Достапни линкови

logo-print

На вработените во прилепски Еурокомпозит не им се работи без пари


Вработените во прилепски Еурокомпозит бараат плата и сини картони. Раководството најави дека плата ќе им биде исплатена веднаш и оти другите проблеми ќе се решаваат во од.

Прилепчанката Олга Јорданоска, иако веќе 30 години работи во прилепски Еурокомпозит, се соочува со сериозни егзистенцијални проблеми. Наместо плата добива аванс, како што вели, минимални суми, кои не се доволни за храна на нејзиното тричлено семејство.

Ние бараме пари и сини картони, сите сме над 50 години и сите сме болни и со извршители, дома сметките кој ќе ни ги плати.

„Јас сум една вработена дома, а сум тројца, а со која плата сега да живеам, а ми вика сега онде еден од инженериве, Жарко, со 2.000 ќе живееш, ако се живее нека ми каже како. Јас ова сега што го зборувам, решението секако ќе ми дојде, ами нека ми дојде, за без пари не се работи“, се жали Олга Јорданоска.

Но, тврди дека не само таа, туку и другите работници се соочуваат со истите проблеми - имаат преку 50 години, сите вели се болни од стресовите што ги доживуваат во фирмата со години, бидејќи немаат ни сини картони за лекување, ниту им се плаќаат придонеси.

Три дена бараме да прогласиме штрајк, од Управата никако не прифаќаат, не признаваат, не знаеме како правата да си ги исполниме веќе.

„Ние бараме пари и сини картони, сите сме над 50 години и сите сме болни и со извршители, дома сметките кој ќе ни ги плати“, додава Јорданоска.

Работниците се жалат дека неколку дена се обидуваат да организираат легитимен штрајк, но се спречени, а не знаат зошто. Се плашат дека овие што јавно говорат за проблемите ќе добијат решенија за принуден одмор, по примерот на други тројца кои деновиве ги презентирале проблемите пред раководството.

„Три дена бараме да прогласиме штрајк, од Управата никако не прифаќаат, не признаваат, не знаеме како правата да си ги исполниме веќе“, вели Цанко Баснарков.

„Синдикатот не сака легитимно да го заведи штрајкот, не сака јавно да го произнесе, ни се закануваат, затоа се овие решенија вака доведени да ги растргаат луѓето на некој начин“, вели Илија Талески.

„Ние ги напишавме барањата, одговор немаме, дојде вчера директорот ни кажа, кој сака да работи без пари, нека дојде по мене, никој не сака да работи без пари“, вели Валентина Славеска.

Заменик директорот Никола Лучески вели дека Еурокомпозит има извозни договори од поголем обем и договори со домашни партнери, така што плата на вработените ќе им биде итно исплатена. Другите барања на вработените ќе се решаваат во од и оти секоја недела ќе се одржуваат состаноци.

Еуркомпозит е загубар со целосно државен капитал. Сите досегашни обиди за негова продажба на стратегиски инвеститор се безуспешни. Работниците живеат во агонија веќе со години.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG