Достапни линкови

logo-print

Анкетираните граѓаните велат дека не сакаат барокна фасада на ГТЦ. Некои од нив се согласуваат дека промена на ликот треба да има, но во некој помодерен архитектонски стил.

Година и половина откако архитектите и експертската јавност го кренаа гласот против идејата за барокна фасада на Градскиот трговски центар, реакциите во јавноста не стивнуваат. Сега пак, откако Mинистерството за транспорт и врски го распиша огласот за консултант кој треба да провери дали е исплатливо ГТЦ да се даде под јавно-приватно партнерство, пред да се реновира во барок, сопствениците на дуќани во трговскиот центар стравуваат од можните последици, како на пример повисоки кирии.

Можат да ни покачат одржување, струја. Периодот додека се гради веројатно ќе биде проблем за нас, бидејќи секаде каде што се гради не може во исто време и да се работи.

„Можат да ни покачат одржување, струја. Периодот додека се гради веројатно ќе биде проблем за нас, бидејќи секаде каде што се гради не може во исто време и да се работи “,вели една сопственичка на дуќан во трговскиот центар.

Дали има заинтересирани консултанти ќе биде познато од средината на декември, по што фирмата во рок од пет месеци ќе даде одговор на прашањето за исплатливоста, по што ќе следи оглас за инвеститор. Тој пак треба да догради уште еден кат на трговскиот и да го затвори со фасада во неокласицистички стил со антички столбови, но без куполите на кровот кои беа првичното идејно решение.

Ни случајно, затоа што одиме наназад со архитектурата, тоа било некогаш да се гради во барок, а сега кој во светот гради така? Кој гради така, наназад да се враќа.

Граѓаните кои ги сретнавме во трговскиот, велат дека не сакаат барокна фасада на ГТЦ. Некои од нив се согласуваат дека промена на ликот треба да има, но во некој помодерен архитектонски стил.

„Ни случајно, затоа што одиме наназад со архитектурата, тоа било некогаш да се гради во барок, а сега кој во светот гради така? Кој гради така, наназад да се враќа.“

„Трговскиот треба да се обнови, но не во тој стил.“

„Премногу е веќе со тоа, би требало на нешто помодерно, а не да се враќаме на старо.“

„Толку сме задолжени што не треба за глупости да даваме пари.“

На неодамнешната средба на станарите од зградите во ГТЦ со градоначалникот на општина Центар пак Андреј Жерновски било заклучено дека тие се против барокна фасада и оти наместо таква сакаат енергетско-ефикасна фасада. Жерновски вети дека нема да се откаже од борбата, симболот на Скопје да го задржи автентичниот лик.

Експертите велат дека освен обид на граѓаните да извршат поголем притисок врз Советот на Град Скопје и да ги убедат советниците да гласаат против предложеното решение, не постои начин да се запре одлуката на градот за менување на фасадата на ГТЦ.

„Граѓаните единствено можат само преку нивните претставници кои се членови на советот да издејствуваат нивната одлука, нивната волја да се почитува и да се и на некој начин ако нема волја да се сопре донесувањето на таквата одлука“, изјави професор Осман Кадриу.

Граѓаните пак се скептични дека можат нешто да променат. Потсетувајќи се на протестите на архитектите лани, велат дека немаат ниту сила, ниту моќ нешто да променат.

„Не можат да го сменат владата тоа што го решила.“

„Мислам дека не може да се смени ништо, ако веќе се решило, тоа ќе се направи така.“

„Треба да сме согласни, заедно да сме сите, а не сме такви, оти седиме дома и чекаме некој друг да ни ги реши работите.“

Во неодамнешната анкета на Општина Центар речиси три четвртини од анкетираните жители одговориле дека би гласале против барок доколку за тоа се распише референдум. Дваесет и два отсто од анкетираните би подржале менување на ликот на трговскиот додека речиси девет отсто од запрашаните одбиле да одговорат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG