Достапни линкови

Правото на штрајк и протест – права кои сè почесто се користат од работниците


Стефан Чичевалиев, дипломиран правник, магистер по деловно право.

Стефан Чичевалиев, дипломиран правник, магистер по деловно право.

Јакнењето на свесноста за работничките права е неспорно важна, затоа дознајте ги вашите права и борете се за нив. Само на тој начин работодавците ќе ве сфатат сериозно и нема да ве деградираат, омаловажуваат и така ќе ги почитуваат правата кои ви следуваат вам, работниците, пишува Стефан Чичевалиев, дипломиран правник, магистер по деловно право во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Штрајкот е право на работниците. Право со кое располагаат и се борат за почитување на нивните права од стана на работодавците. Штрајкот како средство за решавање на работните спорови, се користи од страна на поголема група работници кои ги засегаат конкретни проблеми, а во врска со нивниот работодавец, компанија или пак колективен договор. Обично правото на штрајк се остварува пред просториите на компанијата, институцијата, во канцелариите на истата или пак пред некоја друга установа која може да им помогне на незадоволните работници.

Праксата покажува дека барањата на штрајкувачите најчесто се од економска и социјална природа, иако и политиката често знае да се вмеша.

Со Уставот на Република Македонија, на сите граѓани им се гарантира правото на штрајк. Штрајкот како право на граѓаните е наведено во член 38 од Уставот на Р.М:„Се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата“.

Воедно, со правото на штрајк, би го навел и правото на протест. Исто така, гарантирано право со Уставот на Република Македонија. Ова право е наведено во член 21 од Уставот на Р.М: „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.“

Досега, во нашата земја, сме биле сведоци на многубројни штрајкови и протести, но со дискутабилен резултат. Оттаму и прашањето дали храброста на штрајкувачите вродува со плод во Република Македонија?

Праксата покажува дека барањата на штрајкувачите најчесто се од економска и социјална природа, иако и политиката често знае да се вмеша. Како примери за граѓани, работници кои го користат правото на штрајк и правото на протест во нашата земја, ќе ги наведам случаите со протестите на стечајците, штрајкот на докторите и штрајкот на професорите од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ коишто штрајкуваа со глад.

Во случајот протестите на стечајците, главна цел беше изготвувањето на измените и дополнувањата на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата, или во јавноста познат како Закон за стечајци. Можеби не го добија она што го сакаа и за кое се бореа, но сепак добија нешто. Тие добија зголемен надоместок, барем оние кои имаат навршено 25 години работен стаж. Не добија многу, но добија нешто. Покрај сето ова, законските критериуми уште на старт предизвикаа негативни реакции кај дел од стечајците кои сметаат дека законот е селективен. Што ќе се случува понатаму, останува да видиме.

Од друга страна, го имаме случајот со штрајкот на лекарите. Тие се бореа за административното делување во здравството и сите ефекти кои ги произведува. Според офтамологот и предводникот на штрајкот, Д-р Дејан Ставриќ, лекарите не успеале да постигнат некои важни промени. Според него, некои цели се постигнале, некои останале отворени, но најважно е дека на таков начин се изразила масовноста на незадоволството на лекарите. Д-р Дејан Ставриќ го напушти јавното и премина во приватното здравство. На овој начин згасна штрајкот на лекарите.

Користењето на овие права врши силно влијание врз општествените чинители за унапредување на состојбата со реализација на правата на работниците, дури и тогаш, како во нашите случаи, кога само делумно тие се реализирале преку штрајкот.

Последниот актуелен случај кој мислам дека на сите ни е познат, е штрајкот на тројцата доктори на науки од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Тие тврдат дека се прекршиле нивните права, утврдени со законските прописи кои го регулираат изборот и професионалното унапредување на универзитетските професори, како и тоа дека незаконски се избркани од работа. Воедно, самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија го поддржа штрајкот на професорите.

Во секој случај сметам дека е неопходна опсежна анализа во поддршка на идни дискусии за ова значајно прашање во заштита на правата на работниците, со цел да има смисла обемното регулирање на правото на штрајк во меѓународното и домашното законодавство, како и историската борба за работничките права. Користењето на овие права врши силно влијание врз општествените чинители за унапредување на состојбата со реализација на правата на работниците, дури и тогаш, како во нашите случаи, кога само делумно тие се реализирале преку штрајкот.

Мојата порака до работниците, е следнава: јакнењето на свесноста за работничките права е неспорно важна, затоа дознајте ги вашите права и борете се за нив. Само на тој начин работодавците ќе ве сфатат сериозно и нема да ве деградираат, омаловажуваат и така ќе ги почитуваат правата кои ви следуваат вам, работниците.

Латинската поговорка „Auentes fortuna iuvat“ или „Среќата ги следи храбрите“, навистина добива смисла во едно демократско општество во кое работниците можат слободно да изразат незадоволство и да побараат решавање на нивните права.

XS
SM
MD
LG