Достапни линкови

logo-print

Предизборен и тешко остварлив буџет


Буџетот е преголем, не е развоен и е предизборен, велат упатените. Буџетот за идната година ќе изнесува речиси 3,2 милијарди евра. Според владиниот предлог-буџет, приходите ќе изнесуваат околу 2,9 милијарди евра, а другите пари ќе се обезбедат од задолжувања.

Буџетот за 2016 година е преголем, не е остварлив и е во насока на предизборен популизам и придобивање на гласачи, оценуваат од СДСМ, откако вчера попладне министерот за финансии Зоран Ставрески објави дека владата го скроила буџетот за идната година и тој изнесува речиси 3,2 милијарди евра. Според владиниот предлог-буџет приходите ќе изнесуваат околу 2,9 милијарди евра, а другите пари ќе се обезбедат од задолжувања. Идната година, според владините процени, економијата ќе порасне за четири отсто.

Од друга страна владата буџетот повторно си го скрои да биде во насока на предизборен буџет, на популистички мерки, во насока на придобивање на одредени гласови со планираните покачувања на пензии на социјалната помош.

„Пречка за остварување на овој раст на бруто домашниот производ е и тоа што 2016 е изборна година во која што знаеме дека практично голем дел од процесите и во државата и во економијата се во ситуација на стагнација и компаниите не се охрабруваат на инвестиции и тоа дополнително ќе го закочи развојот на БДП и ќе биде ограничувачки фактор за растот на БДП од 4 отсто. Од друга страна владата буџетот повторно си го скрои да биде во насока на предизборен буџет, на популистички мерки, во насока на придобивање на одредени гласови со планираните покачувања на пензии на социјалната помош“, вели пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов, кој додава дека тие не биле против покачувањата на пензиите, но дека состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не го дозволува тоа бидејќи се доведувала во опасност и редовната исплата.

Ставрески, пак, вчера рече дека е планирано покачување на пензиите и социјална помош за пет отсто и значително зголемување на капиталните инвестиции со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот.

Во ниту еден случај овој буџет не е развоен затоа што ако се земе предвид дека секоја година го немаме тој раст што го предвидува владата и имаме остапување од тоа што го планира владата и што имаме развој.

Секоја година има зголемување на буџетот, па проекциите и за идната година се нереални, смета поранешниот пратеник, професорот Изет Зекири.

„Мислам дека секоја година владата за политички поени проектира и капитални инвестиции па така и сега се предвидуваат 400 милиони евра, а секога година тие капитални инвестиции се реализираат во просек 70 отсто и со ребаланстот на буџетот секогаш имаме кратење на капиталните инвестиции и мислам дека заради добивање на политички поени постојано се зголемува буџетот”, вели Зекири.

Според него владиниот предлог- буџет за 2016 година не може да се нарече развоен.

„Во ниту еден случај овој буџет не е развоен затоа што ако се земе предвид дека секоја година го немаме тој раст што го предвидува владата и имаме остапување од тоа што го планира владата и што имаме развој. Иако владата предвидува раст ние имаме раст но немаме развој уште немаме вода немаме минимални инфраструктури услови за граѓаните итн.“, вели Зекири.

Инаку Ставрески вчера оцени и дека македонската економија е жилава, а тоа покажувало дека основните политики се добро поставени и дека можела да се справи со одредени ризици и добро да одговори на нив. Оттаму нема ниту една причина да не веруваме дека растот од четири отсто за следната година е реален, додаде министерот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG