Достапни линкови

logo-print

Протест на кумановските средношколци против математика на матура


Кумановските средношколци денеска излегоа на протест во центарот на градот против задолжителното полагање математика на матурскиот испит. Бараат да имаат избор дали да полагаат јазик или математика.

Незадоволни од полагање математика на матурскиот испит, со барање да остане стариот начин на полагање во гимназијата, кумановските средношколци кои посетуваат настава на македонски и на албански јазик со мирни протести и транспаренти масовно заедно продефилираа низ главните улици во градот, а кусо се задржаа и на големиот Градски плоштад.

Не е праведно. Ние имаме четири часа музичко, а некој има 12 часови математика неделно и не можеме да полагаме заедно и исто.

„Да се укине полагање на математика за матура. Не за математика.“

„На државна матура да се укине математика, да имаме право помеѓу јазик и математика.“

„Не е праведно. Ние имаме четири часа музичко, а некој има 12 часови математика неделно и не можеме да полагаме заедно и исто. В понеделник сигурно ќе протестираме, за утре не се знае.“

„Ни пречи тоа што немаме право на избор како до минатата година. Проблемот е во тоа што ни наметнуваат како и државната матура што ја наметнаа и затоа решивме дека веќе доста беше молк и дека треба нашиот глас да се слушне“, велат гимназијалците.

Кумановските средношколци сметаат дека ќе им се придружат и нивните врсници од другите градови, а целта им е да одржат голем протест во Скопје.

„Сигурно ќе успееме и подобро од студентите“, велат кумановските средношколци.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG