Достапни линкови

Сиријскиот режим ја мина црвената линија?


Белата куќа соопшти дека американските разузнавачки служби оцениле со различен степен на доверба дека сиријскиот режим употребил хемиско оружје. Претседателот Барак Обама претходно предупреди дека тоа ќе биде „црвената линија“ која ќе значи меѓународна акција за запирање на крватата граѓанска војна во Сирија.

Разузнавачките информации биле во писмо што Белата куќа им го испрати на членови на Конгресот. Оваа го обелодени министерот за одбрана Чак Хејгел за време на неговата посета на Обединетите Арапски Емирати.
Американската разузнавачка заедница процени, со одреден различен степен на веродостојност, дека сиријскиот режим употребил хемиско оружје во помал обем, особено гасот сарин.

„Американската разузнавачка заедница процени, со одреден различен степен на веродостојност, дека сиријскиот режим употребил хемиско оружје во помал обем, особено гасот сарин.“

Во писмото се наведува дека разузнавачката проценка се базирала врз одредени физиолошки примероци.
министерот за одбрана Чак Хејгел

министерот за одбрана Чак Хејгел


Сепак, притоа се додава дека, за конечна проценка, ќе бидат потребни натамошни веродостојни и поткрепени факти.
Со оглед на сериозноста на ситуацијата, но и на она што го научивме од сопственото неодамнешно искуство, разузнавачките проценки сами по себе не се доволни.

„Со оглед на сериозноста на ситуацијата, но и на она што го научивме од сопственото неодамнешно искуство, разузнавачките проценки сами по себе не се доволни“, се заклучува во писмото упатено до двајца членови на Конгресот, републиканецот Џон Мекејн и демократот Карл Левин кои инсистираат на интервенција во Сирија.

Претпазливост побара и министерот Хејгел.

„Ова е сериозна работа. Неопходни ни се сите факти.“

Хејгел потенцира дека ако се докаже употребата на сарин, тогаш тоа би значело кршење на сите конвенции за водење војни.

Претседателот Барак Обама веќе предупреди дека употребата на хемиско оружје ќе биде решавачко за ангажирање на меѓународната заедница во сиријскиот конфликт.


Тоа на извесен начин го потврди и Белата куќа на специјалниот брифинг за новинарите на кој е нагласено дека администрацијата ги користи разузнавачките проценки како почетна точка во истрагата по веродостојни факти за нивна потврда.

Претставник на Белата куќа соопшти дека ставот за „црвената линија“ не се променила и оти доколку се докаже употребата на хемиско оружје тогаш Обама ќе се консултирал со сојузниците и меѓународната заедница за можните опции.

Пред неколку денови еден израелски генерал и британската влада ги обвинија сиријските владини сили дека употребиле сарин. Сиријскиот режим и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат за користење на хемиско оружје.

Деновиве, во западните медиуми се интензивира мислењето дека меѓународната заедница не сторила доволно за запирање на над двегодишниот крвав граѓански конфликт кој избувна по барањето на опозицијата за заминување на режимот на претседателот Башар ал Асад.

Според извештаите, и покрај поддршката што Западот им ја дава на бунтовниците, режимот е далеку од паѓање, а добровооружените владини војници почнале да ја враќаат контролата врз делови освоени од бунтовниците.

Последните проценки говорат дека најмалку 70 илјади луѓе загинале и оти една четвртина од 23-милионската популација била раселена.

Се претпоставува дека до крајот на годинава на 10 милиони Сиријци ќе им биде потребна хуманитарна помош.

Се поинтензивниот верски вкус на граѓанската војна се шири и преку границите, посебно во Либан и Ирак.

Веќе има оценки дека станува збор за најголема хуманитарната трагедија во светски и за најопасна криза во регионални рамки.

„Наскоро ќе имаме Сомалија на Медитеранот“, пишува весникот Гардијан кој конфликтот во Сирија го споредува и со војните во поранешна Југославија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG