Достапни линкови

Глобус ја анализира изјавата на Лавров е дека Македонија можело да биде поделена меѓу Албанија и Бугарија. Фокус пишува за Турски тек, а Република за Диво Насеље.

Пред неколку месеци, американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Македонија се наоѓа на линијата на огнот помеѓу Вашингтон и Москва. Пред некоја недела, пак, првиот човек на руската дипломатија, Сергеј Лавров предупреди дека Македонија можело да биде поделена меѓу Албанија и Бугарија. И, Македонија, ваква каква што е, се најде повторно во меѓународните геостратегиски политички игри.

Глобус - Русија провоцира нови конфликти на Балканот

Токму изјавата на Лавров е предмет на анализата што ја објавува он-лајн магазинот Глобус, „Русија провоцира нови конфликти на Балканот“, во која, покрај другото, се поставува прашањето зошто рускиот министер за надворешни работи говори само за „поделба“ на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, кога доброупатените во геополитичките состојби сметаат дека свои апетити кон Македонија имаат уште и Србија и Грција?

Зошто рускиот министер за надворешни работи говори само за „поделба“ на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, кога доброупатените во геополитичките состојби сметаат дека свои апетити кон Македонија имаат уште и Србија и Грција?

Според авторот, за тоа постои едно едноставно објаснување: како внатрешно убедување, а најмногу како пропаганда во своја корист, Кремљ го распростанува обвинувањето дека сите проблеми во меѓународната политика доаѓаат од САД. Тоа се однесува како на Украина и Грузија, така и на Балканот. Всушност, дека Вашингтон ги „буцка“ лошите проамерикански влади во Албанија и Бугарија да ја поделат Македонија, а „добрите“ Скопје, Белград и Атина се заинтересирани само за засилување на економските врски со Русија и одржување на рамнотежата, пишува Глобус.

Фокус - Големата лага за Турски тек

И воведната колумна на Фокус обработува тема во пошироки констелации од само регионалните. Во „Големата лага за Турски тек“ покрај другото се објаснува дека „намигнувањето кон Москва на актуелната власт, како обид да се спаси фотелјата дома, е сигурен знак дека времето на овој политички систем што го продуцира Илинденска број 2, полека завршува. Ниту геостратегиски, ниту политички, ниту историски, оваа земја не може да биде руски приврзок“, нагласува авторот на воведникот во Фокус, за да наведе дека приказната за Турски тек може да служи како своевиден лакмус за испитување на политичката зрелост на овдешните политички елити, чии приврзаници шетаат со маичките на Путин на митинзите, но не и како реална подлога за оправдување на стоте погрешни чекори на Преродбата во изминативе 9 години.

Ниту геостратегиски, ниту политички, ниту историски, оваа земја не може да биде руски приврзок.

Република - Иво Вајгл и вистината за Диво Насеље

Република повторно отворено антиалбански. Воведната колумна е насловена како „Иво Вајгл и вистината за Диво Насеље“, а во неа се напаѓаат европреговарачот, Ричард Ховит дека го бранел Заев, косовскиот јавен обвинител затоа што му требале две недели за да соопшти дека терористичката група од Куманово подготвувала акции и во Косово, „Соросовите“ и албанските медиуми, кои „верзиите во врска со мотивите на терористите ги менуваа и штелуваа според потребата“. И на крај, Црвенковски и Заев поради изјавите за менување на општествено-политичкиот систем во државава и за проширување на Охридскиот рамковен договор и дека вториот се борел за туѓи политички интереси.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG