Достапни линкови

Пеце Атанасоски доби споменик во Прилеп


Споменик на македонскиот музичар Пеце Атанасоски во Прилеп.
Споменик на македонскиот музичар Пеце Атанасоски во Прилеп.

Викендов се одржа 38-то издание на фестивалот „Пеце Атанасоски“. Придружните манифестации се случија во Долнени, а натпреварувачкиот дел се случуваше во Прилеп.

Во духот на македонската изворна песна, игра и мелос се одржа 38-то издание на единствениот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“, на плоштадот Александрија во Прилеп. Дел од 220-те учесници од земјава, Србија и САД, оддавајќи му почит, заиграа македонско оро, запеаја, засвирија со гајдите, пред тукушто откриениот споменик на патронот, Пеце Атанасоски, македонскиот виртуоз на изворниот фолклор. Или како што рече градоначалникот Марјан Ристески, при откривање на споменикот изработен од бранза:
Пеце е човекот кој од овие краишта, од Прилеп и Долнени ја понесе изворната музика, го претстави секаде македонскиот богат фолклор. Нам во Прилеп ни е чест што му подигнавме споменик, зашто е еден од најзаслужните прилепчани и дејци во
Македонија во негувањето на изворната музика.
Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

„Пеце е човекот кој од овие краишта, од Прилеп и Долнени ја понесе изворната музика, го претстави секаде македонскиот богат фолклор. Нам во Прилеп ни е чест што му подигнавме споменик, зашто е еден од најзаслужните прилепчани и дејци во Македонија во негувањето на изворната музика.“

Со многу емоции, благодарност кон локалните власти, заигра и ќерката на Пеце, актуелен директор на фестивалот, Весна Вучиќ.
Фестивалот има единствена цел зачувување и достојно презентирање на македонскиот изворен фолклор, поточно на изворното пеење, изворното свирење. Разликата е што придружните манифестации се случија во Долнени, а натпреварувачкиот дел се случува овде, а не во Рудина, а во изминатите години беше обратно.
Весна Атанасоска Вучиќ, директор на фестивалот „Пеце Атанасоски“.

„Чувства пред се поради тоа што едни млади, нови генерации кажуваат и покажуваат колку им значат трајните вредности на народното творештво, токму преку овој споменик. Фестивалот има единствена цел зачувување и достојно презентирање на македонскиот изворен фолклор, поточно на изворното пеење, изворното свирење. Разликата е што придружните манифестации се случија во Долнени, а натпреварувачкиот дел се случува овде, а не во Рудина, а во изминатите години беше обратно“, вели Атанасоска Вучиќ, ќерка на македонскиот амбасадор на изворниот фолклор ширум светот и директор на фестивалот.

Низ градот и овој пат продефилираа бројните вокални интерпретатори, групи, културно уметнички друштва. Ечеше звукот на гајдата, тапанот, кемането, зурлата, кавалот. Се играше и пееше, како потврда дека македонскиот код опстојува и дека ќе продолжи незаборавот.

„Значењето на фестивалот е огромно, со еден збор не може да се каже, оној којшто сака да дознае какво е значењето на фестивалот треба да дојде овде во Прилеп, или во Долнени на Рудина. Тоа е наш код, наш идентитет, наша иднина, какви убави носии, какви убави работи се случуваат. Значи можам само да ви кажам: народе мој македонски, пеј за Македонија, пеј народни песни и негувај ја својата традиција и својата народна песна и народно творештво, бидејќи само тоа е нашата иднина“, изјави Захаринка Вртаноска Милосављевиќ, уметнички директор на фестивалот.

Натпреварувачите облечени во народни носии, изведоа и нови композиции, стари изворни македонски песни, кои се пееле пред еден век. Со своите импресивни изведби како да го вратија времето, кога изворниот фолклор беше дел од селските слави и прослави, кога на секој христијански празник се слушаше песна, игра и оро, кога старите ги учеа младите како да шијат и везат со фолклорни мотиви народна носија, која ќе ја носат на свадби, слави и веселби.

„Преку 20 години сме овде, многу се чувствуваме добро, ако сме стари, ама ни врват годините со убавини, со стари носии, со стари обичаи.“

„Супер е фестивалот, најмногу ми се допаѓа народната носија, обичаите, свирката, сè.“

„Фестивалот е многу убав, ни се допаѓа, да продолжи понатаму, да се дружиме и да доаѓаме тука“, изјавија весели дел од учесниците на годинешното издание, кое заврши вообичаено со доделување на наградите за најдобрите учесници по категории, а беше доделена и гран при награда „Гајдата на Пеце“.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG