Достапни линкови

Савески – Сè додека молчиме ќе ни се кршат работничките права


Професор Здравко Савески

Професор Здравко Савески

Универзитетскиот професор Здравко Савески беше отпуштен од работа поради организирање на штрајкот на универзитетот ФОН каде што предава. Генералниот менаџер на ФОН, Сефер Цаноски, пак, тврди дека не потпишал никаков отказ.

Универзитетскиот професор Здравко Савески беше отпуштен од работа поради организирање на штрајкот на универзитетот ФОН каде што предава. Тој тврди дека е незаконски отпуштен, зашто законот забранува да му се даде отказ на синдикалниот претставник.

Генералниот менаџер на ФОН, Сефер Цаноски, пак, тврди дека проблемот кој го имале со платите изминатите месеци е надминат, а дека тој, како работодавец и како директор, не потпишал никаков отказ ниту, пак раскинал договор, така што Савески формално-правно не е отпуштен.

„Имавме мал проблем со платите, неколку месеци, поради тоа што ФОН немаше своја зграда. Сето тоа е решено, универзитетот е профитабилен, функционира одлично. Јас сум директор и работодавач и немам раскинато никаков договор, немам дадено отказ на Савески ниту на кој било друг. Вчера имале вербална расправија со ректоратот или со управниот одбор, но јас бев на пат и денеска во медиумите прочитав. Веројатно, Савески е загрижен за својата работа, бидејќи додека се соочувавме овие месеци со потешкотии, тој не држеше предавања и не доаѓаше редовно на работа“, изјави генералниот менаџер на ФОН Сефер Цаноски за „Плусинфо“.

Во продолжение е разговорот со професор Здравко Савески.

Господине Савески, што се случи со вашиот отказ, кои се последните информации?

Во овој момент сè уште не ми имаат врачено писмен отказ. Тоа е прекршување на уште еден член од законот за работни односи, кој кажува децидно дека отказот може да биде даден само во писмена форма. Можно е нивната суетност да биде до таа мерка, што можеби ќе сметаат дека не треба да дадат писмен отказ. Инаку отказот беше соопштен на состанок пред сите вработени на првиот работен ден.

Зошто ви дадоа отказ?

На ФОН Универзитетот од 29 април во тек е штрајк поради големиот број на заостанати плати и хонорари кои ги должат газдите на вработените, а поради што дел од вработените се доведени до егзистенцијани проблеми. Бидејќи јас сум претседател на синдикалната организација на мултиетничкиот синдикат на ФОН, сметаа дека најефективен начин да се сузбие штрајкот е да му се даде отказ на синдикалниот претставник, т.е. на мене. Но, тоа е спротивно на законот за работни односи кој предвидува, токму за да може синдикалниот претставник да чувствува безбедност во застапувањето на правата на вработените, да не смее да му се даде отказ по ниту една основа.

Ако на вас како на активист за работнички права ви се случува ова, што останува за обичниот работник, кога треба да се бори за своите работнички права?

Не е работата толку очајна. Токму бидејќи луѓето кај нас се плашат да се борат за своите права, нас ни се случува вакво кршење на работничките права. Треба да се крене гласот против тоа и во никој случај не смее да се смета дека работата е завршена. Постои суд, постојат тужби, јас токму тоа ќе го направам. Постои работничка солидарност и во овој момент се состануваат останатите членови на синдикатот за и самите да преземат мерки, така што стравот од последици не е решение за проблемите на работата. Работниците не треба да им дозволуваат на газдите да мислат дека се над законите и дека законите не важат за нив, па да ги уценуваат и да ги експлоатираат работниците.

Колку е опасно во Македонија да се организира штрајк?

Тоа е одговорна и стресна ситуација. Но, пак ќе кажам, кога работата ќе дојде – нож до коска, останува луѓето да се борат за своите права и да не им биде во прв план стравот од последиците, бидејќи последици може да има, може и да нема, но може да има успех, а може и да нема. Ако се молчи, тогаш се знае, битката е изгубена. Една од причините зошто кај нас толку се кршат работничките права е што толку сите гледаат некој друг да им ја заврши работата. Треба малку да си го промениме менталитетот и да се бориме за работничките права, а не само да се жалиме и да кукаме дома пред семејствата колку ни е тешко на работа, туку да се организираме и да не им дозволуваме на газдите да нè експлоатираат и да мислат дека се над законот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG