Достапни линкови

logo-print

Обама: Предност за дипломатијата пред воената сила


Во говорот во Вест Поинт, Обама ги отфрли критиките за надворешната политика, наведувајки дека американското базирање врз дипломатијата, а не исклучиво на воените интервенции, дава резултати.

Најголемата опасност за Соединетите Држави и за светот денес е тероризмот, оцени американскиот претседател Барак Обама во говорот за американската надворешна политика на воената академија Вест Поинт. Тој го повика Конгресот да го поддржи новиот фонд за анти-терористичко партнерство во висина од 5 милијарди долари, со кој, ќе им се овозможи обука екипирање и опремување на партнерските земји во првите линии.
Само затоа што имаме најдобар чекан, не значи и дека секој проблем е клинец.


Обама ги отфрли критиките за надворешната политика на неговата администрација, инсистирајки дека американското базирање на дипломатијата, а не исклучиво на воените интервенции, дава резултати, како на пример во надминувањето на глобалните кризи во Украина и во Иран. Тој нагласи дека глобалните проблеми мора да се решаваат пред се преку мултилатералните институции, а секоја акција да биде преземана во соработка со сојузниците.

Меѓутоа, Обама истакна дека САД ќе ги употребат воените сили и унилатерално, ако е неопходно, доколку тоа е од национален интерес. Но, додаде дека употребата на воена сила мора да биде разумно. Америка секогаш мора да биде лидер на светската сцена, но американските воени акции не можат да бидат единствена или примарна компонента на нашето лидерство, рече Обама.

„Само затоа што имаме најдобар чекан, не значи и дека секој проблем е клинец“, изјави Обама.

Американскиот претседател истакна дека под американско лидерство, светот веднаш се обединил во осудата на руските акции во Украина.

Во врска со иранската нуклеарна програма, Обама оцени дека за прв пат во последнава декада, има шанси за договор со кој Иран ќе биде спречен да произведе нуклеарно оружје.

Обама, во говорот најави и поголема подршка за опозицијата во Сирија, ветувајки и зголемување на напорите за помош на соседните земји, Јордан, Либан, Турција и Ирак, кои, им даваат засолниште на беглаците и им се спротиставуваат на терористите кои дејствуваат надвор од сиријските граници.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG