Достапни линкови

Фасади и фонтани наместо канализации и водоводи


Илустрација.

Илустрација.

Една третина од планираните околу 30 милиони евра за капитални инвестиции во буџетот за 2015 година, Град Скопје планира да потроши за нови барокни фасади, плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“ и за нови фонтани во центарот на градот.

Повеќе од 11 милиони евра од новиот буџет на Град Скопје планираат да потрошат градските власти за изведба на нови барокни фасади, изградба на плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“ и нови фонтани во центарот на градот.

Од вкупно 30 милиони и 630 илјади евра за капитални расходи, една третина градот троши на раскош и луксуз, на плоштади, фонтани и споменици. Нашиот став, кој ќе го дадеме и како предлог, е дека овие средства многу попаметно може да се искористат.

Деновиве Советот на Град Скопје ќе го разгледува предлог буџетот за 2015 година, кој до крајот на неделава треба да биде предложен за усвојување пред советниците. Иако најновиот предлог буџет не е достапен на интернет страницата на Град Скопје, од она што го соопштија градските власти и медиумите, планирано е градот следната година да потроши околу 95 милиони евра.

Илустрација.

Илустрација.

Многумина од граѓаните кои ги анкетиравме во центарот на Скопје, не се запознаени за што се трошат парите од градскиот буџет. Некои ги одобруваат овие проекти, други, пак, велат дека се заморени од промените и дека пари треба да се издвојат и за другите делови на Скопје, а не само за центарот.

Мислам дека е јасно дека овој проект оди кон завршување на таа целина која што е започната со проектот Скопје 2014, за којшто мислам дека нема никаква врска со реалните проблеми на градот Скопје од една инфраструктурна, енергетска или каква било друга ефикасност на градот.

Координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Дамјан Манчевски, вели дека реализацијата на буџетот обично е пониска на околу 60 до 70 проценти од планираното и истакна дека нивната советничка група ќе поднесе амандмани со кои ќе предложат прераспределба на средствата, како што вели, од непродуктивните проекти кон изградба на водоводи, атмосферска канализација и средства за намалување на загаденоста на воздухот.

„На денешната седница на Советот на Град Скопје, Коце Трајановски ни предлага да усвоиме одлука со којашто ќе треба да се потрошат над 11 милиони и 300 илјади евра за плоштади фонтани и споменици. Од вкупно 30 милиони и 630 илјади евра за капитални расходи, една третина градот троши на раскош и луксуз, на плоштади, фонтани и споменици. Нашиот став, кој ќе го дадеме и како предлог, е дека овие средства многу попаметно може да се искористат за изградба на водоводи, како што е на пример водоводот во Шуто Оризари за којшто градот зема кредит, нови училишта, атмосферска канализација, како и спроведување на мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Коце Трајановски и натаму продолжува со погубните политики на раскош и луксуз, на Скопје му треба многу повеќе и многу подобро“, вели Манчевски.

За тоа дали е приоритет за градот да се потрошат над 11 милиони евра на фасади, плоштади и фонтани, побаравме став и од помошникот раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот, Неделчо Крстевски, кој рече дека нема да даде коментар сè до донесувањето на буџетот.

Транспарентноста и презентацијата на урбанистичките и архитектонски проекти во Скопје е еден од клучните проблеми во комуникацијата помеѓу граѓаните, урбанистите и властите, вели урбанистот Ристо Аврамовски. Тој смета дека недостигот на вистинска комуникација и кохерентен систем на вредности на она што претставува заедничко добро за јавните простори и објекти, кај јавноста создава конфузија и резервираност за идните планови на градот.

„Кога ќе ги споменеме како нумеричка вредност фонтаните, фасадите и плоштадите, за нив можам да кажам дека од техничка смисла фасадите можеби треба да се реконструираат на некои јавни објекти или објекти од културен карактер коишто треба да бидат заштитени. Меѓутоа, мислам дека е јасно дека овој проект оди кон завршување на таа целина која што е започната со проектот Скопје 2014, за којшто мислам дека нема никаква врска со реалните проблеми на градот Скопје од една инфраструктурна, енергетска или каква било друга ефикасност на градот. Мислам дека јавните простори во овие 11 милиони евра, ако ги разгледуваме како посебна ставка, се апсолутно потребни. За фасадите не сакам да коментирам, бидејќи не сум ги видел и не знам што ќе бидат, меѓутоа ако одат во насока на проектот Скопје 2014 сум апсолутно против да одат тие пари во таа насока“, вели Аврамовски, додавајќи дека учеството на граѓаните и нивното познавање на виталните градски проблеми и планови е од највисок приоритет, за да можат заедно со планерите и властите да одат во иста насока во однос на заедничките потреби.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG