Достапни линкови

Грците против нови мерки за штедење


Како што грчката влада се соочува со тешки предизвици во обидот да ги убеди странските кредитори дека е сериозна во намерата да постигне компромис, така таа е и пред се поголемото противење дома на новите мерки за штедење. Една од нив е и зголемувањето на даноците. Најпогодени ќе бидат грчките угостители.

Сопствениците на ресторани би требало да го зголемат данокот на додадена вредност на 23 отсто. Тоа, според нив, би било лоша вест и за нивните вработени и за нивните гости.

„Имам единаесет вработени и јас сум одговорен и за нивните семејства. Сега би требало да отпуштам 20, 30 отсто од нив. Не станува збор само за тројца вработени, туку и за нивните семејства. Тоа ќе биде првата последица. Втората е што ќе морам да ги намалам порциите за да не ги зголемам цените“, вели Константинос Верикокос, угостител од Атина.

Новиот грчки план вклучува и реформи во пензискиот систем и приватизација на државниот имот со продавање на електричната мрежа и на регионалните аеродроми и пристаништа.

Би требало да доведе до заштеда од 13 милијарди евра. За возврат Грција бара над 53 милијарди евра. Овој план е голем пресврт за владата која беше избрана на ветувања дека ќе им стави крај на острите мерки за штедење.

Со планот се задржуваат сите неподносливи даночни оптоварувања кои постоеја и претходно и кои се штетни за економијата и општеството. Освен тоа има и некои дополнителни мерки.

„Со планот се задржуваат сите неподносливи даночни оптоварувања кои постоеја и претходно и кои се штетни за економијата и општеството. Освен тоа има и некои дополнителни мерки“, вели економистот Костас Мелас.

Предлогот на Атина за нов пакет зголемени даноци, кратење на пензиите и економски реформи во замена за трета финансиска помош преку Европскиот механизам за стабилност во саботата беше одобрен од грчкиот парламент.

Во него има и укинување на даночните олеснувања за островите во земјата, што според економистите, ќе биде голем удар за грчкиот туризам. Туристите кои одмораат на грчкиот остров Фолегандрос велат дека не се многу загрижени од економските битки во Брисел.

Сепак, локалното население страхува дека новите мерки ќе доведат до паѓање на бројот на гостите.

„Луѓето кои доаѓаат тука носат пари во готово поради вестите што ги слушаат во цела Европа. Тие не доаѓаат со нивите платежни картички бидејќи знаат дека би можело да имаат проблем“, вели Флавио Фачиоло.

Тамошната локална економија е главно поврзана со туризмот и секој проблем значи и намалување на бројот на гостите.

„Луѓето работат со туристите и ако ги нема се ќе биде затворено и ќе нема пари“, вели Ирени од кујната на нејзиниот мал ресторан.

Дел од туристите на Фолегандрос велат дека не забележуваат некои поголеми проблеми.

„Се чувствуваме целоснo исклучени. Ова е еден вид магично место кое живее далеку од сите оние кризи и токму тоа е она што ни се допаѓа. Токму во тоа е шармот на овој остров“, вели белгискиот турист Ксавиер.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG