Достапни линкови

logo-print

Во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово се сместени околу 80 ученици. Тие велат дека се задоволни од условите во Домот.

Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово опстојува повеќе од половина век, период во кој се забележани бројни успеси на многу генерации средношколци од кумановско-козјачкиот, кривопаланечкиот и кратовскиот крај, велат учениците кои живеат во домот, а директорот Есад Шаботиќ, пак, додава дека овој дом е можеби еден од најдобрите во државава. Домот со капацитет од 120 легла, годинава има 80-ина станари, безмалку двојно повеќе од претходните години. Во него редовно запишаните средношколци ги имаат сите неопходни услови за учење, другарување, забава.

Чисто е, задоволни сме од кујната, строго е, имаме помош од воспитувачите, имаме професор по математика за вежбање, се дружиме.

„Многу е добро, чисто. Многу е убаво.“

„Би им препорачал на оние кои се уште не се во средно училиште да живеат тука, чисто е, задоволни сме од кујната, строго е, имаме помош од воспитувачите, имаме професор по математика за вежбање, се дружиме“, велат Симона и Марио Петровски, сестра и брат од Крива Паланка, ученици во Средното земјоделско училиште до кое имаат бесплатен превоз.

Гиле Манев од Кратово трета година живее во домот.

„Супер е. Задоволен сум, добра организација, подобри се условите тука, отколку приватно.“

Директорот Шаботиќ вели дека средношколците се примаат преку конкурс, со уверение за нивното психофизичко здравје, а престојот го финанасира Министерството за образование. Меѓутоа, тие средства не се доволни, поради што и менаџерскиот тим работи домаќински и наоѓа и други начини за дополнување на буџетот.

„Ние самите обезбедуваме нафта преку тендерска постапка, не добиваме помош за греење како училиштата. Среќа што тука имаме и народна кујна, па не на сметка на социјалците, туку многу економично и домаќински работиме. За викендите децата заминуваат дома, на тој начин имаме заштеда во греење, а кога има културни манифестации ние се ангажираме за сместување и за оброци на гостите. И од тоа добиваме по некоја пара.“

Во домот воспитувачите се од разни профили, педагог, професор по физичко, социолог и професор по странски јазици.

„За учениците секогаш водиме сметка да имаат успех во школото и да бидат здрави. Кога имаат проблеми со некој предмет им помагаме, доколку има потреба, како на пример со математика по избор на учениците ангажираме професор кој ќе работи со нив. Последните три четири години немаме ученик повторувач, зашто строго водиме сметка за комуникација на релација ученик-родител-професор-воспитувач- училиште.“

Шаботиќ додава дека се внимава во домот да немаат пристап лица кои не се станари.

„Условите во домот се идеални, можеби сме и еден од ретките домови во кои строго се води сметка за хигиена, храна, реновирани тоалети, се перат ќебиња, теписи и стази, се варосуваат ѕидовите секоја година редовно, децата да се правилно и квалитетно хранети, климатизирани се просториите. Кога одиме на некој натпревар во други домови, децата потоа велат дека нашиот дом е најдобар.“

Ученичкиот дом во Куманово е во непосредна близина на Соколанскиот парк, недалеку од центарот на градот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG