Достапни линкови

Со протести и граѓански иницијативи против урбаната мафија


Жителите на населбите Карпош и Кисела Вода се спротивставија на плановите на локалната власт за промена на ликот на нивната средина, односно нови згради да го заменат постоечкото зеленило и парковите.

Протести, јавни собири и дебати и покренување на граѓански иницијативи се мерките кои сè почесто граѓаните ги употребуваат против измените во деталните урбанистички планови во нивните општини. Жителите на населбите Карпош и Кисела Вода се спротивставија на плановите на локалната власт за промена на ликот на нивната средина, односно нови згради да го заменат постоечкото зеленило и парковите.

Ние ги бараме сите можни решенија кои ни ги овозможуваат законите за да може да влијаеме до одговорните во општината, да реагираме сите, да одговараме и да донесеме еден подобар ДУП за сите нас.

Невена Ѓорѓиевска од населбата Карпош вели дека јавната анкета и презентација за промена на дупот во општината биле изведени нетранспарентно за време на летните одмори. Според неа, поради тоа сега сакаат да го запрат процесот на донесување на дупот и за таа цел собрале 2.500 потписи од жителите, по што покренале и граѓанска иницијатива.

„Ние ги бараме сите можни решенија кои ни ги овозможуваат законите за да може да влијаеме до одговорните во општината, да реагираме сите, да одговараме и да донесеме еден подобар ДУП за сите нас“, порачува Ѓорѓиевска.

Таа култура на протест на граѓаните е многу важна, особено во протестите поврзани со урбанизацијата и донесувањето на одлуките за просторот кој ги опкружува луѓето. Во таа смисла нашиот граѓанин, според важечката законска регулатива, или условно кажано простор на урбанистичкиот систем, којшто е усвоен и се практикува во Македонија, треба, па и мора да партиципира, во одлучувањето за она што се планира и реализира во неговото опкружување.

Архитектот Даница Павловска, која беше дел од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, вели дека и е драго што може да се констатира оти полека, но сигурно, се гради граѓанскиот концепт.

„Таа култура на протест на граѓаните е многу важна, особено во протестите поврзани со урбанизацијата и донесувањето на одлуките за просторот кој ги опкружува луѓето. Во таа смисла нашиот граѓанин, според важечката законска регулатива, или условно кажано простор на урбанистичкиот систем, којшто е усвоен и се практикува во Македонија, треба, па и мора да партиципира, во одлучувањето за она што се планира и реализира во неговото опкружување“, смета Павловска.

Според неа, јавната анкета е само првичен контакт на граѓанинот со промената на јавниот простор.

Ѓорѓиевска смета дека секој граѓанин треба активно да учествува во донесувањето на одлуки и тоа е нивна должност.

„Целта не е само да се изгласаат некои претставници и после тоа да се донесува ДУП без присуство на граѓаните и потоа кога ќе дојдат булдожерите, тогаш да бидеме освестени дека нешто ни се случило. Во таа фаза веќе законски се покриени и ние тука не можеме ништо освен да легнеме пред булдожерите. Сега сме во ситуација сите да се чудат што се случува. Овие работи требало да се случуваат одамна, но ние сите, иако сме биле свесни, сега се будиме во моментот кога веќе ни се исправени градби и згради и веќе немаме воздух и загаденоста е три или четири пати преголема“, смета Ѓорѓиевска.

Таа додава и дека за да им биде успешна иницијативата, според законот потребни им се 10 отсто, односно 6.500 потписи од жителите на општината. На народот веќе му е преку глава од ова што се случува и доколку не успеат во иницијативата, барем, како што смета Ѓорѓиевска, ќе ја разбудат свеста дека мора да се дејствува.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG