Достапни линкови

Каде бега Сноуден?


Поранешниот соработник на американските тајни служби не се качил на авионот кон Куба. Тој побарал азил во Еквадор, а барањата за негова екстрадиција не пројдоа ни во Хонг Конг, ни во Москва.

Министерот за надворешни работи на Еквадор, Рикардо Арока, на прес-конференција го прочита барањето за азил на Едвард Сноуден. Поранешниот соработник на американските разузнавачки служби е соочен со обвиненија за шпионажа и Соединетите Американски Држави од руските власти бараат негова екстрадиција.
Би било големо разочарување доколку му се дозволи на Сноуден да се качи на авион. Ако тоа се случи, не е спорно дека таквата постапка ќе има влијание на односите и ќе има последици.
Џон Кери, државен секретар на САД.

„Верувам дека со оглед на ваквите околности, јас нема да добијам фер судење ниту, пак, фер третман пред судскиот процес. Може да добијам доживотна казна затвор и може да бидам убиен“, се наведува во барањето за азил на Сноуден кое го прочита министерот.

„Владата одржува дипломатски контакт со руските власти кои се информирани дека Еквадор го разгледува барањето за азил на господинот Сноуден. За ова прашање руската влада треба да донесе одлука во согласност со своите и меѓународните законски прописи“, изјави Арока.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери посочи дека доколку руските власти му дозволат на Сноуден да се качи на авион кон трета земја, тоа ќе има ефект и последици на американско–руските односи.

„Би било големо разочарување доколку му се дозволи на Сноуден да се качи на авион. Ако тоа се случи, не е спорно дека таквата постапка ќе има влијание на односите и ќе има последици“, рече Кери.

Американскиот сенатор Чак Шумер ја критикуваше одлуката на руските власти да не го вратат Сноуден во САД

„Фрустрира тоа што рускиот претседател Владимир Путин го помага бегството на Сноуден. Во крајна линија, јасно е дека сојузниците треба достоинствено да се однесуваат едни кон други, а Путин како едвај да чека да им пикне прст во очите на Соединетите Држави“, рече Шумер.

Сноуден пристигна во Москва од Хонг Конг во неделата, каде се криеше по објавувањето на доверливи разузнавачки информации. Официјален Хонг Конг соопшти дека налогот за апсење на поранешниот соработник на Националната агенција за безбедност не бил во согласност со тамошните судски стандарди.

Поранешниот разузнавач меѓу другото обелодени информации за програма за надзор на светски комуникации на САД. Американските власти прибирале информации од комуникациски сервиси како „Фејсбук“ и „Гугл“ за илјадници лица. Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама соопшти дека програмите за надзор се под контрола на Конгресот и судските институции, додавајќи дека преку нив било спречено остварувањето на 50 терористички планови.

Сноуден се товари за кражба на владина сопственост, неовластен пренос на информации за национална безбедност и самоиницијативно испраќање на доверливи информации на неовластени лица.
XS
SM
MD
LG