Достапни линкови

logo-print

Нови обвинувања за „Стариот театар“


Опозицијата обвини дека Стариот театар во Скопје чини шест пати повеќе од првично најавеното. Власта се закани со тужби.

Опозицијата повторно обвини за криминал во проектот Скопје 2014, а министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска возврати со најава за кривична пријава против портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Според опозицијата, за новоизградениот театар биле потрошени 39 милиони евра, наместо предвидените 6 милиони, како што покажуваат дополнителните анекси објавени на Бирото за јавни набавки. Министерката не негираше колку пари биле потрошени, туку изјави дека веќе дала отчет за проектот и дека СДСМ во недостиг на идеи се служи со лажни обвинувања. И двете страни изразија подготвеност да се соочат на суд.
Најголемата причина зошто проектот Скопје 2014 е непопуларен кај граѓаните е корупцијата и финансиите. Значи граѓаните се повеќе засегнати за потрошените пари, отколку за просторните или естетските аспекти на Скопје 2014.

Никола Наумоски од Плоштад Слобода вели дека во досегашните анкети кои ги спровеле проектот Скопје 2014 е доминантно непопуларен меѓу граѓаните.

„Најголемата причина зошто проектот Скопје 2014 е непопуларен кај граѓаните е корупцијата и финансиите. Значи граѓаните се повеќе засегнати за потрошените пари, отколку за просторните или естетските аспекти на Скопје 2014. Но, она што сака јавноста да знае од опозицијата е како таа сега ќе се справи со проектот, а не како ќе го принудува обвинителството да ги одбива нивните кривични пријави“, вели Наумоски.

Извршниот директор на Транспарентност Македонија, Ана Јаневска Делева, вели дека во анализите кои ги изработиле од 2011 па навака редовно содржеле примери за матните зделки во проектот Скопје 2014 година.
Извештаите кои што ги подготвуваме, а кои се однесуваат на Скопје 2014 година навистина содржат конкретни примери за прекршување на законите, конкретни случаи поврзани со конкретни личности.

„Извештаите кои што ги подготвуваме, а кои се однесуваат на Скопје 2014 година навистина содржат конкретни примери за прекршување на законите, конкретни случаи поврзани со конкретни личности, при што се објавени и сумите за незаконските јавни набавки и трошењето на народните пари“, вели Јаневска Делева.

Според Наумоски, опозицијата живее во илузија дека граѓаните сакаат да слушнат уште еден скандал за проектот, но веќе ништо не може да ги изненади, па дури ни фактот дека скулпторката Валентина Стефановска потрошила големи суми на пари на патувањата во Фиренца.

„Ако тоа им е намерата, тогаш прават голема грешка, бидејќи граѓаните сакаат да видат начин на кој што опозицијата ќе се справи со проектот и ќе го натера премиерот Никола Груевски да престане да гради, наместо на прес-конференции да бидат читани соопштенија за тоа кој колку украл. На сите им е јасно дека проектот Скопје 2014 е голема пералница на пари. Но, сите не интересира како ќе ја спречиме во иднина и како ќе ги вратиме процесите назад, а не напред“, вели Наумоски.

Јавното обвинителство сè уште молчи по ревизијата на Скопје 2014 во Општина Центар, која откри нерегуларности во спроведувањето на проектот.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG