Достапни линкови

Грчкиот парламент го одобри третиот спасувачки пакет


Грчките пратеници гласаа за третиот спасувачки пакет само неколку часа пред средбата на министрите за финансии на еврозоната. Но, партијата на премиерот Алексис Ципрас, по се изгледа е пред поделба откако крајно левичарската фракција во Сириза повика на фронт против новиот пакет.

Неколку денови откако беше постигнат договор со странските кредитори, премиерот Алексис Ципрас побара од парламентот да го одобри.

Со него се предвидува зголемување на даноците и кратење на трошоцитево замена за финансиска помош од 85 милијарди евра во заеми.

Тоа ќе биде трет финансиски пакет за спасување на грчката економија во изминативе пет години.

Премиерот Ципрас за овој пакет ја доби поддршката од опозициските партии кои оценија дека со него се обезбедува земјата да не се врати повторно во финансиски хаос.

Но, од друга страна, гласањето во парламентот беше уште еден тест за тоа колкава е силата на „бунтовниците“ во Сириза што го зголемува притисокот врз премиерот Ципрас да побара предвремени избори веќе во септември годинава.

Сириза е поделена партија, во тоа нема сомневање и јасно е дека таа ситуација нема да се одржува уште долго време.

„Сириза е поделена партија, во тоа нема сомневање и јасно е дека таа ситуација нема да се одржува уште долго време“, изјави пред седницата на парламентот Киријакос Мицотакис, пратеник од опозициската Нова демократија кој изрази сомневање во одржливоста на грчката влада.

Премиерот Ципрас се соочува со голем отпор во партиските редови уште откако во минатиот месец и покрај одржаниот референдум на кој Грците отфрлија натамошни тешки реформи и штедења, сепак се согласи да преговара за нови кредити.

„Мислам дека владата не требаше никогаш да предложи трет спасувачки пакет“, вели поранешниот заменик министер за труд Димитрис Стратулис.

Се срамам, ние веќе немаме демократија, туку диктатура на еврозоната.

Екс министерот за енергетика Панајотис Лафазанис, пак, најави обединет фронт за да се оствари, како што рече, народната желба за демократија и социјална правда.

„Се срамам, ние веќе немаме демократија, туку диктатура на еврозоната“ изјави Лафазанис, кој сепак не беше дециден дали тоа е повик за отцепување од Сириза и за формирање нова партија.

Се очекува Ципрас да го зацврсти притисокот врз Сириза кога партијата ќе одржи специјален конгрес на кој ќе се расправа за внатрешните разлики.

Според некои најави, веднаш по конгресот тој ќе распише предвремени избори за, како што се надева, да ја запечати поддршката во јавноста за третиот спасувачки пакет.

Од друга страна, Меѓународниот монетарен фонд во четвртокот изврши притисок врз Европската унија да излезе со план за извесно отпишување на долгот на Грција, наведувајќи дека само на таков начин Фондот ќе дозволи нови заеми за Атина.

Во ММФ веруваат дека Грција никогаш не ќе може целосно да го исплати долгот кој набрзо ќе биде два пати поголем од економијата на таа земја.

Меѓутоа, Германија и другите членки на Европската унија одбиваат да и ги отпишат долговите на Грција, објаснувајќи дека во повелбата на Унијата не е предвиден таков потег.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG