Достапни линкови

Четири претстави на шестиот ПАНФИЗ


Со изведбата на „Чуда без зборови“ на Рик Вејмер и Лори Хелд од САД, на 1 октомври од 20 часот, во Македонскиот народен театар, ќе започне шестото издание Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“. На четиридневната манифестација која овојпат се одржува во изместен термин, учество ќе земат и уметници од Финска и од соседна Србија.

По пет пролетни изданија со кои „Панфиз“, како Интернационален фестивал на пантомимата и физичкиот театар беше гордо исправен да и пркоси на нашата реалност и жилаво да се докажува како единствено вакво случување на Балканот, шестото ја има обврската во изместен есенски термин да ја очува веќе востановената традиција. Како причина за поместувањето организаторите го наведуваат задоцнетото соопштување на резултатите од конкурсот на Годишната програма за проекти на Министерството за култура и износот на добиените средства. Наместо 350.000 како минатата година биле одобрени само 200.000 денари.
Се надевав и се надевам дека овој фестивал ќе добие уште поголема поткрепа за да може да оди напред. За да донесеме театарски трупи кои што навистина се извонредни, нешто што публиката во Македонија го нема видено. Постојат такви луѓе, поединци, постојат такви трупи кои што навистина се фантастични, магични и не бараат многу средства. За жал не можеме да ги повикаме едноставно затоа што чергата е толкава.

„Се надевав и се надевам дека овој фестивал ќе добие уште поголема поткрепа за да може да оди напред. За да донесеме театарски трупи кои што навистина се извонредни, нешто што публиката во Македонија го нема видено. Постојат такви луѓе, поединци, постојат такви трупи кои што навистина се фантастични, магични и не бараат многу средства. За жал не можеме да ги повикаме едноставно затоа што чергата е толкава“, вели актерот и пантомимичар Трајче Георгиев, инаку прв човек на „Панфиз“.

Од таму нималку не чуди што наместо седум како некогаш, овојпат ќе бидат прикажани само четири претстави и тоа на уметници кои идејата за ваквото случување ја крепат од самиот негов почеток. Така, отворањето ќе помине во знакот на американскиот пантомимичар Рик Вејмер, кој во 2008 година, на првото издание, беше добитник на единствената награда и кој овојпат од Тусон во Аризона доаѓа со Лори Хелд за да го претстават проектот „Чуда без зборови“.
Ова се луѓе кои што со голема љубов и голема ангажираност, иако се вработени, наоѓаат време и навистина со голем жар и голема љубопитност настапија да ги изучуваат тајните на пантомимата кои што мојата маленкост во изминативе две години се обидуваше да им ги пренесе во нивниот Центар во Врање.

В среда на 2 октомври публиката ќе има можност да го проследи проектот „Башо – Дух збришан од Ветрот“ што го потпишуваат легендарниот Американец Адам Дариус, еден од последните живи доајени на балетската уметност, и неговиот асистент Казимир Колесник, кои подолго време живеат и творат во Финска. Овојпат тие доаѓаат со претстава за која се вели дека претставува „физичка транскрипција на хаику поезијатата на познатиот јапонски хаику автор од 17 век – Мацуро Башо“.

Следува „Нарачан концерт“ на белградската балерина Милица Гутовиќ, во кој патем се говори за современото живеење, стресовите и тешкотиите во животот на една млада жена која се соочува со се она што значи бизнис, љубов и уметност, за да во петок на затворањето на „Панфиз 2013“ биде прикажана „Омнибус – Плус“ на Друштвото на глуви и наглуви од Врање.

„Ова се луѓе кои што со голема љубов и голема ангажираност, иако се вработени, наоѓаат време и навистина со голем жар и голема љубопитност настапија да ги изучуваат тајните на пантомимата кои што мојата маленкост во изминативе две години се обидуваше да им ги пренесе во нивниот Центар во Врање“, истакнува Георгиев, кој е автор на претставата што веќе со успех е прикажувана на неколку регионални фестивалски случувања.

Во рамките на „Панфиз 2013“, на Факултетот за драмски уметности ќе биде одржана „Театарската работилница со Дариус и Колесник“, а завесата на годинешново издание ќе биде спуштена со доделувањето на наградата за изведба за која по четврти пат спонзор е Росен Пацов, голем поклоник на пантомимата од Ботевград, Бугарија кој долго време живее во Брисел. За неа ќе одлучува жирито на чие чело е режисерката Александра Ковачевиќ, а автор на идејното решение за плакатот и пропагандниот материјал е Горазд Цветковски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG