Достапни линкови

Дали некој ги слуша учениците?


Виктор Илиев, Коалиција СЕГА.
Виктор Илиев, Коалиција СЕГА.

Училиштето е систем во кој функционираат бројни паралелни процеси. Она што се запрашувам е колку тие се координирани и дали сите одат во иста насока или пак сите влечат на своја страна и го растргнуваат тој систем на сите страни?, пишува во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа, Виктор Илиев од Коалиција СЕГА.

Наставниците преку цела година ги оценуваат учениците, но дали учениците имаат шанса барем еднаш во годината да ги оценат наставниците и на тој начин да се согледа кој е моделот на наставник кој го сакаат учениците?
Често слушам дека „учениците не биле доволно зрели да изградат свој став па тоа го одлагаме за во средно, па за на факултет“, па затоа на крај како производ ќе добиеме млади луѓе кои треба самостојно преку други облици и начини на дејствување да ги учат сите овие работи кое претходно ги пропуштиле.


Живееме во период во кој во училиштата цело време се воведуваат „новини“. Но што правиме тогаш со „старините“. Со тоа постојано вметнување новини дојдовме до ситуација секој ден учениците да имаат по седум часа што е еден од главните фактори кои влијае на сите други процеси. Што следи сега? Осми час? Дали некој ги прашал учениците дали се способни да посетуваат настава од седум часа, притоа да одат на секции, на дополнителна или додатна настава, да работат на проекти, да се активираат во училишни организации и после сето тоа да најдат време за подготовка за тестови и пишување домашно или пак да се подготвуваат за екстерно?

Веќе три години заедно со Коалиција СЕГА на државно ниво, и со организациите членки на локално ниво, продолживме со имплементацијата на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на децата во Р.Македонија“ поддржан од Песталоци Детската Фондација. Активностите во вклучуваат и национален мониторинг на институциите за вклученоста на децата во процесите на одлучување, како и училишни активности за јакнење на капацитетите на училишните организации, организирање на инфо денови на децата правобранители, како и спроведување на годишното анкетно истражување за ставовите на учениците за повеќе прашања од нивни интерес во училиштата.

Останува на наставниците и персоналот во училиштата дали и во кој обем ќе го слушнат и разберат нивниот став за повеќе прашања од училишниот живот. Работиме веќе втора година во Битола на проектот и од стекнатите искуства во целиот изминат период произлегуваат разни прашања на кои доколку одговориме искрено се надевам ќе дојдеме до причините, последиците, но и можните решенија за разни процеси актуелни во училиштата.

Училиштето е систем во кој функционираат бројни паралелни процеси. Она што се запрашувам е колку тие се координирани и дали сите одат во иста насока или пак сите влечат на своја страна и го растргнуваат тој систем на сите страни?

Слушаме за разни фрази, процеси и проекти кои се имплементираат, слушаме еве актуелно за екстерното тестирање, слушаме за интегрирано образование, зборуваме за младинско учество преку училишните организации. Ова се само неколку теми, а ги има многу. Но тука тие не се спомнати како тема на дискусија, туку само како примери за процеси кои се дел од тој голем систем.

Исто така се обидувам да сфатам дали и на кој начин наставничките совети го слушаат ставот на учениците за разни прашања и како се обидуваат да прилагодат се она што се случува во училиштето на потребите на учениците? Реалноста на терен е дека имаме наставнички совет која е алфа и омега во училиштата. Имаме совети на родители кои прашање е колку функционираат, има училишен одбор и ред други тела. Сето тоа фино си е регулирано во законите и актите на државата и на училиштата. Единствено тело на учениците кое никој не го препознал како важно и кое никаде не фигурира во законите статутите на училиштата е токму училишната организација како официјално претставничко тело на учениците! Дали ова е случајно? А онаму каде случајно го има во документите прашувам дали наставничкиот совет воопшто ги охрабрува учениците на самоорганизирање, координирање и градење ставови за разни прашања?
Можеби наставниците т.е. возрасните не се доволно подготвени да ги вклучат учениците во процесите на одлучување за прашањата кои директно ги засегаат нив; можеби учениците пак од своја страна не се доволно упорни во своите барања и гледајќи дека колку и да се трудат сè е за џабе.


Често слушам дека „учениците не биле доволно зрели да изградат свој став па тоа го одлагаме за во средно, па за на факултет“, па затоа на крај како производ ќе добиеме млади луѓе кои треба самостојно преку други облици и начини на дејствување да ги учат сите овие работи кое претходно ги пропуштиле. Нели училиштето е за учење? Одговорот на ова прашање е очигледен и тоа ни дава одговор за тоа оти младите и кога ќе пораснат не се способни за да се координираат, градат ставови и да реализираат иницијативи и проектни активности.

Од друга страна пак надвор од училиштата имаме не толку познат за наставниците и советите на родители неформален систем на образование кој се реализира преку младински организации и младински работници како ресурс. Зошто тој ресурс е недоволно ангажиран и искористен од училиштата и другите институции? Кои се пречките кои стојат на патот на соработката помеѓу актерите во формалниот и неформалниот систем на образование? Како тоа во училиштата изразите како: волонтерство, ученички активизам, младинска работа се тотално непознати? Одговорите претпоставувам дека ги знаете.

Можеби наставниците т.е. возрасните не се доволно подготвени да ги вклучат учениците во процесите на одлучување за прашањата кои директно ги засегаат нив; можеби учениците пак од своја страна не се доволно упорни во своите барања и гледајќи дека колку и да се трудат сè е за џабе; можеби советите на родители исто така не се доволно заинтересирани за нивно вклучување и се чекаат од државата или општината; и на крај можеби надлежните институции на локално и државно ниво можеби премногу се фокусирани на дрвјата што не можат да ја видат шумата; но сепак сметам дека ако училиштето е т.н. втор дом за учениците или местото во кое го поминуваат најголемиот дел од своето време овие установи заслужуваат поголема посветеност од сите страни со цел усогласени политики, јасни цели и исполнети очекувања на сите оние кои функционираат во овој нивни втор дом.

Во училиштата постојат позитивни модели на ученици, постојат наставници кои работат со ентузијазам, кои нудат практична и интересна настава и кои нудат дополнителни можности за вклучување на учениците преку разни секции и проектни активности. Она што треба е тие да се идентификуваат и поттикнат со цел и други да се огледаат на нив.

Сметам дека сите овие наставници, ученици, позитивни поведенија треба да се охрабруваат, поттикнуваат и наградуваат оти токму од нив зависи напредокот!
XS
SM
MD
LG