Достапни линкови

Ние сме 1 процент


Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер.

Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер.

На нашите економски факултети за неолибералните политики и нивните автори често и речиси без исклучок се зборува(ше) со пиетет, додека економистите со лева ориентација беа внимателно заобиколувани, државата беше оцрнувана и нејзината улога беше демонизирана во однос на слободната рака на пазарот, пишува Новица Наков во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во неговата анализа на нееднаквоста во Македонија, Бранимир Јовановиќ остава две недовршени: Изворите на богатењето и реакциите на сиромашните. Јас би сакал да придонесам со неколку реченици за двете.

На нашите економски факултети за неолибералните политики и нивните автори често и речиси без исклучок се зборува(ше) со пиетет, додека економистите со лева ориентација беа внимателно заобиколувани, државата беше оцрнувана и нејзината улога беше демонизирана во однос на слободната рака на пазарот.

Бранимир наведува три можни објаснувања за нејзините извори во периодот 2005-2010 година: берзата, ниските даноци и високите јавни набавки. Можеби има и други објаснувања, но ми се чини дека покорисно, заради поедноставување, би било наместо набројување да пробаме да ја видиме големата слика: што е тоа што ги обединува сите овие можни точки на богатење?

Кај нас многу малку се зборува за типот на политиките што ги спроведуваат владите на Македонија и за кои, како што е вообичаено, лобираат силните и богати елити. Во последните дваесетина години – всушност од осамостојувањето наваму – тие политики се од семејството што носи познато име: неолиберализам. Ова не е новост, посебно не е новост ако сте студирале економски науки. На нашите економски факултети за неолибералните политики и нивните автори често и речиси без исклучок се зборува(ше) со пиетет, додека економистите со лева ориентација беа внимателно заобиколувани, државата беше оцрнувана и нејзината улога беше демонизирана во однос на слободната рака на пазарот, а достапноста до капиталот беше инфантлизирана преку мантрата „сите може да учествуваат“.

Не знам како е денес, но ако може да се суди по бројот на старт-ап викенди и задолжителните предмети по претприемништво во средното образование, неолибералната патека е добро утабана и сигурно газиме по неа.

Ваквото образование ги менува работите на терен. Ако во деведесеттите години на 20-тиот век сме имале професори, интелектуалци, па и политичари коишто биле образовани поинаку (марксизам и/или самоуправување), кои тогаш наеднаш се запознале со неолиберализам, можеби можеме да дискутираме дека кај нив се јавувала скепса за новиот систем. Но, генерациите што се образуваа во деведесеттите (и подоцна) го немаа тој товар. Јас, како и многу други мои колеги, сум образуван и трениран неолиберал кога станува збор за економските прашања. За нас како група, како цели генерации, не постои друг економски систем вреден за имплементирање во реалноста (поединечните случаи не ги дискутираме).

Но, тоа не е сѐ. Тие од нас што во 1996 имаа 20, во 2005 имаа 30 години и дојдоа на клучни места каде што се креираат државните политики. Владеењето конечно премина во рацете на тренирани неолиберали. Оттука, ние сме образовани адвокати на нееднаквоста. Тоа што нѐ обединува е неолибералната идеологија која што посветено ја имплементираме во нашата држава. Сумирано, богатењето не е случајно, нема инциденти: никој не заработи случајно на берза или никој не доби случајно тендер. Напротив, систематски го правиме тоа што сме тренирани да го правиме. Добро, во Македонија зачинуваме и со корупција.

Ако ние, добро образованите неолиберални економисти, не сме во 99 проценти, тогаш мора да сме во 1 процент. Цело е кога има 100.

Сега одиме на второто прашање: Зошто нашите 99 проценти молчат? Но, што друго да прават ако не да молчат? Со кои алатки или ресурси сиромашните би се бореле против системот? Доаѓаме до клучната тема за привилегии и тука навистина нема што да се додаде освен дека нашата елита ќе се погрижи да се одржи статус-кво. Механизмите се познати. Неолибералната идеологија го маскира успехот преку приказните за лични способности наспроти контекстот, шансите и опкружувањето, замаглувајќи ја притоа разликата во значење помеѓу „секој може да успее“ и „сите можат да успеат“. Бранимир вели дека нашите 99 проценти „по природа се такви што не сакаат да реагираат“. Не можам да се согласам со него за ова. Нема ништо природно овде. Тоа е начинот на кој се спроведува образованиeто и тренингот – да не се реагира, да го се прифати системот како единствен можен, и можеби јасна слика на ова дава една мала анегдота на која што се сеќавам од студентските денови: Професорот ја праша групата студенти што мислат кој е подобар систем, овој, тој или оној? Една колешка, секако од подобрите меѓу нас, крена рака и образложи за неолиберализмот, а потоа професорот праша: „Зошто мислите така, кога Вашите родители се без работа поради „либерализирај, дерегулирај, приватизирај?“ На тоа прашање никој немаше одговор.

Но, се разбира одговорот е краток: повеќе слободен капитал кај богатите, за тие да може да инвестираат и да создадат работни места.

На крај, мора да признаам дека ми е интересна дистанцата што се чувствува по последните редови на „Нашите 99 проценти“. Бранимир им се обраќа на сиромашните: „Tрпението нема да ве спаси. Трпението само ќе ве доведе во полоша положба“. За мене интересно прашање за истражување е зошто оваа реченица не е во прво лице множина? Намерно или...? Ако ние, добро образованите неолиберални економисти, не сме во 99 проценти, тогаш мора да сме во 1 процент. Цело е кога има 100.

XS
SM
MD
LG