Достапни линкови

Асанж - човек со опсесија да открива


Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Кој е Џулијан Aсанж, загадочна фигура која ја основа интернет страницата Викиликс која го засрами Вашингтон, откако го преплави светот со доверливи американски дипломатски телеграми? 39-годишниот Австралиец е познат како компјутерски хакер, студент по филозофија и некој кој ги мрази владините тајни. Од вчера е и со Интерпол потерница под сомневање за сексуално злоставување.

Џулијан Асанж е човек со опсесија да им го открие внатрешното работење на владите на обичните луѓе. Тука пред се, станува збор за доверливи активностите на владите, како предмет на злоупотреба на нивната моќ, што, како што вели, може да се провери само доколку се откријат на бел ден. Вака тој своите верувања ги објасни во интервјуто за Радио Слободна Европа пред неколку месеци:

„Визијата зад ова е навистина античка. Со цел да се донесе некоја разумна одлука вие треба да знаете што навистина се случува и да разберете какви злоупотреби или планови за злоупотреби се случуваат. Како технолози, можеме да видиме дека големите реформи доаѓаат кога јавноста и носителите на одлуки можат да видат што навистина се случува.“

Последното објавувањето на неговата интернет страница Викиликс на околу четврт милион доверливи телеграми би требало да ја задоволи неговата манија за откривање. Претходно на Викиликс протекоа материјали на американската влада за војните во Ирак и во Авганистан.

Асанж кој е роден во тропскиот град Таунсвил во Австралија отсекогаш изразувал интерес за компјутерска техника, а уште на 16 години започна со хакирање на интернет при што формира група која ја нарече Меѓународни субверзии.
Неколку години подоцна неговата дејност го привлече вниманието на полицијата и тој беше осуден со укор за лошо однесување. Студирал на повеќе австралиски универзитети, во почетокот физика и математика, а потоа филозофија. Неговиот интерес за новите медиуми и неговата опсесивна омраза спрема државните тајни се зголемија до таа мерка што во 2006 година доведоа до формирање на веб-страницата Викиликс. Од тогаш тој има освоено неколку награди, вклучувајќи и една од организацијата за човекови права Амнести интернешнал во 2009 година за откривање нелегални убиства во Кенија.

Џулијан Асанж

Во моментов не се знае каде престојува. Меѓународната полициска организација Интерпол издаде црвена потерница врз основа на барањето на Шведска за испитување во врска со наводите за сексуален напад врз две жени. Асанж ги отфрла обвинувањата за кои смета дека се дел од клеветничка кампања против него.

Американската влада, разгневена од континуираното протекување доверливи преписки, бара начини го обвини Асанж за шпионажа. Но, експертите велат дека за тоа ќе и треба докази оти Асанж бил во контакт со претставници на некоја странска сила и притоа им ги понудил доверливите документи. Такво нешто не постои во неговиот случај. Можеби на американските власти им останува уште да го гонат за грабеж на владин имот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG