Достапни линкови

Обама со нова визија за улогата на САД во светот


Претседателот Барак Обама во денешниот говор во Воената академија во Вест Поинт со детали за неговиот поглед на американската надворешна политика. Се очекува да зборува за иранската нуклеарна програма, американското повлекување од Авганистан, сириското хемиско оружје, но и за односите со Русија.

Во неговата последна половина од вториот мандат, американскиот претседател Барак Обама се соочува со многу критики за слабата надворешна политика, особено по најновите настани во Украина и Сирија.

Рускиот претседател Владимир Путин го анектира Крим и покрај протестите на Обама и на меѓународната заедница и санкциите што ги презеде неговата администрација против блиски соработници на Путин.

Исто така Обама изјави дека употребата на хемиско оружје ќе биде „црвената линија“ за американската воена интервенција во Сирија.
Мислам дека Американците научија дека е потешко да завршуваш војни отколку да ги почнуваш.


До ова не дојде, иако Соединетите Држави заклучија дека режимот на претседателот Башар ал Асад користел хемиско оружје. Потоа беше постигнат договор меѓу Вашингтон и Москва за мирно отстранување на сириското хемиско оружје.

„Ние сме во извесна прсвртница во врска со нашата надворешна политика“, вели заменик советникот за национална безбедност Бен Родс, додавајќи:

„Таа ќе изгледа многу поразлично од она што беше во изминатава декада кога Ирак и Авганистан навистина доминираа во дискусиите“, вели Родс.

Според него, претседателот Обама ќе зборува за она што навистина таа транзиција ќе значи пред се во стратегијата против тероризмот.

Говорот на Обама доаѓа ден откако тој го соопшти планот за останување на 9.800 американски војници во Авганистан и по 2014 година, а кои ќе бидат повлечени до крајот на 2016 година.

„Американската борбена мисија ќе заврши до крајот на оваа година. Почнувајќи од идната година, Авганистанците целосно ќе одговараат за безбедноста во нивната земја. Американскиот персонал ќе има советодавна улога. Нема веќе да патролираме по авганистанските градови и планини“, изјави Обама.

Овој план треба да биде прецизиран на претстојниот состанок во идниот месец во Брисел меѓу министрите за одбрана на НАТО, но и одобрен од Авганистан.
Ние сме во извесна прсвртница во врска со нашата надворешна политика. Таа ќе изгледа многу поразлично од она што беше во изминатава декада кога Ирак и Авганистан навистина доминираа во дискусиите.


Сегашниот претседател Хамид Карзаи одбива да потпише договор со Вашингтон додека двајцата водечки кандидати за претседател ветија дека ќе го сторат тоа ако бидат избрани.

Иако Обама вели дека годинава ќе биде означен крај на борбените операции за над 32 илјади американски војници, планот со кој се предвидуваат уште две години американско присуство во Авганистан, односно до крајот на вториот негов мандат, предизвика критика кај домашните политичари.

Неколкумина републикански сенатори, меѓу кои и Џон Мекејн, оценија дека станува збор за „монументална грешка и триумф на политиката над стратегијата“.

„Мислам дека Американците научија дека е потешко да завршуваш војни отколку да ги почнуваш“, изјави претходно Обама, додавајќи дека не очекува Авганистан да биде перфектно место и оти не е американска одговорност да го направи такво.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG