Достапни линкови

Ниските даноци се надополнуваат со високи казни


Македонија се прокламира како земја со ниски даноци, со што не се сложуваат стопанственици, според кои, кога ќе и ги платат на државата, им останува само минимална плата. Освен тоа тука се и високите казни.

И покрај најновиот извештај за плаќање даноци според кој Македонија има најниска даночна стапка во светот, разговор со некои стопанственици ќе ве убеди дека давачките кон државата не се толку ниски. Можеби за европските земји тие се пониски, но за македонски стандард воопшто не е така, велат сопственици на дуќани во еден од трговските центри во градот. Повеќето од нив не сакаат да зборуваат пред микрофон, зошто, како што велат, и без тоа се постојано на удар на инспекциските служби. Но за тоа колкави се трошоците кон државата кога се има сопствен бизнис, проговори една сопственичка на дуќан, која сепак остана анонимна.

Давачките се огромни. Десет саати се работи за да остане нешто за минимална плата. Оптеретени сме со многу, многу работи од страна на државата, со данок, со царини, со сите тие давачки.

„Давачките се огромни. Десет саати се работи за да остане нешто за минимална плата. Оптеретени сме со многу, многу работи од страна на државата, со данок, со царини, со сите тие давачки.“

Факт е дека нашата земја се обидува да се промовира во странските земји како место со најниски даноци во светот, велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Но, она што според претседателот на Комората Мендерз Кучи е нелогично е тенденцијата тоа да се прави во земја која има кревка економија, голема невработеност и селективна социјална политика.

Природниот начин за дополнување на буџетот се даноците и придонесите, а не да се плашиме ние кога ќе излеземе од дома која ќе биде казната.

„Нелогично е една таква држава, со една таква стратегија, да може да опстане, односно да претендира на некој начин ете да ги запази европските стандарди. Да добро е, звучи добро, фолклористично е тоа, но притоа ние како луѓе што малку повеќе се разбираме во тоа, знаеме дека ниту една држава не може да живее од воздух“, изјави Кучи.

Точно е дека даноците се ниски и за домашните компании. Но, проблемот се јавува тогаш кога паралелно со намалувањето на даноците, воведувате екстремно високи казни и спроведувате репресивни мерки кои имаат за цел полнење на државната каза, вели Кучи.

„И тоа не се крие од страна на власта, затоа што таа проектира колку глоба ќе собере од бизнисот, од граѓаните, за да го дополни буџетот. Природниот начин за дополнување на буџетот се даноците и придонесите, а не да се плашиме ние кога ќе излеземе од дома која ќе биде казната.“

Извештајот Paying taxses го прави меѓународната корпорација Price waterhouse Cooper, a веќе десетта година по ред извештајот е вкучен во проектот Doing business на Светска банка. Овој проект обезбедува незаменлива глобална база на податоци која ја поддржува програмата за тековните истражувања, пишува на нивната веб страница. Според истоимениот извештај за 2015 година Македонија има најниска даночна стапка во светот и таа изнесува 7,4 проценти, со што земјава се најде на седмо место од вкупно 189 земји опфатени во извештајот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG