Достапни линкови

Узурпирано Скопје за лични интереси


Архивска фотографија - протест пред седиштето на Општина Центар.

Архивска фотографија - протест пред седиштето на Општина Центар.

Наместо на интересите на граѓаните при градењето на Скопје се подлегнало на интересите на они кои градат. Експертите како виновници ги посочуваат сите инволвирани страни, од инвеститори, општини, до министерства, архитекти, урбанисти.

Обвинувањата за промената на дуповите во општина Центар и тоа кој треба да гради, каде и дали одредени згради треба да се легализираат уште еднаш го покренаа прашањето дали се узурпира градот на сметка на некои лични интереси.

Ние ако сакаме нешто да направиме треба стратешки повторно да се седне, општините, градот, Министерството за транспорт и врски, не вака да се надмудруваат.

Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија градоначалникот на Центар Андреј Жерновски дека е покровител на урбаната мафија во Скопје, бидејќи дозволил легализација на Кинескиот ѕид. Жерновски, пак, изјави дека градежната мафија е вмешана во менувањето на дупот Дебар маало, со кој е предвидеа изградба на неколку згради. Според него, владата ја донела одлуката со која предвидените згради се утврдени како градби од посебен интерес.

Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

На тоа одговори и Министерството за транспорт и врски од каде соопштија дека Жерновски ја изработил нацрт верзијата за дупот.

Одговорен е прво инвеститорот кој има сопствени интереси, потоа одговорни се општините, министерствата и сите оние кои дозволиле да се спроведат урбанистичките планови и се разбира одговорни се архитектите и урбанистите кои прифатиле да ги нацртаат туѓите интереси во урбанистичките планови.

Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора Никола Велковски вели дека проблемот датира од минатото кога не можело да се постигне договор за концептот како треба да се гради, особено во центарот на градот. Но, според него уште тогаш се подлегнало на интересите на оние кои ќе профитираат од изградбата на нови објекти со што се загубил квалитетот на живеење.

„Ние ако сакаме нешто да направиме треба стратешки повторно да се седне, општините, градот, Министерството за транспорт и врски, не вака да се надмудруваат. Јас сега не сакам да навлегувам што е и како е, ама има направено социолошки анализи што треба да се гради таму за да имаме одржлив развој“, вели Велковски.

И претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека одговорни се сите инволвирани страни.

„Одговорен е прво инвеститорот кој има сопствени интереси, потоа одговорни се општините, министерствата и сите оние кои дозволиле да се спроведат урбанистичките планови и се разбира одговорни се архитектите и урбанистите кои прифатиле да ги нацртаат туѓите интереси во урбанистичките планови, бидејќи тука нема никаква стручност, никакво проектирање во урбанизмот, туку само најбрутално исцртување на парцели за нечии туѓи интереси“, смета Раѓеновиќ јовановиќ.

Велковски смета дека во моментов кога сите се политички и на секој начин разединети прашање е дали има волја од институциите за решавање на проблемите во урбанизмот. Но, пред се според него, граѓаните треба да се борат за интересите на Скопје, бидејќи забораваат дека тоа е нивни град.

„Кога ќе го вратиме тоа чуство кога ќе се соединиме пак и кога ќе кажеме ова е заеднички интерес на сите тогаш треба да седнеме. Политиката не смее да има удел тука, туку граѓаните што сакаме да направиме на тој простор и што ќе им оставиме на идните генерации“, додава Велковски.

И според Раѓеновиќ Јовановиќ време е да се каже доста, да се променат урбанистичките планови и некој да сноси одговорност за се што се случува.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG