Достапни линкови

Средношколско „НЕ“ за лошите реформи


Со скандирања и транспаренти, средношколците излегоа на протест во Скопје со кој бараа целосно укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на матура.

Стоп за лошите реформи во средното образование, порачаа денеска средношколците на масовниот протестен марш, кој започна кај фонтаната во Градскиот парк, а заврши пред Министерството за образование и наука. Средношколците извикуваа „Доста беше молк“, „Не за математика“, „Ние сме иднината“.

Ова кажува дека сме позитивна нус-појава на вашата цел – нација на медиокритети, кажува не на вашите лоши реформи во образованието.

Тие носеа и транспаренти испишани со „Сакаме иднина тука, за да не ја бараме во други земји“, „Што правите со нашето образование“, „Аргументите се на наша страна, не партиите“, Кој ако не ние, кога ако не сега“. Средношколците бараат целосно укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на матура.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Елизабета Јакимовска од Средношколскиот пленум своето обраќање пред насобраната толпа го започна со модифицирани стихови на Кочо Рацин.

Упорно продолживте со галоп на див коњ да не туркате до крајни граници рамно до дно.

„Денови ли се денoви, средношколски маки големи“, рече таа.

Според неа, нивното присуство пред Министерството за образование и наука кажува многу, а тоа е дека не се некои кои можат да бидат лесно изгигнорирани или уште полошо изманипулирани.

„Ние сме личности. Ова кажува дека сме храбри, силни и сплотени, кажува дека сме моќни, кажува дека не ви се плашиме, кажува дека можеме да функционираме како око, неразделни, кажува дека сме позитивна нус-појава на вашата цел – нација на медиокритети, кажува не на вашите лоши реформи во образованието“, рече таа.

Јакимовска додава дека сите овие години молк властите имале шанса да го подобрат образованието и да ги мотивираат средношколците.

„Шанса којашто не само што не ја искористивте, туку не ја ни приметивте и згора на тоа упорно продолживте со галоп на див коњ да не туркате до крајни граници рамно до дно“, рече Јакимовска.

Средношколците порачаа дека властите треба да се плашат од нив, бидејќи ја изнервериле нивната доверба и оти многу се моќни. Протестен марш, освен во Скопје, одржаа и средношколците од неколку градови низ земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG