Достапни линкови

Жерновски - Да имавме поголемо мнозинство, ќе уапсеа повеќе советници


Некогаш си велам, можеби е добро што имаме само еден советник мнозинство во Општина Центар, бидејќи ако имавме три, три ќе беа уапсени, само за да немаме мнозинство во Општина Центар, вели градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Жерновски, измина половина година откако станавте градоначалник. Едно од вашите главни ветувања беше целосна ревизија на документацијата за проектот Скопје 2014. До каде сте со ова ветување?

Тоа што го ветив го исполнувам. Јас реков дека веднаш ќе влезе екипа да врши ревизија. Две нивоа се во овој момент активирани. Првиот дел, да кажам, од ревизијата веќе заврши и сега е оној, веројатно најважниот, најбитниот, тоа е финалниот, вториот дел. Треба да биде, според планот, некаде средина на овој месец, средина на ноември. Може да има некое одложување, недела, две, затоа што во исто време во Општина Центар работи и Државната ревизија, така што, бидејќи се разгледуваат фактички истите предмети може да дојде до некое одложување, но во секој случај ќе биде во ноември и јавноста ќе биде благовремено известена за тоа кои се финалните наоди на оваа ревизија.

По донесување на финалните извештаи, очекувате ли некаква реакција од Јавното обвинителство или мислите дека ќе остане само на зборови или само на хартија?

Мене ми е многу драго што Државниот завод за ревизија прифати да влезе дополнително. Тие имаат право вон својата веќе договорена програма за тековната година да влезат некаде дополнително. Драго ми е, затоа што ќе може да ги споредиме нивните наоди со овие што ги имаат ревизорите коишто ги најми Општина Центар. Јас за првиот дел документот веќе го доставив до обвинителството, доколку има наоди за вториот, ќе го сторам тоа повторно, се разбира, затоа што сум должен да го направам тоа. Што прави обвинителството, дали воопшто ќе покрене некаква постапка, тоа ќе мора нив да ги прашате.

Има ли реакција за првиот извештај?

Досега никаква.

Со тоа што градежното земјиште останува под надлежност на централната власт, а не на општината, на општината ѝ се намалени можностите да влијае врз надградувањето и проширувањето на Скопје 2014. Што ќе преземете во врска со ова?

Јас ветив дека веднаш ќе почнам постапка со донесување документ со што дефинитивно ќе го преземеме уредувањето со нашето земјиште во Општина Центар. Беше тажна сликата на седниците каде што советници на владејачката партија не ги застапуваат интересите на Општина Центар, туку се однесуваа како владини делегати. Наоѓаа низа причини зошто не гласаат. Конечно Општина Центар, бидејќи таа е единствената општина од скопските, којашто го нема преземено управувањето со сопственото земјиште. Јасно е зошто претходно тоа никој не го сторил, немале намера ниту тие, ниту мојот претходник, градоначалникот на Центар, сè со цел да може владата што сака да прави со Скопје 2014 и да може кому сака за колку сака и каде сака да го продаде земјиштето на Општина Центар и тие пари, тие средства да одат во државната каса. Ние сакавме тоа да го спречиме, и понатаму ќе го поставуваме тоа на дневен ред сè додека не го добиеме она што го спечаливме на избори заслужено, а тоа е мнозинството, меѓутоа, сакам да кажам отворено, ова е една од причините зошто ние денеска имаме апсење на советник, и тоа не на обичен советник, туку на претседавач со општинскиот совет. Ова е една од причините, тоа беше веќе ставено на дневен ред, ние да имавме мнозинство, да беше тука господинот Шиповиќ, да не му се случуваше тоа што му се случува денеска, ние ќе ја донесевме таа одлука и немаше повеќе да може да има ниту продавање на земјиште, ниту шпански скали итн. Затоа некогаш си велам, можеби е добро што имаме само еден советник мнозинство во Општина Центар, бидејќи ако имавме три, три ќе беа уапсени, само за да немаме мнозинство во Општина Центар. Тоа се едни од неколкуте битни причини, помеѓу другото и ДУП-овите, зошто централната власт ова го прави, но ниту мене, ниту советниците, тоа нема да нè поколеба.

Последните блокади беа околу местото на господинот Шиповиќ, дали да се изгласа нов претседател на советот или не. Какви се вашите очекувања во врска со неговиот случај, имајќи ја предвид и досегашната судска практика?

Нема дилеми дека во неговиот случај има многу повеќе политика отколку третирање на случувањата во Машинопромет. Јас не знам што се случувало таму, ниту е моја работа. Мислам дека она што го има и како притисок од опозицијата, многу побитно притисок од јавноста и од меѓународната заедница, се надевам дека ќе вроди со плод за да може господинот Шиповиќ да се брани од слобода, бидејќи тој ги исполнува сите услови тоа да го направи, а не да биде во притвор, иако му е веќе одредена мерка притвор. Проблемот за власта не е толку што тој ќе се брани од слобода, бидејќи тоа можеби и може да го голтнат, меѓутоа фактот дека оној што се брани од слобода има право да присуствува на седници, тоа веќе е проблем за власта и ќе се обиде на секој начин тоа да го спречи, меѓутоа јас се надевам дека ќе надвладее разумот.

Во таа ситуација, имајќи ги предвид досегашните практики на судот да изрекува притвор во речиси сите случаи, што ќе значи тоа за советот?

Ние се наоѓаме пред ребаланс, потоа пред нов буџет со овој нерешен однос на силите во општината. Реков дека советот е блокиран. Мислам дека како опозиција треба сериозно да го разгледаме сценариото да одиме на нови избори за советници во Општина Центар, затоа што ако власта сака да ја фалсификува волјата на граѓаните и ако е спремна и да апси советници само за да ја преземе контролата над општината, тогаш оној што сака да ја фалсификува волјата треба да ја провери таа иста волја, меѓутоа како што гледате, јас тоа го кажав пред, можеби има веќе 14 дена, не гледам дека ВМРО-ДПМНЕ на ова има одговор, затоа што знаат дека ако има избори, сега ќе поминат многу полошо.

Што се случи со славните ДУП-ови поради кои се протестираше. Најавивте дека ќе има промени во нив, но тоа сè уште не се случи. Станува збор за страв од протестите или евентуално за некаков политички договор?

Не, одамна се навикнавме на притисоци, нема никаков страв. Напротив, знаете дека тие беа блокирани тогаш кога беа оние протести на една организација којашто кога проверив, видов дека не е ни регистрирана, тоа е Веритас. Не гледам ни што се случува со пријавата што ја поднесов до МВР, очигледно нема ништо од тоа. Можам отворено да кажам дека една од причините зошто беше уапсен Шиповиќ е затоа што нашата идеја беше да одиме со продолжување на таа седница каде што четирите ДУП-ови народски кажано, требаше да паднат. Пред тоа успеавме, на последната седница пред тој да замине во САД кај неговиот син којшто е опериран, успеавме да не ги усвоиме трите ДУП-ови коишто беа предложени, ако се сеќавате, во време на кампањата и требаше да се донесат, таму се третираше меѓу другото е и ГТЦ. Она што успеавме да го спасиме, јас го употребувам тој збор затоа што ГТЦ да биде во барок е уништување на еден, можеби и најглавниот момент во македонската архитектура и објект којшто има добиено награди на сојузно ниво во тогашна Југославија, борбата продолжува и за фасадата на ЕВН/ЕЛЕМ и повторно ќе порачам, го чекаме Шиповиќ да се врати и да ја завршиме таа битка.

Неодамна изјавивте дека сте честа мета на притисоци. Во каков облик се тие притисоци?

Кога беше и договорена, случајно се погоди средбата со амбасадорот на САД, Пол Волерс, стигнаа две кривични пријави против градоначалникот на Центар. Претходниот ден имавме посета од инспекторот за да изврши увид дали една од седниците коишто се одржани досега во Советот на Општина Центар е регуларно закажана, дали е регуларно поделен материјалот, дали се регуларно објавени одлуките... Се разбира, претставката беше од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и верувале или не, за чудо или не, тоа е за токму онаа седница каде што не поминаа трите ДУП-ови за кои зборував претходно. Тоа се тие притисоци, има и низа други притисоци.

Како политичар кој е добро запознаен со случувањата во земјата, верувам дека ги очекувавте ваквите притисоци и случувања. Некако во јавноста останува впечатокот дека немате конкретен против одговор на ова што се случува во Општина Центар. Кој е вашиот план Б во ситуацијава?

Институционално можам да го правам и го правам уште од моментот кога дојдов. Спречени се новите ДУП-ови и нема да има ДУП којшто ќе оди на штета на граѓаните. Нема да има ДУП којшто ќе дозволи надградби и доградби на Водно или којшто ќе ја подигне градежната линија на Водно. Нема да има нови објекти од Скопје 2014, нема да има нови објекти коишто ќе пречат, коишто ќе го узурпираат слободниот простор во Општина Центар, така што можете да замислите што сè ќе се случуваше доколку победеше другата страна. Немаше да има битка за конечно преземање на градежното земјиште и тоа ќе се случи, без разлика на сите опструкции. За жал, тоа што е предвидено во ДУП-овите коишто ги усвоила претходната гарнитура, ние тука не може да направиме ништо до оној момент додека ДУП-овите не паднат. До тогаш јас сум должен да го почитувам законот, затоа што неколку пати се случува да се пуштат инспекции, неколку пати бев казнет и со сериозни суми на средства.

Колку пари досега чинат сите казни од инспекциите?

Два пати казна од 1500 до 3000 евра, една казна беше од 3,5 до 7 илјади евра, среќа отидов на порамнување, морав до Велес да отидам, па да добијам поблага оценка. Овие две што ги кажав, што стигнаа завчера, исто така мислам дека се по 3 илјади евра, вкупно може да се 6 илјади евра. Тоа се средства коишто граѓаните мислат дека во најголема мера или исклучиво ги плаќа општината од сопствениот буџет, но не, тоа се казни коишто се наменети за оној којшто раководи со општината, во овој случај тоа сум јас и мора да ги платам од сопствен џеб.

Како ги коментирате обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека работите за нечии бизнис интереси?

Да работев за нечии бизнис интереси ќе продолжев со нивните ДУП-ови. Тие работат за бизнис интереси, бидејќи ако не беше така заедно ќе изгласавме Центар да си го преземе сопственото земјиште, уредувањето на сопственото земјиште и никогаш повеќе да не се продаваат парцели за да цвета урбаната мафија во Општина Центар и веќе гледам како се намалува притисокот околу плацеви итн. Јас порачав дека урбаната мафија ќе мора да си бара друга општина и мислам дека полека си бара друга општина, затоа што тука нема што да бараат. Ќе се изнаслушаме разни смешни сценарија, ме обвинуваат за реклами, партијата којашто троши околу 39 милиони евра годишно за рекламирање ме обвинува мене. Тие прес-конференции не можат да влијаат врз мојата одлука Општина Центар конечно да биде локална власт, а не испостава на која било владина гарнитура, да биде локална власт којашто ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните.

Долго време ја обвинувате владата за популизам, но веќе во јавноста се појавија забелешки дека и вие тргнавте по тој пат. Трошите пари на реклами во „пријателски медиуми“, објавивте отчет за секои 100 метри асфалтирани улици. Неопходно ли е сето тоа?

Јас мора да правам отчет од две причини. Првата е затоа што го ветив тоа и затоа што транспарентноста мора да се врати во Општина Центар. Мора да дадам отчет за тоа како денеска работи општината со која раководам и утре кога ќе дојде некоја друга власт, апсолутно ја повикувам да ги отвори сите документи за јавноста да знае како сме работеле ние. Втора многу битна причина зошто одам со отчет за моето работење е затоа што јас немам медиуми каде што можам да ги претставам моите проекти. Напротив, ќе ви кажам неколку примери, неодамна отворавме нова спортска сала во основното училиште „Гоце Делчев“, и не само што ме немаше мене во прилозите, туку и комплетно беа избришани деловите каде што се спомнуваше Општина Центар. Имаше еден медиум каде што имаше прилог за тоа училиште, меѓутоа не знаете ни каде се наоѓа тоа училиште, ниту во која општина, ниту, пак, кој е градоначалник на таа општина. Јас немам друга можност освен да се рекламирам на оние неколку портали каде што можам да се рекламирам и отчетот да го поделам меѓу граѓаните за да знаат што се случува. Тие се пријатно изненадени затоа што не може да добијат реална слика дали ние отвораме нов плоштад, дали имаме предмети за легализација, дека колку што претходните имале годишно ние сме решиле за еден квартал, не можат да дознаат дека идната недела отвораме речиси нова градинка, не знаат за улиците, не знаат за зелените површини и должен сум тоа да го правам и ќе продолжам тоа да го правам. Цинично е оваа власт да ме обвинува за рекламирање, првиот пат кога го слушнав тоа мислев дека се работи за некоја шега.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG