Достапни линкови

Жерновски - Имаме работа со тоталитарен режим


Такво однесување може да има само во една полициска држава и мислам дека веќе на сите во Република Македонија им е јасно дека имаме работа со еден тоталитарен режим, обвини градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, откако полицијата ноќеска ги уапси граѓаните што спречуваа изградба на административна зграда кај хотелот Бристол во центарот на Скопје.

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски попладнево изјави дека во центарот на Скопје има полициски час, откако под силно полициско обезбедување изутрината почна изградбата на административна зграда во паркот кај хотелот Бристол.
Такво однесување може да има само во една полициска држава и мислам дека веќе на сите им е јасно дека имаме работа со еден тоталитарен режим.

Полицијата ноќеска приведе 11 активисти на граѓанската иницијатива Паркобрани во паркот пред Бристол. По пет часа поминати во полициска станица, тие биле пуштени со прекршочни пријави за нарушување на јавната чистота.

Жерновски обвини дека апсењето на активистите со, како што рече, 200 специјалци е одлика на тоталитарен режим.

„Такво однесување може да има само во една полициска држава и мислам дека веќе на сите во Република Македонија им е јасно дека имаме работа со еден тоталитарен режим“, реагира Жерновски.

Жерновски не одговараше на новинарски прашања и само рече дека заедно со советниците нема да се предадат и ќе продолжат со битката. Жерновски сепак не кажа ништо за тоа кога ќе се донесат измените на ДУП-от за тој дел на градот со што ќе спречи изградбата на објект во паркот. Советот на Општина Центар ја стави таа точка на дневен ред пред повеќе од три месеци. Пред општината тогаш имаше протести, наводно за заштита на црквата Св. Константин и Елена, иако не се предвидуваше таа се урива. Жерновски тогаш обвини дека зад протестите стои владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу приведените единаесетмина утринава бил и советникот во Општина Центар Дарко Атанасовски.
Сè беше брзо, како во филм. Најпрво ги изгаснаа сијалиците на булеварот и на улицата Македонија, потоа пристапија со голем број на возила, излегоа од автомобилите, нè приведоа со автомобилите во полициската станица Пролет во Кисела Вода, не ни објаснија, образложија зошто нè приведуваат.

„Значи, сè беше брзо, како во филм. Најпрво ги изгаснаа сијалиците на булеварот и на улицата Македонија, потоа пристапија со голем број на возила, излегоа од автомобилите, нè приведоа со автомобилите во полициската станица Пролет во Кисела Вода, не ни објаснија, образложија зошто нè приведуваат, туку напротив, ни кажаа ќе разберете понатаму. Тоа го разбравме во раните утрински часови, односно во 6 часот утрото кога нè ослободија“, рече Атанасовски.

Атанасовски вели дека прекршочните пријави што ги добиле за нарушување на јавниот ред и мир се апсурдни, затоа што токму полицијата е таа што го нарушила редот со тоа што во 2 часот по полноќ ги местеле тарабите.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека Жерновски е човек кој со поддршка на СДСМ свесно креираат конфликти поради креирање на сопствен имиџ во недостаток на конкретни проекти.

ВМРО-ДПМНЕ му понуди алтернатива на Жерновски со која ќе беа засадени околу 10.000 дрвја со средствата од комуналиите на објектот на СРД кој треба да се гради на местото каде партиските активисти на СДСМ и ЛДП и партиските војници вработени во Општина Центар, глумат независни граѓани. Жерновски оваа алтернатива експресно ја одби со што докажа дека не му се битни ниту дрвјата, ниту паркот, туку единствена цел му е свесно да креира конфликти“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во МВР, пак, само кусо ни одговорија дека полицијата постапила по барање за асистенција од сопственикот на земјиштето кој има дозвола за градба и уредно платени комуналии. Сопственикот на земјиштето побара неговиот имот да биде ослободен од лицата што го узурпираа тој имот и полицијата постапи согласно законот, велат во МВР.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG