на институциите за соработка и со тоа спречување на една организација да работи.

И Дерала додава дека притисоците со кои се соочуваат се огромни. Не само во јавниот дискурс, преку стигматизирањето во медиумите и говорот на омраза против сè она што невладините организации го прават, туку вткaени се и во политиките и практиките на самата власт.

Според Костуранова, многу организации имаат направено значајни и корисни истражувања, анализи, предлог политики и тие не допираат до институциите и остануваат да седат во фиоки. На тој начин сите ресурси кои ги вложува граѓанското општество и меѓународните организации, наместо да се искористуваат од институциите за подобрување на политиките, се создава дуализам или паралелни процеси со кои неефикасно се трошат ресурсите кои ги имаат. Еден од примерите кои го посочува Костуранова е незаинтересираноста на Министерството за образование за нивната анализа за екстерното тестирање, на која не добиле одговор, а игнорирана била и петицијата потпишана од граѓаните.

Дискретно задушување на граѓанското општество
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:15 0:00

Дерала смета дека како невладини организации можат да направат многу, иако просторот изгледа ограничен, бидејќи нивната сила доаѓа од граѓаните кои од нив бараат помош.

Таквиот начин на постапување од страна на власта е еден од реперите за демократизацијата на општеството, смета универзитетската професорка Мирјана Најчевска. Колку повеќе власта отворено ги напаѓа, осудува или се обидува да ги дискредитира невладините организации, според неа, толку е пониско нивото на демократизација на општеството.

„Македонија многу лесно може да се лоцира себе си во овој свет на современи цивилизации, токму врз основа на тоа на кој начин, како постапува власта во однос на граѓанските организации“, вели Најчевска.

Таа додава дека самите невладини организации не можат многу да направат во тој поглед, но треба да инсистираат на градење на систем на владеење на правото. Само во држава во која се почитуваат правилата и процедурите и во која има заштитни механизми, кои реагираат кога се прекршени првата, можат да функционираат и граѓанските организации, истакнува Најчевска.

„Во спротивно тие или ќе бидат приврзоци на некоја политичка партија или ќе бидат во постојана опасност од атак на која било страна, не само од владејачките структури, и на тој начин нема никогаш да можат вистински да ги пренесат барањата на граѓаните до центрите каде што се одлучува“, вели Најчевска.

Според податоците на Централниот регистар објавени во медиумите, во Македонија во 2012 година имало регистрирани 12.324 невладини организации. Во јавноста често цел на критика е и финансирањето на невладините организации кое доаѓа од странски извори. На интернет се појавија и иницијативи и дебати за изготвување на закон за забрана на финансирање на невладините организации од надворешни спонзори.

„Повеќе од јасно е дека надворешното финансирање има за цел ширење на странски интереси во државата. Вакви забрани веќе постојат во некои држави“, е еден од коментарите на интернет форумите.

Во Македонија засега нема таков закон. Но, во некои земји низ светот владите прават сè што можат за да го намалат финансирањето на граѓанските групи кои се осмелуваат да ја предизвикаат нивната моќ. Ова се наведува во написот објавен во американскиот „Форин полиси“ за граѓанското општество кое е под сè поагресивни напади од кога и да било порано.

Задушување на граѓанското општество

Гоце Атанасов

Соочени со независни граѓански групи кои наоѓаат начини да ги обелоденат нивните забелешки, владите низ светот почнаа молкум да работат на кратење на нивното финансирање. Од Африка и Источна Европа до Азија, автократите велат дека се борат со странското мешање со цел да ги спречат домашните и странските протести против нивните рестрикции. Овие напори, како што се наведува во написот, се полни со лицемерие и ги кршат основните права на изразување и на здружување. Всушност станува збор за обиди да се избегнат организирани контроли на власта.

Доколку светот го дозволи тоа, тие ќе ја направат демократијата празна школка и иако периодично ќе се одржуваат избори, на луѓето ќе им недостига една од основните алатки за да се слушне нивната загриженост, како и нивниот глас.

„Ваквиот страв од цивилното општество е видлив во Русија и Кина, бидејќи и Путин и Џинпинг направија конкретен пакт со нивните народи. Ќе ви понудиме зголемен просперитет, а за возврат пуштете нè да владееме без никаква одговорност. Ваквиот договор функционира додека економијата се развива. Но, кога економијата има проблеми, овие лидери се плашат дека нивните народи ќе почнат да протестираат“, вели Кенет Рот од Хјуман рајтс воч.

Енергично граѓанско општество помага во обезбедувањето владите да им служат на нивните народи. Кога лидерите се заинтересирани само за себе и своите семејства, секако дека оние што се способни да истражуваат, протестираат и да укажуваат на корупцијата и неодговорноста на власта, стануваат закана за нив. Развојот на друштвените медиуми, посебно на мобилните апарати, покажа дека луѓето сега можат да ги бајпасираат традиционалните медиуми и да зборуваат меѓусебно без посредство на новинари. Овој начин е потешко да биде цензуриран од владите.

Арапските бунтови, украинскиот Мајдан, движењата од Кина до Венецуела покажаа што може да се случи меѓу неуморните активисти и јавноста со користење на социјалните мрежи.

Во некои други времиња автократите владееја без да глумат демократија. Но, сега научија да одржуваат избори, најчесто манипулирајќи ги гласовите, за да ја здржат демократската фасада. Затворајќи го политичкиот простор во кој граѓанските групи оперираат, автократите се обидуваат, најмногу преку кратење на финансиските средства, да го исцицаат кислородот од организираните напори да се критикува нивното владеење. Ваквата стратегија е вонредно опасна за граѓанското општество.

Повеќе земји се премногу сиромашни да имаат донатори способни да им даваат пари на невладините организации. И кога некогаш ќе се појави некој богат поединец да финансира некаква група која ја критикува власта, автократите често ги одвраќаат напаѓајќи ги нивните бизнис интереси, заканувајќи им се со даночни истраги или рестрикции на нивните зделки со владата. Случаи на такви рестрикции има во Индија, Русија, Кина, Египет, Белорусија, Етиопија, Ангола, Мароко, Киргистан... Во Русија сите невладини организации кои добиваат пари од странство се означуваат како странски агенти, а слични закони има или се најавуваат и во Кина и во Венецуела каде што активистите се етикетираат и казнуваат како предавници и шпиони.

Иронично, многу од истите тие влади што ги ограничуваат правата на граѓанските групи трошат пари во странство на лобисти или фирми кои се специјализирани за подобрување на нивниот имиџ. Владите во Русија, Кина, Египет и Азербејџан потрошија милиони долари во Вашингтон за да ја разубават сликата на нивната репресија. Притоа тие бараат оправдување за нивните нови мерки при што често пати ги споредуваат со политиките на веќе етаблираните демократии, најчесто со нивните напори во борбата против меѓународниот тероризам, се наведува во написот, објавен во „Форин полиси“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG