Достапни линкови

Нашите 99 проценти


Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.

Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.

Најбогатите 1 отсто Македонци заработуваат 12 отсто од вкупниот национален доход. Тоа е трето највисоко ниво во Европа, по Обединетото Кралство и Германија. Доходот на овие 1 процент пораснал скоро тројно помеѓу 2005 и 2010, за разлика од доходот на останатите 99 проценти од населението, кој пораснал само 11 отсто. Половина од економскиот раст помеѓу 2005 и 2010 отишол во рацете на овие 1 процент, пишува економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, во саботната он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Добро е познато дека сме лидери во регионот, па и пошироко, во економски раст и во реформи. Но, дали знаете дека сме лидери и во една друга работа, во нееднаквоста на доходот? Дали знаете дека најбогатите 1 отсто граѓани во Македонија заработуваат дури 12 отсто од вкупниот доход во земјата, што е убедливо највисоко во регионот? За споредба, во Србија, Хрватска и Словенија, најбогатите 1 процент заработуваат околу 6 отсто од вкупниот доход. Во Европа само Обединетото Кралство и Германија имаат повисоко учество на најбогатите 1 процент, околу 13 отсто од вкупниот доход. САД, коишто имаат особено нееднаква распределба на доходот, имаат учество на најбогатите 1 процент од околу 17 отсто.

Реалниот доход на најбогатите 1 процент Македонци пораснал скоро тројно од 2006 до 2010! Во истиот период, реалниот доход на останатите 99 отсто од граѓаните пораснал за само околу 11 отсто.

Уште е поинтересно да се забележи како се движел доходот на најбогатите 1 отсто во Македонија низ времето. Од 1990 па сè до 2005, тој бил стабилен, околу 5 отсто од вкупниот доход. Во 2006 почнува интензивно да расте, и во 2010 достигнува 12 проценти. Гледано во апсолутни реални износи, (т.е. во меѓународни долари од 2011 година), доходот на најбогатите 1 процент е стабилен околу 1 милијарда долари, сè до 2005. Потоа почнува да расте, и во 2010 достигнува 2,9 милијарди. Значи, реалниот доход на најбогатите 1 процент Македонци пораснал скоро тројно од 2006 до 2010! Во истиот период, реалниот доход на останатите 99 отсто од граѓаните пораснал за само околу 11 отсто (види графикон).

Ако вкупниот реален раст на бруто националниот доход во овој период од околу 20 отсто се декомпонира на доход што завршува кај најбогатите 1 процент и доход што завршува кај останатите 99 проценти, ќе се види дека дури половина од растот оди кај најбогатите 1 процент. Во фактички долари, најбогатите 17.000 лица (1 процент од работоспособните 1.700.000 лица) во Македонија во 2010 година вкупно заработиле вкупно 1,1 милијарди долари (вкупниот бруто национален доход во 2010 изнесува 9,2 милијарди долари). Или, околу 66.000 долари по човек, за цела година, т.е. 5.500 долари месечно! Во исто време, останатите 99% заработувале околу 400 долари месечно, во просек.

Можеби ќе прашате – „А што има лошо во сево ова? Зошто нееднаквоста на доходот е лоша?“. Настрана моралните и филозофски аргументи, еве неколку конкретни причини зошто нееднаквоста на доходот е штетна.

Во денешно време, кога за скоро сè се потребни пари, вклучувајќи и некои основни цивилизациски придобивки, како школувањето и квалитетното лекување, нееднаквоста на доходот значи дека некои луѓе имаат поголеми можности од други.

Како прво, нееднаквоста на доходот има штетни ефекти врз економскиот раст. Растот е поодржлив и подолготраен ако нееднаквоста е ниска.

Како второ, нееднаквоста на доходот значи и нееднаквост на можностите. Во денешно време, кога за скоро сè се потребни пари, вклучувајќи и некои основни цивилизациски придобивки, како школувањето и квалитетното лекување, нееднаквоста на доходот значи дека некои луѓе имаат поголеми можности од други. Добро е позната „кривата на Големиот Гетзби“, според која кога нееднаквоста е поголема, шансите сиромашните да станат богати се помали. Слично, добро е документирано дека повисоката нееднаквост е поврзана со полошо здравје и општествена благосостојба.

Трето, нееднаквоста има штетни ефекти по здравјето и сама по себе, не само заради нееднаквоста на можностите за лекување. Неколку студии уверливо документираат дека нееднаквоста креира стрес поради чувството на инфериорност, кој понатаму предизвикува бројни здравствени проблеми, пред сè срцеви.

Четврто, нееднаквоста на доходот обично води кон нееднаквост во политичката моќ на граѓаните. Луѓето што имаат повеќе пари можат повеќе да влијаат врз политичарите. Со ова се нарушува функционирањето на демократијата и се креира плутократија, т.е. систем во кој владее мала група на богати луѓе кои носат одлуки кои им одам во интерес само ним, не и на мнозинството.

Петто, нееднаквоста може да резултира во повисоки стапки на криминал и до социјални немири – посиромашните чувствуваат дека богатите имаат нешто неправедно, поради што може да се обидат да ја земат правдата во свои раце.

Шесто, постои верување меѓу економистите дека сиромаштијата потешко се намалува во ситуација кога нееднаквоста е повисока.

Седмо, нееднаквоста на доходот честопати води до економски кризи. Посиромашните луѓе се трудат да ги имитираат побогатите, поради што, бидејќи немаат пари, мора да се задолжат. Ако нееднаквоста е превисока, задолжувањето може да стане преголемо и да резултира во финансиска криза.

На што се должи вртоглавиот пораст на нееднаквоста во Македонија по 2005 година? Иако ова прашање заслужува посериозна анализа, дозволете ми да изнесам неколку хипотези.

Не, драги мои, трпението нема да ве спаси. Трпението само ќе ве доведе во полоша положба. Но, ако не го сфаќате ова, само ќе ги цитирам вонвременските К-15 и ќе кажам – „а бре, епа, Македонче...“.

Првото можно објаснување е берзата. Берзата во Македонија доживеа бум во 2006 и 2007 година, токму во времето кога започнува растот на нееднаквоста. Берзанскиот индекс МБИ-10 на почетокот на 2006 изнесуваше околу 2.300. До почетокот на септември 2007 тој порасна четирикратно, т.е. достигна 10.000. Бидејќи на берзата обично инвестираат побогатите, веројатно е берзанскиот бум да придонел за растот на нивниот доход, а со тоа за раст и на нееднаквоста. Но, со оглед на тоа што по 2007 берзата почна нагло да паѓа (во 2010 индексот се движеше околу 2.500), не е веројатно нееднаквоста во 2010 да е само поради берзата.

Второто можно објаснување е даночниот систем. Со воведувањето на „рамниот“ данок во 2007 всушност беа намалени даночните стапки на доходот над 360.000 и над 720.000 денари, од 15 отсто и 24 отсто, на 12 отсто (во 2008 година стапката дополнително се намали, на 10 отсто). Тоа значи дека лицата што имаат годишен бруто доход од 66.000 долари, со намалениот данок добиваат околу 7.500 долари нето доход повеќе.

Третото потенцијално објаснување е во порастот на јавните набавки. Парите за јавни набавки честопати се трошат на неефикасен начин и завршуваат во рацете на мал број побогати луѓе. Во 2006 година (првиот расположлив податок), според податоците на Бирото за јавни набавки, на јавни набавки се потрошени околу 150 милиони евра. До 2010, овој износ пораснал на 740 милиони евра. Доколку неефикасноста во јавните набавки не се намалила драстично во овој период, тоа значи дека загубите во јавните набавки во 2010 година се многу повисоки од истите во 2006 година.

Работите нема да се сменат сами од себе. Како што Тома Пикети уверливо аргументира во неговиот неодамнешен бестселер, инхерентните законитости на капитализмот водат само кон концентрација на богатството и доходот, т.е. кон пораст на нееднаквоста, не кон намалување. Кузнецовата крива, која тврди дека економскиот раст неминовно води кон поголема еднаквост, денеска се смета за бајка. Бранко Милановиќ одамна тврдеше дека нееднаквоста во општествата не се намалува заради економски фактори, туку пред сè затоа што општествата решаваат да ја намалат нееднаквоста со воспоставување на редистрибутивни институции (т.е. повисоки даноци и повисока и подобро таргетирана социјална помош). Дарон Ачемоглу и Џејмс Робинсон тврдеа дека ваквите институции се формираат како резултат на политичката нестабилност, која доаѓа од порастот на нееднаквоста и ги тера елитите да се демократизираат, т.е. да воспостават редистрибутивни системи. Но, Ачемоглу и Робинсон исто така тврдеа дека кога општествената мобилизација е ниска, исходот честопати е „автократска катастрофа“, т.е. општество со висока нееднаквост и низок раст. Затоа е важно нашите 99 проценти да се мобилизираат.

И, тука доаѓаме до главното прашање – зошто нашите 99% молчат? Зошто нема никаква реакција? Се сеќавате на сите оние протести на „Окупирај го...“ движењето? Зошто кај нас нема такво нешто, иако економската нееднаквост е една од највисоките во светот? Можам да понудам две објаснувања.

Првото е дека нашите 99 проценти не се свесни за нееднаквоста кај нас. Со постојано пласирање на информации како сме лидери во реформи и во економски раст, како нови странски компании доаѓаат секојдневно и сл., народот стекнува „розова“ претстава за реалноста. Сиромаштијата и нееднаквоста како да се забранети теми, за нив многу малку се зборува. Доколку е ова објаснувањето, се надевам ќе придонесам за подобрување на состојбата со колумнава. Се надевам на луѓето ќе им стане појасно дека растот во Македонија од последните неколку години, колку и да е фантастичен, е раст од кој полза имаат првенствено богатите. Ќе бидат потребни многу повеќе колумни и слични напори за постигнување на целта, но сепак, патот е познат.

Повеќе ме грижи второто можно објаснување, кое ми се чини и поверојатно, а тоа е, дека нашите 99 отсто по природа се такви што не сакаат да реагираат. Се плашат дека ако се кренат може да биде и полошо. Дека можат да бидат обележани како бунтовници или опозиционери. Дека можат да ја загубат работата. Па ја почитуваат онаа традиционална македонска „трпение-спасение“.

Не, драги мои, трпението нема да ве спаси. Трпението само ќе ве доведе во полоша положба. Но, ако не го сфаќате ова, само ќе ги цитирам вонвременските К-15 и ќе кажам – „а бре, епа, Македонче...“.

Сите податоци за нееднаквоста користени во овој текст се од Стандардизираната светска датабаза за нееднаквост на доходот (верзија 4), на Фредерик Солт. Бројките што се коментираат се однесуваат на 2010 година, последниот расположлив податок за Македонија.

(Ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот, и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан)

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG