Достапни линкови

За јубилејот, Фестивалот „Пеце Атанасоски“ се враќа на Рудина


Илустрација.

Илустрација.

Со настапи на повеќе од 250 инструменталисти од земјава и на гостите од странство, семинари, трибини и промоции, на 4 и 5 јули, на Рудина крај прилепското село Долнени, ќе се одржи 40-то јубилејно издание на Меѓународниот фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасоски“, манифестацијата чија трајна заложба е да го негува пребогатото македонско изворно творештво.

За четиридеценискиот јубилеј, Меѓународниот фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасоски“ се враќа онаму каде што и органски припаѓа и каде што впрочем започна мисијата за преданост во негувањето на пребогатото македонско изворно творештво. На Рудина. Во Долнени. Во месноста каде през годините од генерација на генерација се предаваше неизмерната љубов кон традицијата, кон суштествениот и недопрен македонски музички јазик.

Потребни се уште многу придружни манифестации, многу гости од странство, што подразбира не само два дена за неговото одржување, туку минимум двојно повеќе.

Од таму, ваквата вест е вистински мевлем за раната за сите вљубеници во изворниот наш израз, но особено и за почитувачите на врвниот инструменталист, деец и голем народен уметник Пеце Атанасоски, кој далекувидо манифестацијата ја етаблира на просторот и под сводот каде најсилно одекнува ритамот на нашето постоење.

Годинава, пак, повеќе од 250 инструменталисти од земјава и гајдаџии гости од Унгарија, ќе земат учество на завршните активности од овој, по многу нешта, значаен фестивал што ќе се одржи на 4 и 5 јули.

Младите кои идат и кои веќе едуцирани доаѓаат, кои имаат контакт со цел свет преку современите медиуми, особено електронските, знаат што треба и како треба. Се надевам дека тие ќе го продолжат со таков ентузијазам со каков што ние можевме и го работевме досега.

„Четириесеттиот фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ ќе се случи под мотото „И изворната музика нè одржа“. Овој фестивал започна пред четири децении на Рудина меѓутоа отсекогаш се одржувал во Долнени и во Прилеп. Така е и регистриран. За годинава, за да се вратиме напорите ги вложи Општина Долнени со тенденција догодина да настапиме на една нова Рудина, во едно ново руво. Тоа значи дека фестивалот им се враќа на корените“, вели Весна Атанасоска Вучиќ, директорка на манифестацијата.

Вообичаено, случувањата ќе започнат со ревијалното претставување, за да потем, в сабота на 5 јули, од 19 часот, на сцената на Рудина се одржи и натпреварувачкиот дел од програмата.

Паралелно ќе тече и Семинарот за изучување на изворните инструменти и игри кој започна на 30 јуни и на кој присуствуваат 20 учесници од Грција и од Македонија, а во пресрет на финалната вечер е најавено дека ќе се одржи и трибина на тема „Форми и содржини за презентација на изворниот фолклор“. Модератори на трибината ќе бидат професор д-р Ѓоко Георгиев, проф. Ана Марија Боја од Унгарија, професор д-р Родна Величковска, професор Катерина Петровска Кузманова од Институтот за фолклор, проф. д-р Илчо Јованов, декан на Факултетот за музичка уметност од Штип и Захаринка Милосављевиќ, пејачка, долгогодишна прва дама на Уметничкиот совет на фестивалот и музички проследувач на настаните од оваа манифестација за Македонското радио во изминативе три и половина децении.

Таа, говорејќи за големиот јубилеј, значењето на фестивалот и за неговата благородна мисија, особено во едукација на младите, знае да забележи дека од денешен агол неговата улога е немерлива и дека благодарение на тоа денеска изворната музика и народните инструменти станаа академска дисциплина која е присутна на два наши Универзитета.

„Младите кои идат и кои веќе едуцирани доаѓаат, кои имаат контакт со цел свет преку современите медиуми, особено електронските, знаат што треба и како треба. Се надевам дека тие ќе го продолжат со таков ентузијазам со каков што ние можевме и го работевме досега“, вели Милосављевиќ.

За јубилејот е подготвена и монографија насловена како „Непресушен извор“ во која низ збор и слика се претставени почетоците, развојот и растежот на манифестацијата која од Смотра на гајдите во далечната 1974 година прерасна во Фестивал. Инаку, колку за потсетување, првите 22 години тој го носеше името на македонскиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков, за да потем го добие она на неговиот идеен творец и долгогодишен прв човек Пеце Атанасоски.

На манифестацијата досега поминале над 9.000 учесници од земјава и од странство, а делови од монографијата се преведени на англиски и француски јазик со што таа станува вреден документ за опстојбата и мисијата на Фестивалот.

Инаку, организаторите славејќи го јубилејот не забораваат да напоменат дека уште многу работи треба да се променат за да Фестивалот си ја добие својата вистинска физиономија.

„Пред сè, за да расте Фестивалот потребни се уште многу придружни манифестации, многу гости од странство, што подразбира не само два дена за неговото одржување, туку минимум двојно повеќе. Така е во светот. Значи да има претставување и на различни култури, а се разбира дека нашата основна цел е да го зачуваме нашето. Имаме и едукативна обврска да продолжиме и да навлеземе во оние региони каде што помалку се негува изворниот фолклор. Токму и од тие причини ќе одржуваме се повеќе семинари и работилници. Годинава ете за пеење и свирење, догодина за изработка на народни инструменти, потем да го претставиме народното творештво низ везење и ткаење, значи сето тоа што е народно творештво да го имаме овде како придружна манифестација. Само така и тогаш ќе имаме лик на Фестивал кој расте“, појаснува Атанасовска – Вучиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG