Достапни линкови

Заврши фестивалот „Пеце Атанасоски“


Учесници на фестивалот „Пеце Атанасоски“

Учесници на фестивалот „Пеце Атанасоски“

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ заврши, но останаа пораките на дел од учесниците, кои бараат во иднина оваа манифестација да понуди квалитативен развој.

Предлагаат да се воведат нови содржини кои ќе анимираат поголем број посетители, но и учесници. Дел од годинешните учесници дури стравуваат дека фестивалот може да замре, доколку не се преземат мерки и активности за негово заживување. Велат со години се одржува со иста агенда, без никакви промени.

„Би требало да се развива, би требало повеќе да се заинтересираат.“
Треба само финансии да се поддржи овој фестивал, зашто како што гледам јас, еве трета година учествувам, некако да стагнира, полека, полека како
да изумира.

„Треба само финансии да се поддржи овој фестивал, зашто како што гледам јас, еве трета година учествувам, некако да стагнира, полека, полека како да изумира“, велат Раде Србиноски и Мирослав Василевски, двајцата членови на КУД „Брвеница“ од Тетово.


Единствениот гостин од странство, Ернесто Фишер, кој што допатува од Холандија смета дека фестивалот во иднина треба да се врати на автентичен амбиент. Со оглед на неговото 5 годишно искуство како учесник, оценува дека фестивалот повеќе не треба да се одржува во Прилеп, како што беше случај годинава.

„Сметам дека е подобро да се одржува во Долнени, зашто овде во градот има многу бучава од сообраќајот, а се слуша и музиката од дискотеките во околината“, изјави Фишер.

Според директорот на фестивалот, Весна Вучиќ, можеби е време за дефинитивна и голема одлука за опстанокот и иднината на манифестацијата.

„Зборувам како ќерка на Пеце, 15 години сум на чело на овој фестивал и мислам или треба да го има, или ќе биде како што треба или ич. Од моја страна, не дека некогаш ќе прекинам да го поддржувам и да помагам, не дека локалните самоуправи или државата некогаш не заборавиле, не! Мислам дека сите заедно треба да дадеме поддршка и да придонесеме во развојот на овој фестивал.“
Зборувам како ќерка на Пеце, 15 години сум на чело на овој фестивал и мислам или треба да го има, или ќе биде како што треба или ич.

За учесниците нема дилема, фестивалот треба да продолжи зашто е одлична можност за дружење, запознавање, негување на македонската песна и оро, настан каде може да се чуе звукот на изворните инструменти: гајдата, тапанот, кавалот, кемането...

„Многу убаво ни е, ние секоја година престојуваме, доаѓаме и сме задоволни од се“, вели Драган Јовчески, од групата „Весели пензионери“.

Со иста оценка е и неговата колешка Славица Петроска.

„Одлично, традицијата да продолжи и натаму, многу е убаво дружењето, организацијата.“

Уметничкиот директор на фестивалот, Захаринка Вртаноска Милосављевиќ ги објаснува причините зошто фестивалот не смее никогаш да згасне.

„Како можеме да не ја негуваме народната песна, народната музика, ората, носиите?! Па, тоа е наш белег, наш код. По што би се кодирале ние инаку во светот, по што би не препознале најмногу, илјадници години го носиме во нашиот ген, тој е наш код.“

Од Советот на фестивалот информираат дека добиле ветување од локалната самоуправа на Долнени, дека доколку го добијат во владение сега државното земјиште на Рудина, ќе го подарат на фестивалот. Тогаш конечно, се надеваат од фестивалот ќе се остварат бројните проекти кои нудат многу содржини за развој и нов лик на оваа единствена манифестација во државата која ја негува изворната песна и оро.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG