Достапни линкови

Груевски „дига рачна“ за анти-западното расположение


Груевски вели дека нема докази дека странска земја стои зад настаните во Куманово и дека САД, Велика Британија, Франција или Германија не стојат зад прислушуваните разговори што ги објавува Заев.

Премиерот Никола Груевски „дига рачна“ за анти-западното расположение во Македонија, што изминатиов месец најмногу го потхрануваа токму неговите поддржувачи во медиумите.

Европските интеграции се политичка валута којашто не верувам дека некој политичар би се осмелил во кој било момент да не ја употребува. Во таа смисла, освен можеби некакво кокетирање, немало систематско преориентирање на партијата на власт кон неевропска агенда.

Во синоќешното интервју за порталот Прес24, тој повторно ја нагласува стратешката евроатлантска определба на Македонија, вели дека изградбата на Турскиот тек ќе зависи од договор меѓу ЕУ и Русија, дека досега нема докази или барем индиции дека странска држава или разузнавачка служба стои зад настаните во Куманово и имплицира дека странската служба, за која тврди дека стои зад прислушуваните разговори што ги објавува лидерот на опозицијата Зоран Заев, не доаѓа од најсилните западни земји – САД, Велика Британија, Франција и Германија.

Поддржувачите на владата во изминатите недели наголемо ја промовираат теза дека западните земји прават „обоена револуција“ во Македонија по примерот на Украина и оти тоа се случува за да се спречи изградбата на гасоводот Турски тек. Впрочем и професор Виолета Ачковска од ГДОМ од говорницата на големиот партиски собир пред Собранието на 18 мај, ја реафирмира таа теза.

Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа.

„Во моментов и во Македонија опозицијата и нејзините надворешни ментори ни приредуваат еден од чиновите на украинската драма. Се поставуваат шаторите, а потоа веројатно следи и некој македонски Кличко, името воопшто не му е важно, тој ќе биде само пиунот кој ќе треба да одигра некаква клучна улога во оваа добро испланирана и долго подготвувана балканска премиера. Нашата сила, нашата енергија која зрачи овде и сега е најголемата пречка за реализација на тоа погубно сценарио“, рече таа.

Во последниве неколку месеци, невообичаено за изминативе години, на случувањата во Македонија реагираше и руското Министерство за надворешни работи. Поддржувачите на владата ја промовираат тезата дека Македонија е жртва на западен заговор и оти зад прислушуваните разговори што ги објавува Заев стои некоја моќна западна земја. Груевски, пак, сега вели дека нема логика САД, Велика Британија, Германија или Франција да стојат како организатори на овој процес.

„Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа“, вели тој.

Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетес Цивилес, говорите на митингот на владејачката партија биле пред сè за заплашување на граѓаните и поларизација, а всушност земјава и никогаш суштински не се отрганала од евроатланскиот пат.

„Европските интеграции се политичка валута којашто не верувам дека некој политичар би се осмелил во кој било момент да не ја употребува. Во таа смисла, освен можеби некакво кокетирање, немало систематско преориентирање на партијата на власт кон неевропска агенда номинално, значи само така кажано“, вели Поповиќ, според кого од една страна владата вели дека е за ЕУ и НАТО, но од друга страна во последниот период има назадување во спроведување на забелешките и препораките од ЕУ.

„Во таа смисла, ова што сега излегува како изјава на премиерот е консолидирање некакво во рамките на преговорите за да го затвори тој фронт којшто мислам дека непосакувано се отвори, односно таа идеја дека има некакво преориентирање кон Русија“, вели Поповиќ.

Во однос на спорот за името, во интервјуто за Прес24 Груевски вели дека „за жал во овој момент Грција е целосно фокусирана на нивниот финансиски проблем“ и оти се надева дека по надминувањето на неговата критична фаза, „ќе се фокусира и на овој проблем чие решавање е од интерес на двете страни“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG