Достапни линкови

Заборавени етички и професионални стандарди, медиуми кои не информираат објективно, туку конструираат реалност во функција на политичките партии, говор на омраза, пропаганда - потврда дека медиумите одамна го достигнаа дното.

Екстремна форма, еклатанетн пример, печат на сето она што со години се случува во новинарството е интервјуто на ТВ Сител меѓу главниот уредник Драган Павловиќ Латас и претседателот на СДСМ Зоран Заев, коментираат долгогодишни новинари и познавачи на медиумите прилики.

Нема провладини и проозициски медиуми, туку веќе зборувавме за директни владини и партиски медиуми.

Долгогодишниот новинар и уредник Теофил Блажевски, кој е член на Комисијата за жалби при Совет за етика во медиуми во Македонија, вели дека етичките и професионални новинарски стандарди се заборавени со години.

„Нема про-владини и про-опозициски медиуми, туку веќе зборувавме за директни владини и партиски медиуми, имаме потценети новинари, уплашени новинари кои работат под закана и поради тоа се подложни на автоцензура, што покажуваат и истражувањата. Главната причина за ова е што сопствениците на медиуми, барем на електронските, но веќе имаме примери и во печатените, е што медиумскиот бизнис не им е главен бизнис, туку медиумите им служат за преговори со политичките елити и успешноста на другите бизниси што ги водат“, вели Блажевски.

Дуелот Заев-Латас предизвика бројни реакции, особено што доаѓа во време кога траат обиди за реформирање на медиумите и кога на опозицијата почна да и се отстапува повеќе време на телевизиите.

Професорот по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ Сефер Тахири, кој е и долгогодишен новинар и учесник во бројни истражувања на медиумите, вели дека веќе и граѓаните ја деконструирале медиумската реалност.

„Медиумите не информираат објективно, нема дебата, туку има конструкција на реалноста во функција на политичките партии“, вели Тахири.

Тој вели дека не требаше да се случи интервјуто на Сител за да се види дека медиумската сфера е катастрофална и дека нема балансираност и плурализам. Тахири додава дека ова нема многу да влијае на преговорите за медиумите, но дека сепак има една позитивна работа од сето тоа.

„Тоа е фактографирањето на медиумската реалност којашто постои и на некој начин и меѓународниот фактор се убедува со конкретни факти дека веќе оваа сфера мора да се регулира и дека не може да се оди на избори со вакви медиуми, но од друга страна меѓународниот фактор инсистира на некоја балансираност на провладините медиуми, но мислам дека ова не е начинот на кој може да се регулира медиумската сфера“, вели Тахири.

Партиите најтешко до договор за медиумите

Блажевски вели дека за речиси сите точки од Договорот од Пржино е најдено решение, но за медиумите не може никако да се најде. Според него, партиите, особено владејачката медиумите ги гледаат како средство кое помага при владеењето.

„Тоа значи дека каква било регулација, како било договор не може да биде успешен, какво било законско решение не може да биде успешно доколку не постои политичка волја да се остават медиумите да си ја работат својата работа онака како што треба, според професионални и етички стандарди. Вие можете да одредите и казна од еден милион евра ако ги прекрши етичките стандарди или професионалните или што било, но тоа нема да помогне, бидејќи секогаш ќе се најде начин да се изиграат нештата“, вели Блажевски.

Тој додава дека е постојните медиумски закони се добри и дека им требаат само мали амандмански додавки во делот на надзорната улога на регулаторите и во делот на казните, а особено, како што вели, при дискриминаторскиот говор или говорот на омраза.

„Тој полека, полека поприма застрашувачки размери во нашето општество. Говорот од омраза може да доведе и до криминал од омраза. Тоа е материја што мора за влезе со малку построги санкции во евентуалните измени, иако тој е влезен со многу построги казни во кривичниот закони, но проблемот е што обвинителството, ниту по допрен глас, ниту по барање на некоја од оштетените страни ниту еднаш не реагирало и нашата судска пракса не познава ниту еден пресуден случај против говор на омраза“, вели Блажевски.

Дека во медиумите одамна не цутат рози потврдуваат и бројни извештаи на домашни и на странски монитори на медиуми и новинарски здруженија, кои нотираат пад на новинарските слободи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG