Достапни линкови

logo-print

Медиумите во канџите на партиите


Партиите остануваат на своите ставови за медиумите и во една таква ситуација тешко дека може да дојде до добро решение за медимите. Освен тоа лесно е да се донесе закон, потешко оди спроведувањето.

Фрапантно лош закон и гаргамел решение за ВМРО-ДПМНЕ и црвена линија за СДСМ- со вакви заклучоци на двата политички противници заврши синоќешната средба на работната група за медиумите. Посредникот Питер Ванхауте порача дека не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив, позиција која ја застапува ВМРО-ДПМНЕ, поради што веднаш и беше нападнат од дел медиуми, но и од МАН кои оценија дека неговата изјава била говор на омраза и расизам.

Освен тоа не мислам дека решавање на проблемите во медиумската сфера конкретно за политичкиот плурализам може да дојде само со промена на законските одредби, многу повеќе треба да се стави нагласок на имплементацијата.

Поради ваквите крајно спротиставени позиции денеска најверојатно нема да има заедничка средба, туку само билатерални средби на кои, како што најави посредникот, ќе почнат да ги елиминираат разликите во предлозите. Тој сепак изрази надеж надеж дека ќе имаат конечен договор што поскоро, можеби и во текот на наредната недела.

Според Игор Мицевски, истражувач од Институтот за комуникациски студии од крајно спротивставените позиции на двете страни тешко е да се очекува добро решение.

„Прво затоа што на медиумската сфера се гледа како на клиентелистички ресурс со кој располага некоја политичка структура па сега изгледа дека преговорите изгледаат како да се однесуваат на тоа како ќе се подели тој клиентелистички ресурс што мислам дека е целосно погрешна позиција од која се тргнува. Освен тоа не мислам дека решавање на проблемите во медиумската сфера конкретно за политичкиот плурализам може да дојде само со промена на законските одредби, многу повеќе треба да се стави нагласок на имплементацијата“, вели Мицевски.

Во меѓувреме додека жешкото прашање за медиумите барем јавно не е на повидок дека може да се реши партиите ги чекаат нови рокови. Имено и амбасадорите на ЕУ и на САД но и други меѓународни претставници истакнуваат дека за фер и демократски избори на 24 април неопходно е да се затвори и ова прашање. Амбасадорите оценката за условите за изборите ќе ја кажат за околу петнаесетина дена период во кој се очекува и пристигнувањето на еврокомесарот Јоханес Хан.

Според Мицевски следејќи го досегашното однесување на партиите во реализацијата на Договорот од Пржино можно е и ова прашање да се одолговлекува до последен момент.

„Ќе биде опасно ако се дојде до некое т.н. решение кое всушност не е тоа решение што треба да биде. Во таков случај се плашам дека ќе се изложиме на уште поголеми проблеми и дека тогаш нема да можеме долгорочно да ја средиме сферата . Затоа мислам дека решенија по секоја цена, апсолутно не ни се потребни“, вели Мицевски.

Според последните информации СДСМ достави предлог до работните групи врз основа на предлозите од декември на посредникот Ванхауте. Но ЗНМ, кое досега даваше целосна поддршка на предлогот на посредникот сега тврди дека не ги виделе амандманските измени подготвени од опозициската партија, а дека според информациите во медиумите имало спорни моменти поврзани со тоа професионалните стандарди и етика да ги регулираат со закон.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG