Достапни линкови

Стајн - Невообичаено е што нема процесирани корупциски случаи


Стајн - Невообичаено е што нема процесирани корупциски случаи
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:31 0:00

Стајн - Невообичаено е што нема процесирани корупциски случаи

Сакаме да видиме на пример антикорупциската комисија да има доволно ресурси и персонал за да може активно да го исполни мандатот и да се бори со корупцијата. На пример нема доволно случаи кои стигнале до обвинителството и нема случи кои се процесирани, а се однесуваат на корупција што е невообичаено во споредба земјите од регионот, вели директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Стајн, читајќи за поединечни училишта кои спроведуваат интегрирано образование, се добива впечаток за позитивна слика, дека децата немаат проблем со етничка поделеност, но во големата слика генерално спречување на трендот на етничка поделба на училиштата е сè уште голем предизвик во македонското образование. УСАИД со години спроведува проект чија цел е подобрување на состојбата. Според вашето досегашно искуство во соработка со училиштата и институциите, кои се најслабите алки во овој процес на кои треба да се работи повеќе?

Секое мултикултурно и мултиетничко општество, се соочува со предизвикот да создаде мост меѓу етнички поделените, да ги зближи етничките групи. Тоа е вистината тука, а така е и во мојата држава, САД. Тоа секогаш е предизвик. Мислам дека има повеќе напредок тука, отколку во очите на она што се случува на локално ниво, во училиштата како што посочивте. Ние имаме проект за меѓуетничка интеграција во образованието на кој се работи практично во речиси сите училишта во Македонија. Се создаваат услови за етничките групи да се разберат, да комуницираат, да ја разберат и ценат различноста, исто така тоа е проект кој што има голема поддршка од владата на Македонија, соработуваме блиску со министерството за образование и наука. Тие исто така вложија од својот буџет во дел од активностите што ги спроведуваме. Секое училиште во програмата има тим за интеграција, во кој се вклучени учители, училишни администратори, родители, кои ги идентификуваат приоритетите, ги идентификуваат активностите коишто може да бидат понудени во училиштата и вон-наставни активности. Тука се и партнерствата меѓу училиштата и нивните заедничките активности меѓу две различни училишта кои се или мултиетнички или моноетнички. Така што, на локално ниво постојат многу можности за учениците, родителите и учителите да работат заедно. Ние исто така спроведуваме и многу обуки на учители и администратори во училишта за тоа како да работат во мултиетничка околина и како да ја подобрат. Ние гледаме ветувачки активности во оние области каде што различни етнички групи ќе бидат во иста училница и да работат заедно, како на пример часовите по англиските се добар пример за тоа, часови за компјутери, спорт и многу слични активности.

Кои се слабите точки во оваа област што треба да се подобрат?

Мислам дека повеќе активности, поголема свесност, знаете ова не е прашање кои ги засега само училиштата или Министерството за образование и наука, или владата. Ова навистина ги засега сите и мислам дека сите граѓани на Македонија, како родители треба да бидат вклучени во подобрување на меѓуетничката интеграција во образованието.

Според меѓународните анализи, образованието во Македонија не одговара на потребите на 21 век, што мислите зошто е тоа така?

Сите ние живееме во информатичко општество и мислам дека секој образовен систем во светот се соочува со тој предизвик да ја подготви младината да води продуктивни животи. Така е и во САД и во Македонија. За овиедваесет години присуство на УСАИД во Македонија, во половина од тоа време обезбедуваме помош за подобрување на образованието. Во последните 12 години имавме програми во образованието, во широк спектар на образованието, во основното, средно и високо образование. Сега сме фокусирани на изградба на основата на најмалите ученици да бидат подготвени за целосно да бидат успешни и продуктивни членови на општеството, да имаат вештини и знаење кое им е потребно за да најдат добро вработување. Така што, сега се фокусираме да обезбедиме алатки со кои ќе може да се мери способноста за читање и математички вештини во најмалите одделенија, за Министерството за образование и училиштата да имаат информација која ќе може да ја користат како фидбек за да ја подобрат наставата, методологијата, за да ги подобрат наставните средства, за младите ученици во прво, второ и трето одделение да постигнуваат успеси, да напредуваат во читањето и во нивните математички вештини, тоа е важно за создавање на добра основа. Ние исто така работиме и на зајакнување на професионалниот развој на наставникот, а во оваа област соработуваме и со Министерството за образование, за да има јасна скала/мерило за унапредување на наставниците кои би напредувале во нивната учителска кариера и би станале учители или ресурс за помладите наставници и на тој начин се разбира да ја подобрат структурата и образовните резултати. Како што знаеме квалитетот на наставниците е најголемиот услов за квалитет и успех на учениците и мислиме дека и двете се важни области.

УСАИД со години помагаше во развојот на антикорупциската стратегија, каде ги гледате слабостите во тој систем, што е подобрено и што треба да се направи?

Нашата работа во оваа област започна некаде пред десет години кога понудивме поддршка на антикорупциската комисија во развој на сеопфатна стратегија за борба против корупцијата. Нашата работа во антикорупцијата како област е фокусирана на обичниот граѓанин и неговиот обид да добие пристап до владините служби, јавните служби, каде би можеле да превенираме корупција, во тие области. Сакам да цитирам една формула за корупција од експерт во ова поле Роберт Клитгард како добар начин за размислување околу корупцијата кој вели дека „корупцијата е еднаква на моќта од монополот плус дискрецијата минус одговорноста, така што колку повеќе постои моќен монопол, било тоа да е во приватниот сектор, каде има недостаток на конкуренција или во јавниот сектор, каде има недостаток на политичка конкуренција, толку повеќе можности има за корупција. Колку поголема дискреција има политичкиот или економскиот субјект во донесувањето одлуки базирани на нивната моќ без учество на други групи, толку повеќе шанси има за корупција. Но, доколку има поголема одговорност, поголема транспарентност има во системот, има помалку шанси за корупција. Така што поголемиот дел од нашата работа е фокусирана како да ги намалиме можностите за корупцијата да се појавува во владините служби. Друга област на која што работиме, покрај директната борба со корупцијата, е е-влада, односно играме голема улога во соработка со владата на Македонија во реформирање и модернизирање на јавниот систем за јавни набавки којшто сега е компјутеризиран. Со тоа се овозможува одлуките да се донесуваат поодговорно, се намалува можноста за индивидуална дискреција во системот и мислиме дека тоа е пример што можеме да направиме за да помогнеме во борбата со корупцијата. Неодамна во последните неколку години почнавме нов антикорупциски проект кој има за цел да им помогне на невладини организации да станат свесни и да се борат со корупцијата. Ние развивме неколку истражувачки инструменти со кои се прашуваат луѓето за нивната перцепција и искуство со корупција. Тоа покажа дека сè уште има корупција, но во споредба со 2002 година има скромно намалување во искусувањето со корупцијата, тука во Македонија. Кога ги прашавме луѓето кои се нивните приоритетни грижи, првата е невработеноста, сиромаштијата, ниските приходи. Корупцијата е проблем, но не е приоритетен проблем кој луѓето го спомнуваат, но сè уште е нешто на кое треба да се работи и тоа и натаму е предизвик тука. Сакаме да видиме на пример антикорупциската комисија да има доволно ресурси и персонал за да може активно да го исполни мандатот и да се бори со корупцијата. На пример нема доволно случаи кои стигнале до обвинителството и нема случи кои се процесирани, а се однесуваат на корупција што е невообичаено во споредба земјите од регионот.

Ја споменавте антикорупциската комисија. Дали мислите дека комисијата ја исполнува својата цел, својот мандат?

Мислам дека настојува. Мислам дека, како што кажав, нема можеби доволно ресурси, буџетски ресурси и доволно персонал за да може целосно да го исполни мандатот.

Американскиот народ во последните 20 години донира пари за зајакнување на демократските практики и институции во Македонија, особено во судството. Колку сте задоволни од тоа што е спроведено, од тоа како се потрошени нивните пари и резултатите што ги покажуваат институциите?

Па во последните дваесет и две години како инвестираме и помагаме во Македонија, сме инвестирале повеќе од 23 милиони долари во судски реформи и владеење на право. И мислам дека низ тие години сме имале многу значајни достигнувања, се разбира во соработка со Владите во Македонија и судството. Сме биле инволвирани и сме помагале во изработката на поголемите нови закони во судството, законите за судовите, за судскиот совет, за процедурите, законската рамка за судството. Потрошивме околу три милиони долари за помош за физичко реновирање и надградување на судски објекти, вклучувајќи судници, канцеларии на судии, обезбедување на судска безбедност и компјутерска опрема. Мислам дека наше најголемо постигнување во асистирањето во делот на судството е автоматизираниот информационен систем за управување со судски предмети кој покажа значително подобрување во ефикасноста на судот, и времето потребно за судските одлуки и служи и како антикорупциска мерка, во делот како судските случаи се доделуваат на судии. Исто така помогнавме и со буџетот, правејќи го судскиот буџет поефикасен. Се разбира, на судството му се потребни пари од Владата. Најверојатно на судството му се потребни повеќе средства од оние кои во моментов ги добива, но ние работевме и со административната канцеларија на судскиот буџетски совет зајакнувајќи ја таа институција и нејзината способност да ги идентификува и приоритизира потребите на ресурси за да може да ги исполни своите обврски. Неодамна, односно изминатава недела, започнавме кампања за јакнење на јавната свест за кривичниот законик, со телевизиски рекламни спотови кои се емитуваат на неколку национални телевизиски канали, а исто така ги има и на УСАИД фан страната на Фејсбук ако некој е заинтересиран. Во овие спотови е објаснета процедурата во новиот кривичен законик, судии, јавни обвинители и адвокати од одбраната кои поминаа обуки за како да го спроведуваат законот. Мислевме дека е важно и јавноста исто така да разбере што е поинаку во законот, кои се нивните права и како функционира, а тоа е и целата на оваа јавна кампања која ја стартувавме.

Имајќи ја на ум политичката криза во Македонија во контекст на владеењето на правото, што мислите имаат ли институциите во земјава капацитет да ја справат со неа?

Македонија ги има сите институции, демократски институции за да ги спроведуваат принципите на владеењето на правото и ќе видиме како ќе го сторат тоа.

Дали политичката криза во Македонија ќе влијае врз соработката на УСАИД со институциите во земјава?

Ние ќе продолжиме со помошта, со нашите владини партнери, со граѓанското општество, со медиумите, со судството.

УСАИД инвестира многу пари во слобода на медиуми во Македонија. Колку сте задоволни од резултатите, имајќи го на ум податокот дека на ранг листата на Стејт Департмант и на многу меѓународни новинарски асоцијации, македонското новинарство е речиси на дното?

Разочарувачко е рангирањето на Македонија. Се разбира дека сакаме да видиме подобрување на тие рангирања. Ние сметаме дека независноста на медиумите е многу важна, тоа е основа на плуралното демократско општество. Слободата на изразување во САД е првиот амандман во Уставот со кој се штити слободата на изразувањето. Очигледно е дека ние сметаме дека е многу важно граѓаните да имаат пристап до различни мислења, да можат сами да донесат заклучоци во врска со настани и она што се случува. Така што важно е, ние како УСАИД имаме проекти за медиуми за поддршка на разни медиумски организации, имаме програма што подржува истражувачко новинарство, за кое мислиме дека е многу важно за сите влади и овде и во останатите земји каде што работиме даваме поддршка на веб страна која служи како сервис за проверка на факти, кој анализира извештаи, споредува со меѓународно прифатени стандарди во новинарството и посочува на што треба да се работи за да се подобрат извештаите. Ние поддржавме организација која ја разгледуваше законската рамка за медиумите и новинарите, да им помогне да се зајакне колку што е можно повеќе таа законска рамка, да ја заштити независноста на медиумите, слободата на изразување и работата на новинарите.

Пред неколку години имаше најави дека мисијата на УСАИД е при крај и дека ќе се повлече, дали тоа е сменето и кои се вашите планови за во иднина?

Ви благодарам за прашањето. Да, понекогаш го слушам ова прашање. Тоа е сменето. Нема планови за затварање на мисијата во Македонија или за прекинување на нашата помош. Ние планираме да продолжиме, исто како и досега со помош за Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG