Достапни линкови

За власта предложениот буџет е остварлив, развоен и социјален. СДСМ, пак, го оценува како расипнички и недомаќински, кој ќе придонесе за нови долгови и нови иселувања.

Пратениците денеска расправаа за најголемиот буџет во историјата на Македонија, а седницата ќе продолжи и утре. Предвидено е државните институции догодина да потрошат 3,18 милијарди евра. Според планираното, од даноци и други давачки треба да се соберат 2,87 милиони евра, другите 300 милиони евра да се обезбедат од задолжување. Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 проценти. Власта вели дека го намалува буџетскиот дефицитот на 3,2 отсто од БДП, а обезбедува пари за капитални инвестиции и за грижа за социјално ранливи категории. Опозицијата критикува дека буџетот е нереален и неразвоен и дека огромните задолжувања ќе ги плаќаат идните генерации.

За следната година врз овие основи се предвидува реалниот раст на Бруто домашниот производ во Република Македонија да достигне четири проценти, што во основа би претставувало еден од повисоките резултати во Европа.

Образложувајќи го предложениот буџет, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, рече дека економијата расте, задолженоста се одржува на умерено ниво, се одржува стабилност на цените, се задржува стабилноста на банкарскиот сектор, се намалува невработеноста, расте извозот и растат инвестициите, а се очекува и поголем раст на економијата во ЕУ. Со тоа, рече Ставрески, се исполнети претпоставките за буџетот за идната година.

„За следната година врз овие основи се предвидува реалниот раст на Бруто домашниот производ во Република Македонија да достигне четири проценти, што во основа би претставувало еден од повисоките резултати во Европа и такви се од прилика и очекувањата на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, како и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои очекуваат следната година повторно Македонија да има меѓу најдобрите резултати и во регионот и пошироко во Европа“, рече Ставрески.

Ставрески вели дека очекувањата се дека добро поставените економски политики, реализацијата на инфраструктурни проекти, поддршката за домашните компании, како и растот на странските инвестиции ќе овозможат македонската економија и догодина, а и годините потоа да има солиден раст.

Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ рече дека нема да го поддржат предложениот буџет, оценувајќи го како расипнички, недомаќински, нереален, неразвоен, буџет за, како што рече, тажна сегашност и уништена иднина, и за нови долгови и ново иселување.

„Ќе направиме, ќе изградиме, ќе дотераме, ќе покачиме, ќе оствариме од тоа ЌЕ кога ќе подвлечете црна имаме најсиромашна земја во Европа, имате најсиромашни граѓани,имате животен стандард како во Африка“, речe Николов.

Ова е буџет за нови фасади и светли реклами на Владата на Република Македонија, а темни домови на граѓаните на Република Македонија, ова е буџет со кој граѓаните ќе имаат помалку пари, а владата ќе се луксузира со мерцедеси од 600 илјади евра.

Тој вели дека владата го крие вистинскиот долг, кој е многу повисок од она што го кажува.

„Ова е буџет за нови фасади и светли реклами на Владата на Република Македонија, а темни домови на граѓаните на Република Македонија, ова е буџет со кој граѓаните ќе имаат помалку пари, а владата ќе се луксузира со мерцедеси од 600 илјади евра“, вели Николов, кој праша која земја се развила со врби и панорамски тркала.

Ставрески одговори дека не зборува само за најави, туку и за конкретни резултати. Извозот е двојно зголемен од 2006 година досега, а невработеноста е значително намалена, вели тој.

Пратеникот Миле Андонов од СДСМ рече дека Ставрески многу повеќе време потрошил на објаснување на буџетот за годинава, отколку што зборувал за наредната, што повеќе личело на отчет пред заминување.

„За мене, да ви кажам најискрено, од ваша страна тоа е фер, така и требаше да сторите, затоа што после април 2016 вие нема да бидете министер за финансии и нема до крај да го изменаџирате овој предлог буџет за 2016“, рече тој.

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во времето на оваа влада, БДП е удвоен.

„Сега ќе ви поставам едно наградно прашање – Зошто сега буџетот е 3, 2 милијарди евра, а во ваше време 1,5 милијарди евра. Имате три можно одговор: првиот одговор е стимулиравте сива економија, вториот е дека не знаевте да ја водите економијата и третиот одговор е имаме реален пораст на економијата во Македонија. Бујрум кажете овде ако имате четврт одговор“, вели пратеникот Крсто Мукоски.

Во буџетот за догодина се предвидува раст на економијата од 4 отсто. НБРМ прогнозира дека растот ќе биде 3,5 отсто, а ММФ дека ќе биде 3,2 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG