Достапни линкови

Барокно Скопје за лажна историја на Македонија


Идејно решение за изгледот на фасадата на објект во центарот на Скопје (некогашна НАМА).

Идејно решение за изгледот на фасадата на објект во центарот на Скопје (некогашна НАМА).

Крајната цел на оваа влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат, вели професор Донка Барџиева Трајковска.

Првичната замисла на проектот „Скопје 2014“ одамна е проширена и надградена. Сликата за барокно Скопје дополнително ќе ја збогатат уште два хотели во центарот на градот кои ќе треба да бидат изградени во тој стил. Веќе се работи и на менувањето на ликот на зградите околу плоштадот Македонија и на Владата, а само прашање на време е и кога Градскиот трговски центар ќе ја доживее истата судбина. Владата и натаму инсистира Скопје да го претвори во град на барокот, а упатените велат дека причината не е да се промени неговиот изглед.

Крајната цел на оваа влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат.

Претседателката на Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“, професор Донка Барџиева Трајковска, вели дека станува збор за еден идеолошки проект којшто има за цел да направи лажна слика за историјата на Македонија.

„Крајната цел на оваа влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат којшто нема апсолутно никаква врска, ниту, пак, поседува одредени вредности за да може да добие каков било минимален научнички третман“, вели таа.

Се работи за време каде што нема граѓани и демократски избрана власт, туку поданици и монарх, каде монархот ја има апсолутната власт и каде зградите што ги гради монархот треба да ја нагласуваат нееднаквоста меѓу граѓанинот и владетелот.

Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“ вели дека власта има две причини за остварување на проектот.

„Причината е зошто се гради во барок, а не во некој друг стил е од примарно коруптивни причини. Имено, барокот чини поскапо и за да се изработи е потребна т.н. повеќе работна рака што е можност за државните институции да си пишуваат неосновани анекси на првичните тендери и да си ја зголемуваат вредноста на објектите како сакаат и кога сакаат“, вели Наумоски.

Според него, тоа е примарната причина, а секундарната има идеолошко значење, бидејќи се работи за правец кој ги одбележува европските тоталитарни режими.

„Се работи за време каде што нема граѓани и демократски избрана власт, туку поданици и монарх, каде монархот ја има апсолутната власт и каде зградите што ги гради монархот треба да ја нагласуваат нееднаквоста меѓу граѓанинот и владетелот“, вели Наумоски.

За Барџиева Трајковска, проектот е криминално дело.

„Значи, криминалот е во однос на идеолошкиот предзнак и отсуството на мандатот на оваа влада за таков тип на менување на ликот на градот. Второ, тоа што се крши законот за заштита на културно наследство и старите историски јадра добиваат нови фасади со молчешкум донесена одлука на највисокото тело во заштитата, а тоа е Управата за заштита на културно наследство и институциите надлежни за културното наследство“, вели Барџиева Трајковска.

Според неа, важен елемент е и тоа што не е обезбедена поширока граѓанска согласност, дури и кога проектот не би имал предзнак за менување на историјата требало да се спроведе широка расправа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG