Достапни линкови

Москва: Новата стратегија на САД, закана за Русија


Москва ја оцени како антируска новата американска стратегија за национална безбедност. Рускиот Совет за национална безбедност смета дека долгорочно Соединетите Држави заедно со сојузниците ќе продолжат да вршат притисок со цел политичка и економска изолација на Русија.

Белата куќа минатиот месец објави ажурирана безбедносна стратегија, во која Русија се портретира како регионален агресор и закана за стабилноста откако го анектира украинскиот полуостров Крим, како и со поддршката за сепаратистите во источна Украина.

Рускиот Совет за национална безбедност смета дека Соединетите Држави ќе преземеле значајни напори за да креираат антируски политички курс во земјите кои и се пријатели на Русија и ќе се обиделе да го намалат руското влијание во екс советските републики.

Исто така се повторува тврдењето дека Вашингтон би можело да се обиде да проектира политичка промена во Русија употребувајќи ги истите тактики на масовни протести за кои Москва вели дека го собориле прорускиот претседател во Киев во минатата година.

Рускиот Совет за национална безбедност смета дека Соединетите држави ќе преземеле значајни напори за да креираат антируски политички курс во земјите кои и се пријатели на Русија и ќе се обиделе да го намалат руското влијание во екс советските републики.

Според рускиот Совет за безбедност, обновената верзија за разлика од претходната во 2010 година била отворено антируска и креира негативна слика за Русија. Затоа, како што се додава, спроведувањето на новата американска стратегија ќе претставува закана за Русија.

Односите меѓу Москва и Вашингтон се на најниско ниво од Студената војна поради конфликтот во Украина за кој Западот ја обвинува Русија која ги поддржува тамошните сепаратисти.

Москва вели дека е на нивна страна, но отфрла секакво директно воено мешање во источна Украина и покрај тоа што постојат извесни докази за тоа.

Москва, како што повторува, сакала само да ги заштити руско говорните источни региони на Украина од националистите кои ја презеле власта во Киев откако поранешниот сојузник на Кремљ Виктор Јанукович беше соборен од власт со улични протести во февруари лани.

Русија ги обвинува Соединетите Држави дека стоеле зад протестите како што било случај и со другите обоени револуции.

Руското министерство за надворешни работи исто така упати критики и поради политиката на нуклеарно вооружување на Западот.

„Соединетите Држави и другите членки на НАТО би требало долгорочно да се откажат од опасните еднострани чекори во областа на ракетната одбрана. Во таков случај не би требало да бидат загрижени за некакви можни последици“, се наведува во соопштението.

Во текот на изминатиот викенд Москва се закани дека данските воени бродови би можело да станат цели на руското нуклеарно оружје доколку Данска се согласи на разместување антиракетен штит на НАТО на нејзина територија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG