Достапни линкови

Растат поделбите во Сириза


Растат поделбите во Сириза
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

Растат поделбите во Сириза

Грчкиот премиер Алексис Ципрас апелираше на единство во неговата партија Сириза во која се продлабочуваат несогласувањата околу новиот пакет мерки за штедење со цел земјата да добие нова помош од странските кредитори. Тој имаше средба со раководството на Сириза во партискиот штаб во Атина.

Повикот на премиерот Ципрас дојде во моментот кога во медиумите се појавија извештаи дека некои од неговите сопартијци сакале да извршат упад во резервите во грчката Централна банка и да ги блокираат сметките на грчките даночни обврзници со цел враќање на драхмата како платежно средство.

Пишувањата на медиумите со кои се нагласува хаосот во Сириза се однесуваат главно на поранешните министри за енергетика и за финансии Панајотис Лафазанис и Јанис Варуфакис.

Објавена е снимка на која Варуфакис договарал таен план за враќање на драхмата.

Опозицијата веднаш побара од премиерот Ципрас да им објасни на пратениците дали знаел за постапките на неговиот поранешен министер за финансии

Двајцата членови на левичарската Сириза, Лафазанис и Варуфакис во почетокот на јули беа отповикани од нивните функции.

Тие, како и четвртина од 149 пратеници на оваа партија се изјаснија против новите мерки кои беа донесени во парламентот.

Ќе продолжиме да се бориме се додека ова „не“ стане победничко. За Грција без мерки за штедење, без стражари. Грција е демократска, напредна и конечно социјалистичка.
Панајотис Лафазанис, екс министер за енергетика

Но, Лафазанис кој ја предводи таканаречената Лева платформа во Сириза во понеделникот најави дека ќе продолжи да се бори против острите мерки за штедење со цел да се добие финансиската помош од странските кредитори во вредност од 84 милијарди евра.

Тоа ги поттикна сомневањата дека премиерот Ципрас тешко ќе се справи со неединството во неговата партија.

„Тие прават огромна грешка. Тие мислат дека 62 процента кои гласаа против мерките била само популистичка неделна бура која дојде и замина“, изјави Лафазанис во врска со резултатите на референдумот од 5 јули на кој Грците со големо мнозинство се изјаснија против пакетот мерки.

Но, Ципрас по референдумот се согласи во Брисел да ги прифати условите од кредиторите со што ја продлабочи кризата, како и поделбите меѓу членовите во неговата партија.

„Ќе продолжиме да се бориме се додека ова „не“ стане победничко. За Грција без мерки за штедење, без стражари. Грција е демократска, напредна и конечно социјалистичка“, изјави Лафазанис кој им се обрати на припадниците на Левата платформа.

Хаосот во Сириза дојде во момент кога Грција ги почнува преговорите со меѓународните кредитори.

Грција дојде на работ на пропаста за време на долготрајниот ќорсокак меѓу владата и нејзините странски доверители.

Таа го пропушти плаќањето на дел од долгот спрема Меѓународниот монетарен фонд и беше принудена три недели да ги затвори банките.

Тие беа отворени откако Европската централна банка го зголеми нивното финансирање, но банкарскиот капитал останува под контрола.

Постојат страхувања и за тоа дали тешко ослабената грчка економија би можела да издржи уште еден пакет штедење по скоро шест годишното стегање на ременот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG