Достапни линкови

Штрајкот со глад даде резултати, машиновозачите се враќаат на работа


Синдикатот на машиновозачите донел одлука, ако раководството на Македонски железници-Транспорт не го почитува ветеното, повторно да прекинат со извршувањето на работните задачи.

Машиновозачите денеска го прекинуваат бојкотот на извршување на работните задачи, откако на денешната средба во Министерството за транспорт и врски им беше ветено дека нивните барања ќе бидат исполнети. Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија Душко Чакаровски изјави дека Управниот одбор на синдикатот донел одлука, ако раководството на Македонски железници-Транспорт не го почитува ветеното, веднаш да прекинат со извршувањето на работните задачи.

Им ветиле на тие синдикати таму дека здравственото ќе го даваат редовно, ама „обеќање – лудом радовање“, така што од ветеното не се живее, се живее од нешто што е опипливо.

Чакаровски информира дека на средбата во Министерството на машиновозачите им било ветено дека до 2 октомври ќе ја земат втората половина од августовската плата и дека ќе се направат напори до крајот на октомври да ја земат платата за септември и дека од ноември, платите ќе ги добиваат редовно. Патните трошоци, според ветеното, ќе им се исплаќаат до 10-ти наредниот месец, помошниците ќе добијат зголемување на коефициентот со новата систематизација до крајот на годинава и дека и машиновозачите ќе добијат исти бенефиции како полицијата и војската.

„Што се однесува на барањето против никого да не се поведат никакви санкции и казни, одговорот бил дека ќе има некои санкции за учесниците во бојкотот. На кој начин ќе бидат санкционирани, дали со проценти или како, меѓутоа, одговорот бил дека ќе има санкции против учесниците“, рече Чакаровски.

Јас сум заборавил што е ХТЗ опрема, не памтам кога сум земал, носиме домашна гардероба, домашни кондури, а за ракавици да не спомнувам, што е најосновно средство за работа за маневрист.

Синдикатот одлучил да не ги прифати казните и информира дека ако некој од вработените биде казнет затоа што ја бојкотирал работата, повторно ќе прекинат со извршување на работните задачи. Ние не сме виновни за прекинот. Ако Министерството прифатеше порано да се сретне со нас, до ова воопшто немаше да дојде, вели Чакаровски.

Неколку десетици машиновозачи денеска излегоа на мирен протест пред Владата, од каде што се упатија пред македонското собрание. Ги негираат обвинувањата од власта за исполитизираност на протестот и се пожалија на ниски и нередовни плати и лоши услови за работа.

Тие 30 колеги што возат се под силна тортура, или жените им се некаде директорки или синовите им се за примање кај нас. Невидени притисоци, луѓето се уценувани, ги прават крпа.

„Пред неколку години дојдоа едни жени за заштита при работа и гледаа како возиме. Една жена дојде со мене за Кичево и кога виде што работам почна да бега од кабина, јас не ја пуштив, велам да видиш што работам. Тоа е едно, досега имам згазено едно 20 луѓе, тоа се трауми, башка, колку пати сум бил каменуван“, вели Зоран Илиевски.

„Им ветиле на тие синдикати таму дека здравственото ќе го даваат редовно, ама „обеќање – лудом радовање“, така што од ветеното не се живее, се живее од нешто што е опипливо“, вели Илчо Грозданов.

„Јас сум заборавил што е ХТЗ опрема, не памтам кога сум земал, носиме домашна гардероба, домашни кондури, а за ракавици да не спомнувам, што е најосновно средство за работа за маневрист“, вели Џемаил Коцев.

„Дознавме дека им се исплаќале по 20 илјади денари на штрајхбрехерите, на нашите колеги издаици, како некоја награда што им ја давал веројатно генералниот директор или одборот. Пари за редовните плати нема, а за мито и корупција или за подмачкување за работата да оди на црно се наоѓаат“, вели Зоран Цветановски.

Ангеле Стојановски вели дека од 137 машиновозачи, возат само околу 30, кои подлегнале на притисоците од раководството на компанијата.

„Тие 30 колеги што возат се под силна тортура, или жените им се некаде директорки или синовите им се за примање кај нас. Невидени притисоци, луѓето се уценувани, ги прават крпа“, вели тој.

Бојкотот на машиновозачите, кој го парализира патничкиот и товарен железнички сообраќај трае веќе две недели. Редовно сообраќаат само возовите што превезуваат мигранти. Од пред три дена, за да издејствуваат средба со министерот за транспорт и врски, дел од машиновозачите почнаа штрајк со глад.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG