Достапни линкови

„Лица без маски“ по петти пат


Театарската престава „Антигона“ од Софокле на театар „Зуки“ од Украина.
Театарската престава „Антигона“ од Софокле на театар „Зуки“ од Украина.

Со претставата „Обичаи“ на театарот на „Нов бугарски универзитет“ ќе биде отворено петтото јубилејно издание на фестивалот на алтернативен и експериментален театарски израз „Лица без маски“.

Четири ексклузивни театарски претстави кои зборуваат за денешната отуѓеност на човекот, светот на иронијата во кој живееме, како и за вреднувањето на вистинските квалитети на историјата и традицијата оставена од нашите предци ќе го одбележат петтото јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Минимализмот којшто оваа година го преставуваме е еден конинуитет на нашиот фестивал уште од почетокот и мислам дека е еден од главните текови на современото театарско изразување, значи со што помалку изразни сретства да се направи нешто многу големо, нешто многу моќно и нешто многу значајно.
Игор Ивковиќ, селектор на „Лица без маски“.

Така, ако „Обичаи“ на „Нов бугарски универзитет“ и режисерката Васкресија Лихарова е вистинска претстава за ритуален театар кој кореспондира со современиот јазичен театарски систем, тогаш „Направете чај“ на чешкиот театар „Млејн“ е урбана приказна полна со пантомима, акробатика и жонглирање, во која двете актерки на свој начин говорат за блискоста, несебичноста и друштвеноста.
Театарската престава „Обичаи“ на „Нов бугарски универзитет“.
Театарската престава „Обичаи“ на „Нов бугарски универзитет“.

Следува, „Антигона“ од Софокле на театар „Зуки“ од Украина во која мошне луцидно и со минималистички средства е раскажана сторијата за Кралот на Теба, Креон кој влегува во судир со законот и Боговите и за крај се оставени италијанскиот театар „Костелационе“ и нивната „Пластични луѓе“, всушност претстава која го вперува прстот врз наметнатиот ТВ воајеризам во кој живееме денеска.

„Минимализмот којшто оваа година го преставуваме е еден конинуитет на нашиот фестивал уште од почетокот и мислам дека е еден од главните текови на современото театарско изразување, значи со што помалку изразни сретства да се направи нешто многу големо, нешто многу моќно и нешто многу значајно“, вели селекторот Игор Ивковиќ.

Тој дополнува дека споменативе претстави, заедно со онаа на театарот „Бранко Крсмановиќ“ кој во последен момент го откажа учеството на манифестацијата, се одбрани од вкупно 56 пристигнати апликации и дека тие ќе се борат за единствената награда Гранд при за најдобра претстава во целина за која ќе решава тричленото жири составено од актерите Магдалена Ризова Черних и Трајче Георгиев и режисерот Ристе Алексовски.

Покрај ова, за време на одржувањето на „Лица без маски“ ќе се случат и неколку работилници и една панел дискусија на тема: „Светскиот независен театар денес, како тој егзистира и се развива?“.

Ова јубилејно издание на фестивалот, организаторите СПЛУНГ – автори, Театар 007 и Универзална сала, го искористија да ја сторат и промоцијата на новата „Мала сцена“. Станува збор за простор со површина од 200 метри квадратни кој располага со потребната опрема и 150 седишта и како што вели продуцентот Миодраг Костиќ, ќе биде наменет за секаков вид културни настани.

„Докажавме дека соработка од овој вид е возможна, значи соработка помеѓу независна театарска продукција и јавна институција.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG