Достапни линкови

Чаусидис - Новинарството ставено на листата на отстрел


Чаусидис - Новинарството ставено на листата на отстрел
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:32 0:00

Чаусидис - Новинарството ставено на листата на отстрел

Новинарството е буквално ставено на листата на отстрел и веќе говориме за мали островца на новинарската професија кои опстојуваат, додека сето друго е окупирано со пропаганда и со инструментализација во партиски цели, вели претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Чаусидис, Фридом хаус се отворени во оценката дека Македонија има најлош резултат на Балканот во слободата на изразувањето. Дали ова е опасно време за новинарството, кога во прашање се доведува опстојувањето на професионалното новинарство на сметка на политички цели?

Јас се сеќавам дека во 2010, на пример, бевме страшно вознемирени од тие рангирања на Македонија во однос на слободата на информирање, па со тоа се отвораа вести. Не знам дали сте забележале, меѓутоа веста за паѓањето, тонењето на Македонија на ранг листата на слободата на изразување и на Фридом хаус и претходно на Репортери без граници речиси поминува без какви и да е големи реакции. Зошто е тоа така? Затоа што власта сака да го релативизира проблемот и да го прогласи за непостоечки. А, ние веќе сме толку уморни од артикулирање на проблемот, што тие рангирања ни се само уште еден доказ дека она што го говориме е вистина. Новинарството одамна е опасна професија, новинарството по своја дефиниција е опасна професија, бидејќи во своја суштина има задача да ги открива злоупотребите од позиција на моќ, дали тоа е власт, економски или бизнис центар, партиски- бизнис центар, сеедно. Меѓутоа сега ова што се случува кај нас, мислам новинарството сфатено токму во оваа смисла за која говорам е буквално ставено на листата на отстрел и веќе говориме за мали островца на новинарската професија, кои опстојуваат, додека сето друго е окупирано со пропаганда и со инструментализација во партиски цели.

Зошто Македонија не ги следи забелешките за слободата на изразувањето што постојано ни се повторуваат, туку тие кулминираа и како да се излезе од оваа состојба?

Која и да е владејачка елита, таа ги игнорира или се обидува да ги минимизира наодите за слободата на изразувањето, меѓутоа ова сега, веќе говориме за мошне сериозен концепт за релативизирање на наодите за тонењето на Македонија во однос на слободата на изразување воопшто, тоа е исто проблем. Не е само загрозено новинарството, загрозено е правото на слободно изразување и безбедноста после тоа слободно изразување. Така што очигледно не постои волја, некој се досетил дека доколку ги истребат буквално новинарите од медиумите и од редакциите и се заменат со човечиња, полтрони, пропагандисти итн., тие ќе бидат прашувани за слободата, тие ќе пренесуваат лажна слика и проблемот ќе биде решен. Ама се покажа дека новинарството е малку пожилава професија, отколку што тоа некој го замислува.

Да, актуелни се информациите што ги објави опозицијата, дека директно политичари ја преземаат улогата на новинари, креирајќи ја уредувачката политика во некои медиуми. Како да се заштитат новинарите и да се укаже на тоа дека тие не се партиски војници?

Она што ние имаме можност да го слушнеме од тие „бомби“ е навистина, без оглед што ние го знаеме тоа, луѓето во редакциите знаат дека некои луѓе отишле да бакнат рака, дека некој се јавил овој прилог да се стави прв, друг да биде подолу, дека новинари читаат буквално на мобилен телефон, дека не се мачат ниту да ги испринтаат текстовите добиени од центарот за информации којшто е надвор од редакциите. Сето тоа го знаеме, меѓутоа која ќе го чуете навистина поразува, навистина начинот или степенот на непочитување, тие луѓе ги користат тие сироти пропагандни медиуми, ама не ги почитуваат. Се информираат од оние другите, тоа е исто така многу интересен момент. Како тоа да се спречи? Во овој момент кога имаме елита којашто апсолутно не покажала со ништо дека сака сериозно да го смени проблемот, битно е да се истрае, битно е да се опстане, бидејќи ние веќе и физички сме ставени во ситуација да се чувствуваме непријатно, да бидеме прогласувани за непатриоти, за предавници итн. Сега е битно да се истрае и да се говори вистината и да се работи професионално, тоа е многу битно да не се застрани во еднаков популизам и пропаганда којашто ја добиваме од инстументализираните редакции. Тоа е сега во овој момент, а кога ќе дојде до промена на односот на силите или кога политичките партии конечно ќе се решат навистина да го ослободат, односно да остават простор за регуларен пазар, тогаш има решение за процут на новинарската професија.

Има вербални кавги, па и физички пресметки меѓу новинарите. Како самите новинари да се изборат со моменталната состојба на директно атакување врз личноста, што нема врска со професионалноста?

Тука има повеќе одговори, тоа е последица на антагонизирање на општеството до неверојатни граници. Вие сега имате ситуација во која премиерот излегува и вели дека Борјан Јовановски сам си го нарачал погребниот венец. Тоа за неговите следбеници значи дека заслужува да биде атакуван, нападнат, навреден, плукнат и самиот премиер вели дека – тоа е мизерија. Тоа антагонизирање на општеството, не е тука само проблемот со новинарската професија, е страшно опасно и мислам дека ќе мораме нешто сериозно да преземеме во таа смисла, или ние како новинари почнавме веќе, знаете сите помалку или повеќе јавни личности добиваме закани, на социјалните мрежи итн., решивме веќе да ги документираме за да остане документ за едно време, кога новинарите биле таргетирани, вербално или физички, тоа е една работа, но проблемот е велам, што сега во тој антагонизам што се проширува на сите граѓани, па сега се напаѓаат и оние што не се новинари, а се присутни на медиумите, едноставно зла крв и омраза, говорот на омраза е институционализиран и тој се прелева на улици.

Во вакви услови колку е можно синдикално организирање?

Тешко, меѓутоа очигледно е можно. Синдикатот постои пет години. Во однос на синдикалното организирање и колективната заштита на новинарите битно е да се каже дека автентичните синдикати, значи синдикати кои не се продолжена рака на менаџментот или на власта, се доживуваат како непријателски. Членството во тој синдикат се доживува како акт на нелојалност, за последица на тоа ние имаме тајни членови, тајни комуникации, малку делуваме како партизани, бидејќи така и не третираат, меѓутоа нашето членство расте, ние сме препознаени како автентичен синдикат, се здружуваме со слични такви синдикати и организации и можам само да ви кажам дека сите овие проблеми за кои говориме сега во новинарство, отпуштања, закани, како нас нè уценуваат со тоа што ќе нè отпуштат или ќе ни намалат плата или ќе не пренесат од позиција на уредник на позиција репортер, сето тоа се решава со колективен договор. Не може новинар којшто има пет години работно искуство да има 5.000 денари плата, не може. Ние имаме најмали плати во регионот, од аспект на новинарите и медиумските работници. Сето тоа се решава со колективен договор. Колективниот договор на ниво на гранка, има статус на закон и ние системски ќе ги решиме и назначувањата на уредници, гледате дека и тоа е голем проблем и окупацијата на медиумите, тоа мора да се регулира, како тоа може да се промени уредувачката политика преку ноќ и само да се информираат новинарите, сето тоа има, тоа се апсолутно мислам колективни договори, ние тоа веќе го работиме. Развиените земји тоа го имаат и потоа не е оставено на волунтаризам и на тоа платата да ви биде одредена во однос на тоа дали сте во добри односи со уредникот и слично.

Како фактор за падот на слободата на изразувањето се посочува нетрансформираноста на јавниот сервис. Што може да се постигне со протестите пред Македонската радио телевизија што ги организираат некои невладини организации?

Прашањето што може да се постигне со протестите јас го слушам веќе од 2011 кога ние го почнавме првиот протест. Може да се постигне, се подига свеста. Ги следам рецензиите на Новинарскиот пленум кои ги рецензираат вестите на МТВ, почнуваат веќе да се забележуваат обиди за баланс, обиди за спин којшто не е толку очигледен, така што притисокот од јавноста, од улицата, за жал што мора да биде од улица има свои ефекти, можеби не такви, ние сме склони кон инстант решенија, ние сега сакаме да направиме еден протест и да го решиме сиот проблем во земјата. Не оди тоа така, меѓутоа се сензибилизира и јавноста, се артикулира проблемот, но и оние на кои тие протести им се наменети, погледнете го законот за хонорарите, трипати го менуваа.

Веќе неколку месеци има протести и за Законот за хонорарците. Што ако законот не се повлече? Дали се планираат и други соодветни чекори?

Ние ги повикавме луѓето да не плаќаат. Постојано менуваат некакви правилници, софтвери за пресметка, тоа е потполен хаос, институциите не можат да одговорат. Ние бараме да се повлече. Ние како Синдикат на новинари не сме против тоа да се реши прикриеното вработување, да се реши социјално и пензиско осигурување на новинарите коишто се хонорарци, апсолутно тоа е во нашата програма, меѓутоа на начин којшто е виден веќе во светот, ние нема сега да измислуваме топла вода и да се играме – ај сега да пробаме вака, па да пробаме онака, и луѓето се измамени, исцрпени, наметнати им се административни обврски и мислам дека опстојуваме на тоа дека тој треба да се повлече, па да видиме како да се реши, а во тоа синдикатите не се непријатели на идејата, туку спротивното.

Во јавноста се остава простор да се има по две вистини или верзии за речиси секој настан, што ги збунува граѓаните. Колку самите новинари се одговорни за самата слика?

Пред сè тоа е инструментализацијата на новинарите, бидејќи вие кога сте новинар вашиот најсилен капитал, вашиот најсилен инструмент е довербата. Вие мора да имате доверба од јавноста. Ние тоа го загубивме, затоа што влеговме, луѓето меѓу нас, влегоа во тие клиентелистички односи, се продадоа со други зборови, повеќе зборуваат за партиски агенди. Јас не говорам за тие лажни симетрии, тоа е бесмислено, ајде сега ќе викнеме некој што е тепан и тој што го тепал, па ќе ги кажеме двете страни и со тоа сме објективни. Не, новинарите се активисти, новинарите треба да имаат став, меѓутоа не смеат да лажат, не смеат да сокриваат информации, тоа се темелите на нашата професија врз основа на кои ние ја имаме довербата од јавноста. Ние таа доверба ја загубивме, со чест на мали исклучоци коишто навистина тешко опстојуваат. Тоа е она како ние ќе го вратиме, затоа јавноста е збунета, таа не верува во медиумите, таа сега не верува и во институциите, не верува ни на политичарите, таа е оставена сама на себе. А и ние сме јавност во целата приказна.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG