Достапни линкови

Руски план за спречување на Украина да влезе во ЕУ


претседателот на Украина Виктор Јанукович

претседателот на Украина Виктор Јанукович

Тензиите меѓу Киев и Москва особено ескалираа по објавувањето на документот кој наводно бил план на Кремљ за спречување на укринската интеграција во Европската унија. Колку има вистина во тоа и дали евентуалниот план ќе има последици во Украина?

Познато е дека Москва е решена да ја спречи Украина да потпише спогодба за асоцирање со Европската унија. Сега, по се изгледа, Кремљ има и план за тоа.
Барем така мислат повеќето Украинци откако весникот „Џеркало Тижнија“ објави документ од десет страници со наведени потези на Москва за ширење на нејзиното влијание во Украина.

Јавноста е поделена околу автентичноста на документот, но екс шефот на украинската дипломатија Володимир Охризко за Радио Слободна Европа вели дека не се сомнева во таквите намери на Москва.

„Можеби забележавте такви зборови како принуда и присилување. Тоа е основата на руската политика спрема Украина подолго време. Во документот нема ништо ново, само продолжување на истиот империјалистички курс.“

Охризко се надева дека документот ќе го прочитаат што повеќе западни дипломати за конечно да сфатат дека против Украина се води систематска идеолошка, политичка, економска и информациска војна.

Во документот се открива план за постигнување три цели: спречување Украина да потпише Спогодба за асоцијација со Унијата, формирање влијателна мрежа на проруски организации способни да ја спречат владата да презема акции кои нема да бидат корисни за Русија и доведување на Украина во царинска унија и заеднички пазар со Русија до 2015 година.

Можеби забележавте такви зборови како принуда и присилување. Тоа е основата на руската политика спрема Украина подолго време. Во документот нема ништо ново, само продолжување на истиот империјалистички курс.

До објавувањето на планот дојде во време на зголемени тензии меѓу двете земји. Русија започна поинтензивни контроли на увезената стока од Украина, наведувајќи дека така ќе било доколку Киев ја прифати, како што се наведува, самобиствената спогодба со Брисел.

Во документот се прецизира дека украинскиот политичар Виктор Медведчук може да одигра клучна улога во постигнувањето на зацртаните цели. Тој ова го демантира, наведувајќи дека станува збор за лажни тајни документи.

Контроверзите фрлаат светлина и врз позицијата на украинскиот претседател Виктор Јанукович кој кога ја презеде функцијата во 2010 година важеше за проруски човек кој ќе ги интензивира врските со Москва. Но, тој почна да ја следи проевропската линија и Украина стана успешна приказна за Брисел, се разбира ако се исклучи затворањето на поранешната премиерка Јулија Тимошенко.
Владимир Путин, Виктор Медведчук

Владимир Путин, Виктор Медведчук


Дали 59 годишниот Медведчук е избран од Москва за нејзин кандидат на претседателските избори по две години?

„Изјавите за поддршка на Медведчук што Путин веќе ги има дадено, можат да помогнат за зголемување на неговиот рејтинг, до одреден степен. Парадоксално, историската мисија на Медведчук би можело да биде само да го спречи Јанукович да добие втор претседателски мандат“, вели политичкиот аналитичар Тарас Березовец.

Инаку, Путин и сопругата на рускиот премиер Медведев и се кумови на керќата на Медведчук, а за време на неодамнешната посета на Украина, Путин повеќе време мина со Медведчук, отколку со Јанукович.

Медведчук со години е влијателен заткулисен играч, но ја нема поддршката на јавноста, особено во Источна Украина, каде што, голема популарност ужива токму Владимир Путин.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG